Фото: Илустрација

Група студенти од природни и технички науки во координација со Македонското еколошко друштво во изминатата недела поставија три прототип-замки за заловување рисови во националниот парк Маврово.
Дизајнот на замката е избран за победничко решение на Иновацискиот камп што се одржа со поддршка од УНИЦЕФ, на кој студентите се посветија на изнаоѓање иновативен начин да се заловат рисовите, кои се загрозен вид на работ на изумирање за понатаму да се следат, истражуваат и да се заштитат од истребување. Прототип-замката помага безбедно да се залови рисот и да му се стави ГПС-околувратник за екологистите да го проучуваат и да го следат нивното движење, информираат од УНИЦЕФ.
Тие појаснуваат дека целта на Иновациските кампови е младите да се поттикнат да развиваат иновативни идеи за климатска акција и заштита на околината; да се зајакне нивната соработка со приватниот сектор за да се обезбеди одржливост на иновативните идеи и да се охрабрат активно да учествуваат и самостојно да се залагаат за спроведување на своите иницијативи.
Иван Јованов, извршен директор на здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“, информира дека студентите покажале креативност и разбирање за предизвикот и со своето знаење и посветеност во изминатите неколку месеци и изразиле желба за придонес кон зачувување на животната средина.
Иновацискиот камп е организиран во рамките на проектот „Иновациски кампови во соработка со Мрежата за искуствено учење“, кој се реализира од страна на здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (ЛЕАД) во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка од Шведска. П.Р