Голем број Македонци, студенти и ученици што го изучуваат македонскиот јазик, книжевници, музичари и други важни чинители на хрватската општествена стварност со оваа манифестација чествуваа неколку значаjни јубилеи: 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Рацин, и тоа токму во Самобор, 80 години од одлуката на АСНОМ македонскиот јазик да е официјален во македонската држава и 80 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – Шоповата „Песни“. Предавања одржаа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Рацин, Шопов и македонскиот правопис во фокусот на манифестација во Самобор
Го имаме Рацин, кој е всушност канон, значи дека постоиме како култура, како јазик, како нација! Почетокот на официјализирањето на македонскиот јазик на Првото заседание на АСНОМ и градењето на нацијата не се без корен, иако нашите соседи и од југот и од истокот упорно се обидуваат да се убедат себеси, Европа и светот дека македонската нација е накарадно „посадена“ во една новоформирана бившојугословенска република. Првата книга на македонски јазик во слободна Македонија напишана од Ацо Шопов не е само резултат на борбата, туку и самата, тогаш, сѐ уште е и борба – борба со збор, но и со културолошки и општествен чекор што го распламтува македонското постоење како факт, но и како конкретно остварен легален и легитимен чин, наспроти претходното третирање на употребата на македонскиот јазик за илегалност. Со книгата објавена во 1944 година, Шопов и ја остварува литературно-јазичната заложба на Крсте Мисирков на дело. Ова се дел од пораките што беа упатени на манифестацијата „Македонскиот јазик е наш идентитет“ што се одржа во преполната сала на Градската библиотека во Самобор, Хрватска, со финансиска поддршка на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска.
Во централниот дел на манифестацијата предавања одржаа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Голем број Македонци, студенти и ученици што го изучуваат македонскиот јазик, книжевници, музичари и други важни чинители на хрватската општествена стварност со оваа манифестација чествуваа неколку значајни јубилеи: 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Рацин, и тоа токму во Самобор, 80 години од одлуката на АСНОМ македонскиот јазик да е официјален во македонската држава и 80 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – Шоповата „Песни“. Носител на проектот беше македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб, под координација на македонистката што живее и работи во Хрватска, Ивана Брезовец.
– Манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ за првпат се одржува годинава. Нашиот јазик и книжевност имаат свои значајни личности и датуми што заслужуваат достојно да бидат одбележани и надвор од границите на нашата земја. Мојата желба беше Самобор и Рацин да нѐ обединат и да бидат мостот што нѐ поврзува. На исто место на македонски јазик да зборуваат најзначајните проучувачи, кои посветено работат во промовирањето и проучување на делото на нашите основоположници, на нашите инспиративни поети, писатели, критичари, научни работници – истакна Брезовец.
„Силно светнал ден“ беше насловено предавањето на истакнатиот рацинолог Весна Мојсова-Чепишевска, во кое за првпат на таков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на книгата „Бели мугри“ од Рацин, со осврнување и кон досегашните научни согледби. Во исто време, таа се осврна и на книжевната генеза на „Бели мугри“, но и воопшто на релациите на Рацин со Хрватска.
– Ако се согледа во целост Рациновиот творечки опус, нè запрепастува фактот дека тој главно е објавен токму во Хрватска. Некои од тие трудови, како расказот „Во каменоломот“, кој победува на литературниот конкурс на загрепското списание „Литература“ во 1932 година, или песната „До еден работник“ како прва авторска песна објавена на македонски јазик во 20 век, конкретно во април 1936 година, во загрепското списание „Книжевник“ и особено поетската збирка „Бели мугри“ и визионарскиот манифест за раѓањето на новата македонска книжевност под наслов „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“, повторно објавен во Загреб, во 1940 година, сите тие се од исклучителна важност за развојот на македонската книжевност, и тоа од повеќе аспекти – литературно-историски, уметнички, јазички и теориски – нагласи Мојсова-Чепишевска.
Таа напомена и дека со збирката „Бели мугри“ се удираат темелите на современата македонска поезија.
