Одделенија со шест ученика: Испустените училишта доказ за иселувањето / Фото: „Нова Македонија“

Како во паралелна реалност, додека политичарите манифестираат загриженост за иселувањето, статистиките на иселувањето од земјава нудат нови поразителни докази. Со почетокот на второто полугодие од учебната година се покажа дека продолжува „егзодусот на младите луѓе“ од истокот и западот на земјава.

Нови поразителни докази за иселувањето на населението од нашата држава

 

Сѐ помалку и помалку
младинци, деца, ученици…

Во штипските основни и средни училишта второто полугодие започна со 50 ученици помалку. Причина е што учениците, заедно со нивните родители, заминуваат во странство. Според раководителката на Секторот на образование во Општина Штип, Снежана Санева, оваа бројка е алармантна и поразителна.
– Имаме податоци за деца што отсуствуваат, односно што, за жал, повеќе нема да посетуваат настава. Бројките покажуваат дека тоа не е мал број на ученици од средните и основните училишта. Во средните училишта имаме 26 ученика што пријавиле дека заминуваат, а во основните 24 ученика. Значи, на ниво на општина тоа се 50 деца што нема да посетуваат настава – изјави Снежана Санева, раководителка на Секторот за образование-ЛС-Штип.
Санева додаде дека нема училиште што посебно отскокнува, односно бројот на заминати ученици во странство во ова второ полугодие се движи од седум до десет ученици во секое училиште во Штип.

Слични, а можеби и уште попоразителни бројки како пример за иселувањето има и во западниот дел на Македонија. Според податоците од општинскиот сектор за образование, второто полугодие во училиштата на територијата на Гостивар почна со околу 200 деца помалку во училишните клупи.
– Во второто полугодие бројката на ученици во училиштата е намалена за околу 200, а причината за отпишувањето е заминување во странство – наведуваат од Секторот за образование од Општина Гостивар.
Во основните и средните училишта во Гостивар настава посетуваат речиси 10.000 ученици.
Ваквиот статистички пресек на бројноста на учениците е вообичаен на почетокот и на крајот на учебната година, но од година на година се чини дека намалувањето на учениците во текот на годината алармира на постојано следење на состојбите.
– Вообичаено, во два периода од годината се сведува и анализира бројноста на младото население во државата, вклучено во образовниот процес – на почетокот и крајот на учебната година. Веќе десетина години е забележлива разлика од 1.500 до 2.000 ученици помалку на крајот на учебната година од оние запишаните на почетокот. Ако бројноста на учениците е околу 180.000 на почетокот на учебната година, на крајот е околу 178.500 или 178.000 ученици. Тоа е сериозен индикатор дека младото население се иселува од земјава. И таквите статистики се континуирани веќе 10-20 години, како во основното, така и во средното образование – вели демографот Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика на Македонија.

Политикантски приод на појавата на намалување на населението

Иако на ваквите негативни тенденции на намалување на населението се предупредува најмалку две децении, Герасимовски укажува дека оваа тема за политичарите станала актуелна и употреблива во последниве пет-шест години.
– Од осум региони во Македонија, шест се со негативен природен прираст. Односно, од 80 општини во земјава, 65-66 општини се со негативен прираст. Населението се намалува во тие региони поради низа појави, како физичко иселување, а и намален фертилитет (50 отсто од иселените се од женската популација), што секако се одразува на природниот прираст. Намалениот фертилитет (плодност) станува видлив во образованието, со намалувањето на бројот на учениците, т.е. кај првачињата секоја учебна година. Тоа се активности што мораше да бидат забележани и навремено да се реагира на нив од политичко-економските фактори во земјава, кои прават стратегии за развој. Но досега преземените мерки од стратегиите за развој, за регулирање на овие состојби се покажаа и неприменливи и неефикасни. Нема подобрување во факторите што влијаат на позитивно насочување на тенденциите со бројноста на населението: животниот стандард, економските можности за заработка и живот, сигурноста и перспективата со образованието, мирот и спокојот, системската уреденост на општеството. Стратегиите потфрлија на секој план, а ако продолжи ваквиот тренд на негативен природен прираст, за 20 години населението во Македонија може да се намали за 500.000 жители – предупредува Дончо Герасимовски.
Низ годиниве на државната самостојност на Македонија бројноста на населението во земјата се покажува дека преставува тема во фокус на општествен интерес, кога ќе мине низ призмата на политиката, односно за изборни и други политички цели. Тогаш се манипулира со бројките, се поигрува со методологиите, а статистиката на етничкиот состав на населението стана „мерка“ за многу општествени и политички процеси во Македонија. Таквата состојба го наметнува прашањето дали политичарите се искрено загрижени за причините за иселување на населението од земјава или тоа е само реторика за остварување одредени политички цели.

– Заинтересираноста и капацитетот на политичарите за решавање и намалување на трендот на иселувањето имаат таков ефект што проблемот го прават уште подраматичен. Причините поради кои се случува иселувањето од Македонија не се веќе исклучиво од економска природа. За иселување размислуваат и се одлучуваат млади луѓе, со релативно пристојни услови за живот во земјава, но не гледаат перспектива во системот за свое напредување во животот и професионален развој. Општествено-политичката реалност во Македонија има создадено еден животен амбиент во кој младите луѓе со амбиции се судираат со еден блокиран вредносен систем и наратив дека шансите да се успее во местото каде што си се родил – се никакви. Тоа е мошне поразително и безнадежно. Со таква поразителна перспектива, лесно се заборава на патриотизмот и среќата се бара надвор од родната земја. А политичарите во Македонија не се многу расположени да понудат, да размислат и да работат на долгорочни проекции за развој на државата и иднината на граѓаните. Најголемиот дел од нив сѐ уште е заинтересиран исклучиво за брз (личен) профит, без оглед на цената за државата и за граѓаните – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески.