Интересно е да се разгледа историскиот контекст на Македонија и на Македонците во однос на четирите можни политички пристапи за односите со државите преку призмата на слоганот „Да за А, не за Б“. Ако А и Б ги замениме со ЕУ и НАТО, можни се следните четири пристапи: „да за ЕУ, не за НАТО“, „не за ЕУ, да за НАТО“, „да за ЕУ, да за НАТО“ и „не за ЕУ, не за НАТО“. Од логичка, меѓутоа и од политичка перспектива, сите искази се логични и можни. Историски гледано, Европа никогаш не ги бранела интересите на македонскиот народ…
Кога го прашале Буда за статусот по смртта на просветлениот (во будизмот се користи терминот архат: човек достоен за почит поради неговите духовни достигнувања, подоцна, човек што достигнал целосна состојба на совршенство), тој посочил четири можности: просветлениот (1) продолжува да постои по смртта, (2) не постои по смртта, (3) и постои и не постои по смртта, и (4) ниту постои ниту не постои по смртта. Интересно е да се разгледа историскиот контекст на Македонија и на Македонците во однос на четирите можни политички пристапи за односите со државите преку призмата на слоганот „Да за А, не за Б“.
Ако А и Б ги замениме со ЕУ и НАТО, можни се следните четири пристапи: „да за ЕУ, не за НАТО“, „не за ЕУ, да за НАТО“, „да за ЕУ, да за НАТО“ и „не за ЕУ, не за НАТО“. Од логичка, меѓутоа и од политичка перспектива, сите искази се логични и можни. Историски гледано, Европа никогаш не ги бранела интересите на македонскиот народ, па оттука произлегува и синтагмата Вавилонска блудница. Тоа, за жал, и денес продолжува: ЕУ, за македонскиот народ, е новата Вавилонска блудница – да нема двоумење: во Заклучоците на Советот на ЕУ, во рамките на општата позиција на Европската Унија и во Преговарачката рамка (станува збор за официјални и обврзувачки за Македонија ставови/документи на ЕУ) се имплементирани билатералните договори со Грција и со Бугарија и голем дел од дополнителните барања од Бугарија, што, кажано со зборови разбирливи за сите, значи негирање од ЕУ на сè што е македонско: народ, јазик, култура, историја.
Од денешна перспектива, безрезервната поддршка кон ЕУ (без водење грижа за македонските национални интереси), нам, на Македонците, ни се врати со разнебитување на Македонија, додека, пак, американскиот ветер на промени и правда во македонските едра задоцни: европските документи се веќе донесени и тие може да се сменат само со консензус во ЕУ, додека, пак, Македонија може да ги раскине само билатералните договори.
Ако А и Б ги замениме со САД и Русија, повторно, можни се четири пристапи. Не толку одамна, Југославија се согласи за четвртата опција: „ниту САД, ниту Русија“, со што беше промовирано Движењето на неврзаните. Иако важноста на Движењето на неврзаните денес е значително помала отколку во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, сепак тука ќе издвојам неколку согледувања на Љубица Спасковска, професорка на Катедрата за историја на Универзитетот во Ексетер, во Обединетото Кралство, искажани по повод 60-годишнината од Движењето на неврзаните – собир што се одржа во Белград, во ноември 2021 година. Подвлекувајќи дека „голем дел од тоа за што Движењето се бореше, особено за еднаквост и за глас на малите и средните земји во меѓународните односи, е актуелно и денес“, Спасковска го цитира Леополд Седар Сенгор, кој, во неговиот говор при посетата во 1975 година на Југославија, ќе рече: „Важно е ние, Неврзаните, и покрај различноста на нашите патишта, да продолжиме да ја постигнуваме нашата заедничка цел во договорот – воспоставување нов економски поредок во светот, поуниверзален и поправеден, што ќе ја потврди меѓузависноста на народите преку слободата на нивните политички и културни ориентации“. Според Спасковска, „дебатите за самоодржлив развој, за слободен пазар, за соработката Југ – Југ, како и за фер трговијата и самата Група 77 земји (коалиција на земји во развој) продолжуваат и денес, само без нас“.
