Фото: Игор Бансколиев

Македонската антифашистичка борба е запишана со златни букви во македонската историја. Со официјализирање на 9 Мај како државен празник ќе се испрати уште една силна порака и до Бугарија и до Европа, дека во генот на овој мал народ во срцето на Балканот длабоко се вкоренети антифашизмот и демократските вредности и дека македонскиот народ никогаш нема да дозволи некој да ја негира или изопачува нашата славна историја

ИНИЦИЈАТИВА

Македонија со неколку настани го одбележи 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, потврдувајќи дека во клучните моменти застанала на вистинската страна на историјата и низ антифашистичката борба ги потврдила сопствената државност и афирмирањето на македонската нација.
Овој датум, несомнено, игра голема улога во поновата македонска историја и како симбол на македонските европски перспективи и идното членство во Европската Унија, како крајна определба за демократски и европски вредности.
– Деветти мај е еден од оние датуми темелници на вистинските цивилизациски вредности. Денот на победата над фашизмот е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, ден кога со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата – порача во својот говор претседателот Стево Пендаровски.
Слична порака испрати и премиерот Димитар Ковачевски, ставајќи до знаење дека антифашистичката борба е наш државотворен маркер.
– Изборот на македонскиот народ заедно со сите други народи беше македонската држава да биде создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, без исклучок, држава на сите и за сите, како што е денес ЕУ, напредна и прогресивна. Затоа имаме силни големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите низ Европа, да ги славиме победата над фашизмот и големата идеја за Европа… Од денешен аспект, од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се оствари и низ учеството на партизанските единици на антифашистичкиот сојуз. Тоа учество беше и останува вистинската страна на историјата, единствениот и вистински избор – истакна Ковачевски.
Несомнено, Македонија со својата улога во антифашистичката борба постигнала многу за себе, но и за целиот цивилизиран свет, па од тие причини „Нова Македонија“, како весник што се изроди во вителот на таа антифашистичка борба, е на ставот дека државата треба овој датум да го вклучи во календарот на државни празници како потсетник на антифашистичката борба, но и на сопствената државност.
Со неговото официјализирање како државен празник ќе се испрати силна порака и до Бугарија и до Европа, дека во генот на овој мал народ во срцето на Балканот длабоко се вкоренети антифашизмот и демократските вредности и дека нема да се дозволи никој да ја негира и изопачува историјата.
Со ваквата иницијатива за прогласување на 9 Мај за државен празник во Македонија целосно се согласува историчарот Тодор Чепреганов, според кого овој датум е исклучително важен за македонската држава.

– До распадот на Југославија, овој ден во рамките на таа држава беше празнуван како државен празник. Му се придаваше големо значење, се правеа паради, дефилеа, она што отсекогаш се правело во Москва. Тој датум и тогаш беше на ниво на државен празник, победата над фашизмот се славеше на големо и не беше празник што се потиснуваше настрана – се потсетува професорот Чепреганов.
Тој уште еднаш нагласува дека Македонија по никоја цена не смее да заборави на својата улога што ја имала во Втората светска војна, како и страната на која се наоѓала, бидејќи во спротивно се негира самата себе.
– Со самиот факт што Македонија беше на страната на антифашистичката војна и што врз база на тој антифашизам земјава формираше сопствена држава, тоа никогаш не може и не треба да се заборави, без оглед на сите тенденции што се прават од одредени кругови овие настани полека да се стават во заборав. Овој датум има државотворно значење за нас. Во борбата против фашизмот ние ја формиравме македонската држава. Да не беше антифашистичката борба, ние ќе немавме своја држава – истакнува Чепреганов.
Според него, би било добро политичарите во земјава да се осврнат на иницијативата за прогласување на 9 Мај за државен празник.
– Политичарите треба добро да ја разгледаат оваа иницијатива и да почнеме да го одбележуваме овој датум како што го одбележувавме кога бевме во рамките на Југославија, со најголем пиетет, да не го ставаме во заборав. Тој заборав нè води кон повторување на злото. Не треба да се шири омраза кон никого, туку само да се памети за да не се повтори, бидејќи светот даде 50 милиони жртви во Втората светска војна. Тоа е голем датум за цела Европа, а особено за Македонија. Од тие причини, не треба да го заборавиме и крајно време е да почнеме да го чествуваме како државен празник – заклучува Чепреганов.


Поголемо единство на ЕУ

Во анализата на весникот „Фајненшел тајмс“ се наведува дека војната во Украина ги зајакнува чекорите кон поголемо единство во демократска Европа, особено на безбедносен и енергетски план.
Во текстот се потсетува дека овој Ден на Европа се совпаѓа и со завршувањето на „конференцијата за иднината на Европа“, како и со зголемениот интерес за промена на договорите за поголема европска интеграција, вклучувајќи и за процесот на проширување со Македонија.
Исходот од конференцијата за иднината на Европа ќе стави на маса низа предлози за „повеќе Европа“, како и за поголемо единство на Унијата во одбележувањето на 9 Мај.