Во документите од воените архиви на нацистичка Германија од времето на Втората светска војна, Германците многу јасно и прецизно известуваат за постоењето на Македонците и оригинерно „движење за независност“. Се споменува податокот дека партизаните предводени од Петре Пирузев-Мајски се декларирале како македонски ослободителен одред и дека „комунистите се водечки во ова движење за независност“
Од германските воени архиви: Бугарското сојузништво со Третиот рајх и сведоштва за македонската борба за независност
Германските воени архиви од Втората светска војна, со своите многубројни документи, јасно говорат за македонската борба за самостојна држава во текот на војната. Во исто време, тие прецизно сведочат за поврзаноста на царска Бугарија со Третиот рајх. На пример, во доверлив извештај од 1943 година, Германците многу јасно и прецизно известуваат за Македонци и „движење за независност“. А за царска Бугарија како окупаторски наметнувала и преименувала улици во Скопје.
Бугарските окупаторски власти именувале скопска улица во чест на Адолф Хитлер
Во доверливата германска телеграма од 26 мај 1941 година дознаваме дека бугарските власти по окупацијата на Македонија, по повод прославувањето на делото на Св. Кирил и Методиј, со големи свечености на некои од улиците во Скопје им дале имиња на германски и италијански водачи.
Неколку улици биле именувани како Адолф Хитлер, генералфелдмаршал Лист, генерал Линдеман, генерал Штуме, генерал Хубеки, барон Фон Рихтхофен, десетар Хајнц Рикен, како и улица 7 април (денот на влегувањето на германската армија и окупирањето на Скопје).
Во понатамошниот дел на телеграмата, можеме да прочитаме дека некои од улиците биле именувани и како Виктор Емануел (италијанскиот крал), Бенито Мусолини, гроф Магистрати (италијански пратеник во Софија).
Во германскиот извештај се констатира дека Бугарија не ги познава условите во Македонија
Во доверливиот извештај од 23 ноември 1943 година, испратен до германскиот воен аташе во Софија и наредбодавецот на воениот округ Бугарија, се анализира политичката состојба во Албанија и бугарско-македонската граница. Во извештајот за Македонците, кои биле под албанска, односно италијанска окупација, се вели дека сосема мал дел бил пробугарски расположен. Во анализата се укажува дека постојат „приврзаници кон една слободна самостојна македонска држава.“
Авторот на извештајот претпоставува дека кај нив постои и комунистичко влијание бидејќи партизаните предводени од Петре Пирузев-Мајски се декларирале како македонски ослободителен одред, а исто така во бугаро-македонскиот простор комунистите се водечки во ова „движење за независност“.
Во извештајот се констатира дека: „Денес Бугарија не ги разбира приликите во бугарска Македонија и изгледа дека не сфаќа зошто голем дел од Македонците се прокомунистички ориентирани. За време на постоењето на Југославија македонското малцинство свесно и намерно се сврте кон Комунистичката партија, зашто не можеше да им се придружи со другите граѓанските партии во Југославија, кои беа големосрпски и шовинистички.“
Македонците се непријателски настроени кон германската армија
Во германскиот документ, кој е именуван како таен команден предмет од 22 септември 1944 година, се вели дека целокупната борбена област Македонија е боиште и треба да се очекуваат непријателски напади. Во понатамошниот дел се предупредува дека „на секој германски војник или цивил мора да му биде јасно дека постојано е опколен од непријателско настроено население кое го чека само моментот на напад од надвор, за да се ослободи со едно внатрешно востание.“