Фото: Игор Бансколиев / АРМ

И додека Македонија, која патем е најмладата членка на Алијансата, отворено изјавува дека ако НАТО побара, таа ќе се вклучи во евентуалниот воен конфликт меѓу Русија и Украина, една Хрватска, која воено е многу поподготвена и подобро опремена од Македонија, јасно стави до знаење дека нема намера да испраќа хрватски војници во Украина. Тоа не го сторија ниту Германија, ниту, пак, други постари и поголеми воени сили на Алијансата. Дури и американскиот претседател Џо Бајден неодамна ја отфрли можноста за испраќање американски војници во оваа земја

Додека сите тактизираат, македонските политичари да не избрзуваат со изјави во јавноста

Македонскиот државен врв најави дека ако има потреба целокупниот воен потенцијал ќе го стави во функција на НАТО, доколку дојде до руска воена интервенција во Украина, со што отворено порача дека на овој или на оној начин директно се инволвира во руско-украинската криза. Следуваше експресна реакција од руската амбасада во земјава, од каде што на македонските власти им порачаа да се посветат на поприоритетните работи во земјата наместо да се занимаваат со проблемот меѓу Русија и Украина.
И додека Македонија, која патем е најмладата членка на Алијансата, отворено изјавува дека ако НАТО побара таа ќе се вклучи во евентуалниот воен конфликт меѓу Русија и Украина, една Хрватска, која воено е многу поподготвена и подобро опремена од Македонија, јасно стави до знаење дека нема намера да испраќа хрватски војници во Украина. Тоа не го сторија ниту Германија, ниту, пак, други постари и поголеми воени сили на Алијансата.
Дури и американскиот претседател Џо Бајден неодамна ја отфрли можноста за испраќање американски војници во Украина за да се борат против руските војници, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред извесно време изјави дека е важно да се направи разлика помеѓу сојузниците на НАТО и партнерот Украина, со што јасно стави до знаење дека Алијансата нема обврска да ја брани Украина од евентуален руски напад, бидејќи оваа земја не е членка на НАТО. Колку за потсетување, поранешниот американски претседател Доналд Трамп отворено порача дека САД нема да влегуваат во конфликт со Русија заради Црна Гора, која за разлика од Украина е членка на НАТО, а која своевремено имаше проблем како да го стави под контрола руското влијание во земјата.
Ако се земат предвид сите овие изјави и пораки, зачудува нестратегискиот пристап на македонскиот државен врв, кој непотребно влегува во конфронтација со Русија, во време кога цела Европа повторно во оваа земја го гледа спасот од енергетската криза и зад политичката сцена кокетира со Москва околу обезбедувањето поволни цени на гасот.

И додека сите други играат на картата на државните интереси, Македонија како да заборава на сопствените интереси и на моменти се однесува како „поголем папа од папата“, односно предничи во потезите со кои во неколку наврати испровоцира руска реакција. Најпрво влезе во играта со протерувањето руски дипломати од земјава, па прекуноќ остана без стотина илјади договорени руски вакцини против ковид-19, а сега дополнително се обидува да ги залади односите со Руската Федерација со изјавите поврзани со Украина, со што уште повеќе се става во индиферентна положба во набавката на гас, кој во земјава доаѓа исклучиво од Русија.
Неразбирливо е зошто се изразува една неразумно безрезервна поддршка кон НАТО, во момент кога никој не го бара тоа од земјава, туку напротив, се преземаат чекори на своја рака само како додворување.
Некои од познавачите на состојбите со кои се консултираше весникот не можат да ги разберат ваквите изјави, во време кога меѓународната заедница повикува на мир и воздржаност.
– Сметам дека станува збор за непромислени изјави, имајќи предвид дека сите други земји во светот настојуваат да повикуваат на мир, на воздржаност, на разбирање, на преговори, на намалување на тензиите. Не знам зошто ние треба да бидеме јастреби во целата ситуација, кога очигледно не сме тоа. Ова се неумесни изјави, кои никому не му користат, најмалку на Македонија – смета поранешниот вицепремиер и дипломат Ивица Боцевски.
Според него, станува збор за изјави што ги даваат несозреани политичари и кои на овој начин сакаат да се додворат пред меѓународниот фактор.
– Ова се изјави на несозреани политичари, кои лесно се импресионираат и кои сметаат дека на овој начин си ги подобруваат своите позиции меѓународно, но и внатрешно. Лично не ги гледам како сериозни изјави на сериозни луѓе, а очигледно не ги гледа така ниту домашната јавност, посебно не светската – нагласува Боцевски.
Тој потсети на пример на лошо водење на меѓународната политика од македонска страна од пред нешто повеќе од 20 години.

– Имавме едно такво негативно искуство со антагонизирање на постојана членка на Советот за безбедност со признавањето на Тајван, а за мене е смешно што некои луѓе од тоа време уште се активни во политиката. Мислам дека луѓе што своевремено направиле такви непростливи грешки, не треба да бидат дел ниту од политиката, ниту од дипломатијата. Паметна земја учи лекции од туѓите грешки, не толку паметна земја учи лекции од сопствените грешки. Не знам како да ја наречам Македонија, која не може ништо да научи ниту од сопствените грешки – истакнува Боцевски, притоа додавајќи дека Македонија непотребно се вмешува во судир меѓу нам две пријателски земји.
И армискиот генерал во пензија Митре Арсовски оценува дека Македонија како нова членка на Алијансата не смее да се истрчува со непромислени изјави.
– Не е добро ние, кои вчера влеговме во НАТО, да се перчиме и да правиме глупости, кои не ни се потребни воопшто. Треба само да погледнеме како некои земји добиваат евтин гас, нафта, а ние непотребно се конфронтираме. Една поговорка вели дека доброто јагне цица од две мајки, па така можеби е мудро и ние да го практикуваме тоа. Со што ние ќе ја браниме Украина? Имаме ли дострел, авиони? Не може да се даваат такви изјави. Гледам дека нашиве политичари така се залетуваат, што прво нешто ќе кажат, па потоа се поправаат – вели Арсовски.
Тој, како добар познавач на безбедносните и геостратегиски аспекти, категорично тврди дека Алијансата не смее да интервенира во Украина бидејќи оваа земја не е членка на овој воен сојуз.
– НАТО не смее да интервенира во Украина, но гледам што прави нашава политика и добро би било малку да замолчи, но очигледно некој друг ги подбуцнува да даваат такви изјави. Штом си ти во некое здружение како глутница, има да извршуваш наредби. Ја заигравме таа игра и сега нема враќање. Жал ми е што старите политичари не успеаја да обучат млади наследници што ќе знаат да ги препознаваат предизвиците однапред и кога некоја работа ќе засмрди, да кажат дека смрди, а не еуфорично да се истрчуваат со изјави – заклучува генералот Арсовски.


Македонската армија на ранг-листата на моќност
според „Глобал фајерпауер“

Интернет-страницата „Глобал фајерпауер“ од 2006 година наваму секоја година објавува годишен извештај и ранг-листа на 140 национални вооружени сили, меѓу кои се наоѓа и македонската армија.
Според податоците за 2022 година, македонската армија е позиционирана при крајот, односно се наоѓа на 134-то место.
Од земјите во соседството, Србија и Хрватска се највисоко позиционирани, на 61-то и 62-то место. Следна по воената моќ е Словенија, на 86-то место и БиХ на 123-то место. Црна Гора, иако има војска и е членка на НАТО, воопшто не е рангирана.
Послабо рангирана од македонската армија е единствено косовската, која се наоѓа на 139-то место.