Фото: ЕПА, Бранденбуршката капија во Берлин, 27.1.2024

Ако споменот за фашистичките злодела треба да се чува, како што вели претседателката на ЕК, тогаш тоа треба да важи за сите, вклучувајќи и за Бугарија, која треба да прифати одговорност за еден период од својата историја, како што своевремено го направија тоа Германија, Италија и Јапонија

Европските челници со едни пораки од Аушвиц, а со поинакви поведенија во пракса

Злосторствата направени во име на нацизмот и фашизмот не треба никогаш да бидат заборавени, а какви било обиди за ретуширање на улогата на оние што своевремено застанаа на иста страна со нацифашистичките сили треба јасно и недвосмислено да се осуди, без оглед од каде и да доаѓаат.
Во последно време се прават токму вакви обиди, преку искривоколчување на вистината и неспорните историски факти и документи да се минимизира улогата на директните учесници, кои за време на Втората светска војна беа на страната на фашистичкиот окупатор, и тие да се претстават како борци за слобода. Токму тие што на времето ја окупираа Македонија и депортираа над седум илјади македонски Евреи во логорите на смртта во Треблинка, сега сакаат преку интервенции во македонската историја да се претстават како ослободители и борци против фашизмот.
Неодамна беа одбележани осум децении од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц, место што и ден-денеска предизвикува морници во телото кај секој човек, како сведоштво за деструкцијата предизвикана од налудничавите идеи за чиста раса и доминација над другите.
На настанот присуствуваа многу европски челници, меѓу кои претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во оваа пригода порача дека Европа има должност да го чува споменот на жртвите на нацистите и холокаустот.
– Додека исчезнуваат последните преживеани, наша должност како Европејци е да се сеќаваме на тие неописливи злосторства и да го почитуваме споменот на жртвите – напиша Урсула фон дер Лајен на Икс пред одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на логорот.
Таа уште додаде дека антисемитизмот повторно се појавува во Европа и дека потребата за борба против ова зло, онлајн и надвор од интернет, никогаш не била поголема.
Сето ова ќе звучи искрено само доколку истата претседателка на ЕК се однесува онака како што пишува на социјалните мрежи, но го прави сосема спротивното.
Имено, додека зборува за тоа дека Европа треба да го чува споменот за жртвите на нацистите и фашистите, молчи за она што Бугарија го бара од Македонија, да се откаже од антифашистичката борба и да ги избрише сите траги за бугарското фашистичко минато на македонска територија.
Ако споменот за фашистичките злодела треба да се чува, тогаш тоа треба да важи за сите, вклучувајќи и за Бугарија, која треба да прифати одговорност за еден период од својата историја како што го направија тоа Германија, Италија и Јапонија.
– Сигурно дека се лицемерни изјавите на Фон дер Лајен за одржување на споменот на жртвите на фашизмот и нацизмот. Од една страна зборуваат едно, а прават друго. Единствена држава во Европа што го одржува споменот на фашизмот се Бугарите бидејќи секоја година во Софија го организираат таканаречениот Луков марш и шетаат со нацистички симболи. ЕУ ги предупреди малку, имаше некое придушување и од бугарска страна, но во суштина оваа манифестација и натаму постои. И тоа во држава што е членка на ЕУ – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, Македонија сега поради својата европска иднина мора да калкулира со сопствената историја.
– Од политички причини ќе мора да ја намалиме бугарската улога во Втората светска војна, па наместо фашисти или нацисти, сега ќе треба да ја релативизираме нивната улога, односно дека имало некои пронацистички или профашистички елементи. Намерата е да се ублажи она што го правеле, а претседателката на ЕК од друга страна зборува дека не требало да се заборават жртвите на нацизмот и фашизмот. Апсурд – истакнува Чепреганов.
Тој додава дека политиката е премногу навлезена во историјата и се настојува некои историски факти да се ретушираат со некакви политички интервенции.
– Ние за да влеземе во ЕУ треба да голтаме сѐ, а Бугарите постојано ќе ни ставаат сопки во однос на историјата. Јас, на пример, не можам да не напишам дека биле нацифашисти. Тоа не можам да го направам затоа што правам грев кон сите оние што учествувале во таа борба против нацифашизмот. Млади деца, полни со идеологија, ги положиле своите животи во таа борба. Денеска Европа го повампирува сето тоа – заклучува Чепреганов.


Силјановска-Давкова: Ниту едно зло не треба да се избрише и заборави

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова присуствуваше на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на полскиот град Освиенцим, близу Краков.
Таа оцени дека присуството на одбележувањето во Аушвиц претставува можност за колективна епифанија и освестеност за тежината на стореното зло. Потсетувањето на холокаустот е клучно за никогаш да не се повтори.
– Не смее да има дете, млад човек, возрасен што не знае за холокаустот. Не смее да има, бидејќи меморијата понекогаш, ако не се негува или ако не се храни, може и да ја снема или може да се извитопери во нешто друго. Сè почнува со проблематизирање, најпрво на бројките, па на процесите и настаните и на крајот некој можеби ќе помисли дека може да се избрише злото. Не, ниту едно зло не треба да се избрише, ниту едно зло не смее да се заборави – изјави македонската претседателка.