Лилјана Тасевска, првата претседателка на Македонското учителско друштво од државата Викторија, Австралија
Професорката Лилјана Тасевска од Мелбурн со својата животна и професионална биографија претставува своевиден доказен пример за временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик во Австралија. Родена во Битола, на деветгодишна возраст со семејството заминува за Австралија, каде што го заокружува своето образование како професорка по англиски и француски јазик, но активно работи на унапредување и афирмирање на употребата на македонскиот јазик на овој континент. Во времето кога се напушта концептот на асимилација на доселениците (во 1976 година) нарекуван „бела Австралија“ и се насочува кон концептот мултикултирализам и повеќејазичност, во 1982 година се формира Македонското учителско друштво, како иницијатива што успева ги имплементира можностите за изучување на македонскиот јазик во тамошниот образовен систем.
– Во 1981 година, на ниво на сојузната држава Викторија, беше воведена програма на размена на наставници од целиот свет, за изучување на јазиците на доселеничките заедници во Австралија што се дел од мултикултурниот амбиент на Австралија. Таа програма ја искористив како можност да одам во Македонија (тогаш сѐ уште во Југославија), да добијам искуство и обука за да предавам македонски јазик. Една година работев во средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“. Во тој период, во државата Викторија, по канадски модел беше воведена двојазичната програма во основното и средното образование, каде што учениците имаа можност да учат и на англиски јазик, паралелно со јазикот на етничката заедница на која ѝ припаѓаат. Оваа програма најчесто се практикува во средини каде што одредена заедница е бројно сконцентрирана, како што македонските иселеници вообичаено населуваат одредени делови од австралиските градови. Сличен е начинот на сконцентрираност во одредени делови и на другите заедници во Австралија, од кои најмногубројни се италијанската и грчката. Многубројна е и македонската заедница, а најголема е во Мелбурн и околината. Таквата политика на поддршка на мултикултурализмот и мултијазичноста, македонската заедница активно ја прифати и имаше голем интерес за изучување на македонскиот јазик. Програма за изучување македонски јазик во редовна настава има во пет-шест основни училишта во Мелбурн, како и во две-четири средни училишта. Во Австралија се признаваат 168 јазици, кои можат да се изучуваат во образованието, но, сепак, англискиот јазик е своевиден „чадор“, кој ја обединува нацијата. Високото образование е само на англиски јазик – вели Лилјана Тасева.
Кога во 1982 година се формира Македонското учителско друштво на државата Викторија, тоа станува дел од Интернационалното друштво на учители, а Лилјана Тасевска станува негова прва претседателка. Друштвото е сѐ уште активно, годинава ќе одбележи 40 години постоење, а одиграло важна мисија во осуетување на обидот под политичко влијание да се измени именувањето на македонскиот јазик во образовниот систем на Австралија. Во деведесеттите години од минатиот век, кога на власт доаѓаат либералите, кои имаат голема поддршка од грчката заедница, премиерот носи одлука македонскиот јазик да се нарекува „славомакедонски“. Македонското учителско друштво, заедно со Здружението за заштита на човековите права, поведува постапка пред Федералниот суд на Австралија за оваа одлука, наведувајќи дека е дискриминаторска. По неколкугодишна судска битка, Федералниот суд на Австралија пресудува дека одлуката за преименување на македонскиот јазик е навистина дискриминација и ја укинува употребата на „славомакедонското“ именување, иако во практика во документите тоа не се ни применувало.
– Македонскиот јазик во Австралија има единствен статус во светот. За многумина доселеници од Егејска Македонија, од првата генерација, Австралија преставува првата слободна средина каде што слободно можеле да говорат на својот македонски јазик. Денес, во Австралија веќе живее некоја четврта-петта генерација Македонци, а има и нови бранови на доселување од Македонија на млади луѓе што имаат поинакви очекувања и поинаков почеток од повозрасните генерации што претходно се доселиле. Македонскиот јазик е нивната заедничка нишка што ги поврзува, колку различно (секој на својот дијалект) и да го зборуваат, колку и да се генерациски различни. Сепак, мора да се признае дека младите сега повеќе брзаат да се интегрираат во австралиската средина, прифаќајќи го англискиот јазик како средство за комуникација. Порано имавме по 150 ученици што го избираа македонскиот јазик како матурски предмет (познавањето друг јазик, освен англискиот, при упис на факултет носи дополнителни поени), а сега одвај петнаесетина. Сепак, испитите по македонски јазик и понатаму се дел од јазичната програма на Министерството за образование – вели Лилјана Тасевска.
Меѓу другото, професорката Лилјана открива еден интересен феномен на учење на македонскиот јазик меѓу Македонците во Австралија. Глобалната комуникација и можноста преку сателитски програми да се следат македонските телевизии во Австралија го развиле феноменот на следење на синхронизираните турски серии меѓу Македонците таму, кои на тој начин „активно“ го усвојуваат македонскиот јазик. Таа открива и дека политичките случувања во Македонија, особено промената на името на државата меѓу Македонците во Австралија, биле почувствувани како да ја изгубиле поддршката од својата земја. Но таквата состојба им дава за право повеќе да ги ценат придобивките на статусот на својата заедница и на македонскиот јазик како дел од мултикултурноста на Австралија.