Конечно, ако А и Б ги замениме со ЕУ и Македонија, од четири можности ќе се задржам само на последните две: „да за ЕУ, да за Македонија“ и „не за ЕУ, не за Македонија“. Во рамките на можноста: „да за ЕУ, да за Македонија“, треба да се разјасни што значи ставот: „да за Македонија“. Ако тоа вклучува: „да за уставните промени“, тогаш треба да биде јасно дека по внесувањето на Бугарите во Уставот, Бугарите бргу ќе дојдат до бројката од 20 проценти, па ќе станат државотворен народ, за конечно да ги избришат Македонците како никогаш и да не постоеле (што тие го посакуваат веќе со години). Оттука, „да за ЕУ, да за Македонија“, треба да подразбира единствено: „да за ЕУ, не за уставни промени“. Не треба да се занемари ни последната можност: „не за ЕУ, не за Македонија“. Од многу едноставна причина: некои членки на ЕУ, некои наши соседи, но и дел од политичките елити во Македонија, всушност, не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ-семејството, што досега многупати го докажаа. Тоа ја подразбира намерата, Македонија да се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава во која царува распуштено, разуздано и бесно однесување, со еден збор, вистински башибозук. Македонија, според моето мислење, одамна се наоѓа во таква состојба.
Во однос на македонските национални интереси и на почнувањето на пристапните преговори со ЕУ, Македонија, денес, потсетува на една хумористична сцена од цртаните филмови: мачка се движи над бездна, меѓутоа таа паѓа само тогаш кога ќе забележи дека не ја допира површината под нејзините нозе. Поголемиот дел од македонските политичари – нијансите во нивните ставови незабележително се разликуваат и зависат од тоа дали политичарите се на власт или се борат за власт, знаат дека во Македонија крајот веќе се случи, но не сакаат јавно да говорат за тоа, па затоа, едногласно, во хор повторуваат дека македонските национални интереси се одбранети, нема причина за тревога, работите воопшто не се толку лоши. Меѓутоа, работите, всушност, се неискажливо лоши, понижувачки, нечовечки – дојдовме до дното на сите дна, па, затоа, наша последна шанса е веднаш да дејствуваме и да ја спречиме катастрофата. Во однос на националните интереси, денес, Македонија е некаде помеѓу одењето по површина, без почва под нашите нозе, и паѓањето. Веќе одиме над бездната, ја изгубивме почвата под нашите нозе, но – за разлика од мачката – единствениот начин да не паднеме во бездната и Македонија да не се разнебити е да погледнеме надолу во бездната и да постапиме соодветно. Што претставува извор на нашите проблеми?
Одговорот го знаат сите: Договорот со Грција, па, оттука, од него треба да почнеме – едногласно, сите леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говориме за неговите неправедни, понижувачки, нелогични, бесмислени членови и ставови. Сите! Инаку Македонија ќе наликува на ликот од книгата „Неименуваниот“ (L’innommable 1953; The Unnamable 1958) на Семјуел Бекет. Неименуваниот или безимениот е неподвижен човек, човек што не може да се движи, неспособен да зборува и неспособен да не зборува. Седејќи на сиво место, опкружен со сивило, речиси ништо не гледа, ништо не слуша, ништо не чувствува. Личност обезличена до наједноставна форма од која останува само свеста. Па затоа, за да не станеме безимени: народ без име, парафразирајќи ги последните антологиски зборови од книгата со наслов „Неименуваниот“: „Не можам да продолжам. Јас ќе продолжам.“ (I can’t go on. I’ll go on.), ќе го завршам овој текст со зборовите: Македонија не може да продолжи, Македонија ќе продолжи!