Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија Ларс Клингбеил потенцираше дека постои добра соработка меѓу Македонија и Германија. Тој потврди дека ставот на Германија е Македонија и земјите од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ. Како што рече, ЕУ треба да стане силна и стабилна, особено во услови на судирот меѓу Русија и Украина.
Според Клингбеил, Македонија добро си ја завршува работата во делот на приклучувањето кон ЕУ.
– Соработката меѓу Германија и Северна Македонија е добра. Знам дека постои добра соработка меѓу канцеларот Олаф Шолц и Димитар Ковачевски. Сакаме Северна Македонија и земјите од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ. Ова е клучно за да се фокусираме на просперитетот, на растот, на креирање на нови работни места – посочи денеска Клингбеил на заедничка прес-конференција со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Клингбеил, кој е во официјална посета на државата, вчера учествуваше на панел дискусијата „Прогресивни политики – одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Скопје.
Во однос на панел дискусијата, тој посочи дека присуствувал на плодна дебата и оти е тука за да ја зајакне соработката меѓу партиите.
– Имавме дебата, која што беше фокусирана на две точки – првата точка е како да ја зајакнеме соработката на партиите тука во регионот со Германија и да најдеме добри решенија. Имав јасен став дека треба да се собираме почесто и да разговараме за иднина на земјите. Втората дебата е прашањето за процесот на проширување на ЕУ – додаде Клингбеил.
Тој рече дека од германска страна дал јасна изјава оти сметаат дека треба да се искористи просторот за можноста за проширување на Европа и дека сакаат да се преземат следните чекори во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.
Ковачевски на заедничката прес-конференција со Клингбеил рече дека ЕУ и е потребна на Македонија, но исто така, ние сме ѝ потребни на Европската Унија.
– Европа може да е стабилна и да е безбедна, само ако е целосна и обединета. Социјалдемократските политики им се потребни на граѓаните и на државата. Тие значат европски животен стандард дома, значат пристап до европскиот пазар, значат продолжување по европскиот пат кој носи прогрес. Европската Унија и е потребна на Северна Македонија. Но исто така, ние сме ѝ потребни на Европската Унија. Европа може да е стабилна и да е безбедна, само ако е целосна и обединета – рече Ковачевски.
Според Ковачевски, колективна одговорност на прогресивните, социјалдемократски сили во нашата држава, регионот но и во Европа, е да работат заедно за посилна и пообединета Европа.
– Затоа ова е исклучително важен момент во македонската историја. Ние имаме единствена шанса која не смееме да ја пропуштиме, затоа што пропуштањето ќе значи повторно мрак за државата, застој и уназадување на сето она што е постигнато досега, значи целосна изолација, со последици далеку посериозни од претходната декада режим – додаде Ковачевски.