Базиликата има непроценлива вредност поради тоа што на мозаиците е отсликана единствена претстава на Балканскиот Полуостров, односно „Раѓање на христијанството“. Вкупната површина на овој фрагментарен мозаик е околу 100 квадратни метри. Самата базилика била многу поголема во времето кога била изградена. Постоеле околу 500 квадратни метри, но поголемиот дел низ времето бил уништен
Конзервирани мозаиците од ранохристијанската базилика во селото Октиси, Струга
Еден дел од конзервираните мозаици од ранохристијанска базилика беа поставени во новоизградените конаци на црквата „Свети Никола“ во струшко Октиси. Со овој чин заврши повеќедецениското реставрирање на мозаикот, кој потекнува од крајот на петтиот век и е составен дел од едно од најзначајните наоѓалишта во Македонија од доцната антика и ранохристијанскиот период. Проектот со кој се изложени дел од мозаиците од базилика, во состав на сегашната црква „Свети Никола“, е реализиран со поддршка на Министерството за култура и Црковниот одбор на селото Октиси. Во дворот на црквата е изграден објект што функционира како конак за преноќување, во чиј приземен дел има голема просторија што е адаптирана како изложбен простор.
Археолошкото наоѓалиште во струшкото село Октиси било откриено во текот на 1925-1927 година кога била градена денешната црква „Свети Никола“, всушност врз темелите на откриената ранохристијанска базилика. Првите заштитни и систематски ископувања започнаа во 1954 година од страна на Археолошкиот музеј на Македонија, а завршија во 1994 година. Базиликата има трикорабен наос, нартекс, егзонартекс, бочни анекси и крстилница. Изградена е во една фаза, а подовите во централниот кораб, нартексот, крстилницата и северниот анекс се покриени со разнобојни мозаици, украсени со геометриски и цветни елементи и слабо зачувани животински претстави.
Во 2013 година беше одлучено да се обноват мозаиците на базиликата, а потоа да бидат изложени во наменски објект до споменатата црква. Вкупната површина на овој фрагментарен мозаик е околу 100 квадратни метри. Самата базилика била многу поголема во времето кога била изградена. Постоеле околу 500 квадратни метри, но поголемиот дел низ времето бил уништен. Базиликата има непроценлива вредност поради тоа што на мозаиците е отсликана единствена претстава на Балканскиот Полуостров, односно „Раѓање на христијанството“.
Според Сашо Цветкоски од Истражувачкиот центар за културно наследство при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), овој проект е уникатен.
– Ваква презентација на мозаици како музејска поставка во земјава досега немаше. Мозаиците се поставени на квалитетни носечки подлоги, со што се овозможува мобилност. Автентична поставка единствена во земјава и очекуваме да привлече големо внимание – нагласува Сашо Цветковски.
Во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга е изложен мозаикот од северниот анекс на нартексот, кој е целосно и најдобро зачуван. Во декорацијата на надворешниот дел доминираат геометриски елементи, а во центарот има бордура од бршлен што ја инкорпорира розетата, со наизменично обоени листови, кои, пак, на тој начин го формираат Христовиот знак. Како најзначаен се издвојува централниот дел на мозаикот, кој единствен на Балканот го претставува изгледот на Христовиот гроб во Ерусалим. Овој мозаик е исто така изложен во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга.
Освен оваа претстава, во нартексот доминираат геометриски мотиви, како квадрати, триаголници, кругови, ромбови. Но во некои полиња со распоредот на линеарната орнаментика или различното обојување на елементите се добиени крстообразни детали, како мотиви од христијанството. Во наосот, чија површина е доста оштетена и делови од композицијата недостигаат, декорацијата се состои од бордура со гранки од бршлен, чии листови се опкружени со ластари. Во внатрешноста на наосот доминираат геометриски мотиви: квадратни, кружни и ромбоидни полиња, исполнети со зрачести елементи, концентрични кругови и стилизирани трилисни вегетабилни мотиви, кои ја следат смирената линија на цртежот.
Стручните лица што го обработувале и го конзервирале настојувале да се добијат што поголеми целини, во што и успеале. Изваден е во 1990 година, пренесен во Струга, обработуван и за првпат во Македонија лиен е на подлога од алуминиумско саќе, која ќе го заштити од пропаѓање и гниење, а наедно ќе го направи лесно пренослив, односно достапен за подготвување разни изложби, информира кустос-археологот Светлана Наумоска, вработена во НУ музеј „д-р Никола Незлобински“ од Струга.
При изработка на мозаикот се користени камчиња обоени во бела, црна, црвена и окер боја. Изработен е во техниката опус теселатум. Вкупната површина на откриениот мозаик е околу 100 квадратни метри. Самата базилика, како што иницираат откриените и зачувани архитектонски остатоци, била многу поголема во времето кога била изградена. Површината била околу 500 квадратни метри, но поголемиот дел, за жал, бил уништен од забот на времето, вели Светлана Наумоска. Д.Ст.