Македонија го доби новото Собрание, 11-то по ред од независноста на државата.
За претседател на Собранието беше избран Африм Гаши, за кого поддршка дадоа 76 пратеници, против беа шестмина, а воздржани немаше. Вкупно гласаа 82 пратеника.
– Свесен сум и одговорен за задачата што ја преземам, да овозможам на секој пратеник во ова Собрание да му се гарантира правото на изразување, ниту еден пратеник да не се чувствува незастапено или дискриминирано – рече Гаши во првото обраќање пред пратениците по положувањето на свечената заклетва.
Претходно македонското собрание во рамките на конститутивната седница со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници, со што им престана мандатот на пратениците од стариот собраниски состав.
Дополнително, на новите пратеници што се носители на други функции исто така им престана функцијата. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата заради што Владата ќе ги извршува само техничките функции до изборот на новата влада.
Пред изборот на претседател на Собранието се разви жестока собраниска расправа, во чии рамки најголемо учество имаа пратениците од Левица. Аргументите што ги изнесоа опозициските пратеници всушност беа паралели со функционирањето на парламентите во соседните земји, во систем на парламентарни демократии како што би требало да е нашиот, каде што спикери се предлагаат од партиите со најголем број пратеници, а кај нас повторно се прави уште на почеток – системски преседан. Во истиот контекст, пратениците од Левица ја промовираа и бранеа тезата дека „се прави косовизација на македонското собрание“.
Од друга страна, пратениците што ги дадоа своите потписи за Гаши сметаат дека треба да се престане со етнизација на функциите и дека примарно е сите да работат во насока на исполнување на ветувањата и програмите дадени пред граѓаните. С.Т.