Северна Македонија силно ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата, истакна денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи пред почетокот на неформалниот министерски состанок на земјите членки на Северноатлантскиот пакт во Берлин.
– Имаме теми од суштинско значење и убеден сум дека сите сојузници ќе покажат единство за сите нив, бидејќи тоа е од клучно значење со оглед на менливата безбедносна состојба. Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, силно ја поддржува политиката на отворени врати, а со тоа и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата што претставува важен чекор за севкупната евроатлантска безбедност – изјави Османи.
Исто така, нагласи Османи, Западен Балкан ќе биде неизбежен дел од идната европска безбедносна архитектура.
– На тој начин политиката на „отворени врати“ на НАТО и проширувањето на ЕУ како два главни столба на кои таа се потпира, ќе бидат дел од новиот стратешки концепт – смета министерот Османи.
Фокусот на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин е на руската воена инвазија врз Украина и потенцијалните импликации од војната врз сојузниците, како и претстојниот самит на лидерите на Алијансата во Мадрид.
На состанокот се поканети да учествуваат и министрите за надворешни работи на Финска и Шведска, кои ќе информираат за најновиот развој на настаните, придобивките и импликациите врзани со можното идно членство на овие две земји во Алијансата.
На маргините на состанокот Османи вчера имаше билатерални средби со министрите за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ.