Малата ракопсина буква ш

Кога станува збор за дигиталната комуникација на кирилица, во многу случаи во Македонија се користат фонтови со бугарски или руски букви, иако ние имаме свои, македонски, карактеристични само за македонската кирилица и токму тие ја прават уникатна и различна од сите други светски кирилични писма

Современиот живот и развојот на технологијата поставуваат нови предизвици и за некои потврдени и дефинирани категории на комуникацијата, како писмата, односно знаците-графеми за пишување. Официјално писмо на македонскиот јазик е македонската кирилица, за која е забележливо дека во дигиталниот свет се употребува со низа недоследности. Такви недоследности, но и решенија за нивно надминување препознава и нуди Ласко Џуровски, во својата студија презентирана на Летната школа на Меѓународниот семинар по македонски јазик.

– Свеста за правилна употреба на македонската кирилица кај нас сѐ уште е на ниско ниво, особено на социјалните мрежи. Затоа, неопходно е да најдеме соодветен начин за унапредување и презентација на нашите културни посебности претставени преку македонското кирилично писмо. Тоа можеме да го постигнеме единствено со соодветна едукација за изгледот и значењето на македонската кирилица и нејзината соодветна употреба во сите сфери на културата, на сите медиуми. Едукацијата посветена на изгледот и примената на кирилицата на дигиталните медиуми отсуствува од програмите на националните установи, кои би требало да бидат водечка сила во промовирањето на тие наши уникатни културни вредности што нѐ прават, како народ и нација, единствени и различни од сите други – вели Џуровски.

Тој забележува дека кога станува збор за дигиталната комуникација на кирилица, во многу случаи во Македонија се користат фонтови со бугарски или руски букви, иако ние имаме свои, македонски, карактеристични само за македонската кирилица и токму тие ја прават уникатна и различна од сите други светски кирилични писма. Истовремено, Џуровски констатира дека на македонската кирилица ѝ е потребен „генерален ремонт“, односно нејзино приспособување на дигиталната типографија во секој сегмент.
Во својата студија, Џуровски забележува недоследности кај неколку букви од македонската кирилица во нејзината дигитална употреба.