– Кочо Рацин е канон. Со неговата збирка „Бели мугри“ се удираат темелите на современата македонска поезија. Рацин со помош на креативната корекција, која е манифестирана преку напуштањето на поетиката на експресионизмот и ослободувањето од српскохрватскиот, односно српскиот јазик се издигнува во канон. Потврда за Рацин како канон во македонската современа книжевност претставува и влијанието што тој ќе го изврши врз хрватскиот поет Јуре Каштелан, кој во 1948 година во Хрватска ја објавува книгата „Македонски народни песни“, што претставува прв повоен препев на македонската народна поезија на хрватски јазик и воопшто на некој друг јазик – наведе Мојсова-Чепишевска.
Лингвистиката Елка Јачева-Улчар одржа предавање под наслов „Претходниците и историјатот на македонскиот правопис – од одлуката за неговото донесување на 2.8.1944 до денес“.
– Покрај пишувањето на македонски и за македонскиот јазик од нашите преродбеници и учебникари во 19 век, како Константин Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Македонски и други, македонскиот јазик, речиси, истовремено со излегувањето на Пулевската „Славјанско-маќедонска општа историја“ (1892) ја добива својата научна потврда за своето постоење. Станува збор за првата одбранета докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес „Тарту“) во Естонија. Докторандот е балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг, кој исто како и Крсте Мисирков бил ученик и пријател на Иван Александрович Бодуен де Куртене, којшто бил и поддржувач на тезата за засебноста на македонскиот јазик: македонските говори што ги истражувал во 1877 г. ги изделил како посебна словенска гранка – нагласи Јачева-Улчар.
За првата поетска книга во слободна Македонија говореше Иван Антоновски, кој важи за познавач на творештвото на Ацо Шопов, при што овој пат поезијата на македонскиот класик беше ставена и во дијалог со творештвото, идеологијата и визијата на Рацин.
– Некој можеби и ќе рече дека ако „Песни“ не се случела во таа, 1944, имајќи ги предвид натамошните творечки остварувања на Шопов, сигурно би била пообемна и поетички покомплексна. Но, очигледно, таа се случува тогаш и како резултат на свесноста дека е нужна, неопходна и за самиот развиток на македонскиот литературен јазик. За да биде и книжевен браник од тогашните и натамошните напади и нелингвистички негирања упатени кон него, за кои, несомнено, Шопов бил повеќе од свесен, и затоа, неколку години подоцна, во 1950 година, Шопов отворено ќе порача: „Информбировците од Бугарија можат да го одречуваат македонскиот јазик колку што сакаат. Нивно е да се нервираат и псуат. А ние сигурно одиме по правиот пат во развитокот на нашиот литературен јазик“. Се чини истово важи и денес, за наследниците на информбировците, по не малку минати децении од тој непрекинат развиток, кога Шоповата „Песни“ е една од неговите почетни точки – книга во која официјално се остварува нашиот народен јазик слободно, и пред да се случи процесот на кодификација – нагласи меѓу другото Антоновски.
На овој дел од манифестацијата со поддршка за настанот се обратија и Маја А. Балабурски, ополномоштена министерка во македонската амбасада во Хрватска, Миран Шиоќ, претседател на Градскиот совет на Самобор, директорката на Градската библиотека, Мирјана Димњаковиќ, и претседателката на „Охридски бисер“, Виолета Штерјова.
Во рамките на централниот настан на манифестацијата, покрај предавањата на истакнатите истражувачи, со учество на најмладите се рецитираше и поезија на македонски и во препев на хрватски јазик. Програмата ја збогатија музичките ансамбли „Езерки“ и „Моми бисерни“, при што македонската народна песна одекна во Самобор. Во текот на манифестацијата, со учесниците од Македонија беа одржани работни средби во македонската амбасада и во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Македонското културно друштво „Охридски бисер“ ѝ подари триесет книги на Градската библиотека во Самобор од издаваштвото на Заедницата на Македонците во Република Хрватска.
– Ова за нас е прва манифестација од ваков вид и се надевам дека ќе прерасне во традиција, а дека Самобор и Загреб ќе продолжат да бидат едни од најзначајните центри на македонистиката – заклучува Брезовец. Н.М.