Во Стразбур, Франција, денеска започна со работа есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, пред чии членови ќе се обрати и новиот шеф на македонската дипломатија Тимчо Муцунски
Во Стразбур денеска започна со работа есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа
На пленарната сесија се очекува да говори македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, со што е отворена уште една добра можност да се истакнат ориентациите на новата македонска влада пред претставниците на парламентите од 46-те земји членки на Советот на Европа.
Свое обраќање ќе има и новиот генерален секретар на Советот на Европа, Швајцарецот Ален Берсет, кој неодамна ја презеде оваа функција. Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, претседател на Комитетот на министри, ќе ја презентира традиционалната комуникација на ова тело и ќе одговара на прашања од парламентарците.
Церемонијата на доделување на наградата „Вацлав Хавел“ за 2024 година – која им оддава признание на истакнати бранители на човековите права низ светот – ќе биде еден од најважните моменти на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Носителот ќе биде избран од тројца однапред избрани кандидати. На церемонијата говор ќе има и добитникот на наградата за 2022 година, Владимир Кара-Мурза, кој неодамна е ослободен од затвор во Русија.
Парламентарното сослушување на Џулијан Асанж во фокусот
Новинарите со големо внимание го очекуваат парламентарното сослушување на Џулијан Асанж, по што е предвидена и дебата на пленарната сесија за неговото притворање и осудување и застрашувачките ефекти врз човековите права; за пропагандата и слободата на информирање во Европа. Предвидена е и дебата за одбележување на 90-годишнината од Холодомор (гладот и поморот на луѓе во советска Украина).
Во Стразбур ќе се одржи заедничка дебата за заеднички европски пристап во борбата против шверцот на мигранти и за расветлување на судбината на исчезнатите мигранти, бегалци и баратели на азил, при што комесарот за човекови права Мајкл О’Флаерти ќе има размена на мислења и со комисијата на ПССЕ за миграција, бегалци и раселени лица.
Примени се и барања за итни дебати на темата „Влошување на состојбата со човековите права, владеењето на правото и демократијата во Азербејџан“, како и на тема за исчезнатите лица поради војната во Украина: „Воени затвореници и цивили во заробеништво“ и „Итноста на здравствената и хуманитарната состојба на жените и децата во Газа“.
Собранието исто така ќе дебатира за ситуацијата во Иран и заштитата на иранските бранители на човекови права во земјите членки на Советот на Европа; за спречувањето и борбата против насилството и дискриминацијата врз лезбејките, бисексуалните и квир-жените во Европа; и за заштитата на човековите права и подобрувањето на животот на сексуалните работници и жртвите на сексуална експлоатација.
Во Стразбур ќе имаме комплетна парламентарна делегација
Во Стразбур ќе се одржат дебата и дискусии за работата на Банката за развој на Советот на Европа за спроведување на декларацијата од Рејкјавик, со интервенција на гувернерот на банката Карло Монтичели, за почитување на обврските од страна на Босна и Херцеговина, за ризиците и можностите на метаверзумот и за гарантирањето на човековото право на храна.
По подолго време во Стразбур ќе имаме комплетна парламентарна делегација, предводена од Марија Петрушевска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, придружувана од Беким Ќоку од коалицијата Влен и од Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ, која е единствена со искуство во работата на ПССЕ. Пред парламентарното собрание ќе се дебатира и за извештајот за мониторингот на Босна и Херцеговина, подготвен од тогашниот македонски член на ПССЕ Александар Николовски, кој поради својата министерска функција во македонската влада не ќе може да го брани, но тоа ќе биде задача на другиот коизвестувач, унгарскиот пратеник Золт Немет.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур