Мојата книга е само честичка во морето книги напишани за Македонија, Македонците и македонскиот јазик, кои, за жал, малку ги знаеме и ги познаваме, слабо ги читаме и речиси воопшто не ги користиме во образованието, дипломатијата и политиката. Па, сепак, длабоко сум убедена дека нашиот идентитет ќе опстои поради неговиот цврст, здрав и длабок корен во историјата, јазикот, културата, музиката, фолклорот, уметноста, вели професорката Елка Јачева-Улчар за пораките од нејзината книга „Презимињата кај Македонците“
Интервју со Елка Јачева-Улчар, професорка од Институтот за македонски јазик
Неодамна ја промовиравте вашата нова книга, всушност научен труд, насловена „Презимињата кај Македонците“. Каков идентитетски белег носат презимињата воопшто кај луѓето, но и пошироко на национално ниво?
– Гледано во глобала, секој народ си има свој белег при образувањата на презимињата, а како најкарактеристичен белег, без некаква строга генерализација, се издвојува суфиксот или завршокот на определено презиме. Така, кога ќе чуеме некое презиме што завршува на -еску/-еско претпоставуваме дека неговиот носител е Романец, или на -ос/-ас/-ес/-ис дека станува збор Грк, на -иќ за некој Србин, Црногорец, Бошњак или Хрват, на -оглу за Турчин, -швили за Грузиец итн. Се разбира, кај горенаведените народи не се образуваат сите презимиња со горенаведените суфикси, исто како што и не сите македонски презимиња се образуваат со најкарактеристичниот македонски суфикс -е(в)ски/-о(в)ски што е застапен на пошироката македонска територија во: централна, западна и северна Македонија. Овој суфикс, како што забележува и нашиот најискусен ономастичар, проф. Трајко Стаматоски, уште пред повеќе од еден век, од странски истражувачи на Македонија го добил квалификативот – најкарактеристичен за Македонците! Покрај овој суфикс, во источна и јужна Македонија, презимето се образува со суфиксот -ов/-ев. Во науката сметаме дека кога во основата се наоѓа лично име, тогаш презимето се образува со суфиксот -ов/-ев. Сп.: Петар – Петров, Мирче – Мирчев, Ване – Ванев итн., додека, пак, кога во основата се наоѓаат фамилијарни имиња како Петревци, Митревци, Тодоровци…, презимето гласи: Петре(в)ски, Митре(в)ски, Тодоро(в)ски итн.
На каков начин се создавани презимињата кај Македонците?
– Презимињата кај Македонците, како, впрочем, и презимињата кај другите словенски народи, всушност претставуваат одговор на четири прашања, дефинирани од хрватскиот академик Петар Шимуновиќ. 1) чиј си? (патронимиски презименски тип: Милев, Радев, Иванов или Миле(в)ски, Радев(с)ки, Ивано(в)ски итн.); 2) каков си? (презименски тип добиен од прекари: Мургоски, Ќосев, Црвенов и др.); 3) од каде си? (етнички презименски тип, на пример: Тиквешански (: Тиквеш), Локвенец (с. Локвени, Прилепско), Лактински (с. Лактиње, Охридско), Кадинец (с. Кадино Село, Прилепско), Росоклија (с. Росоки, Дебарско), Пенушлиски (с. Пенуш, Штипско) итн.; и 4) со што се занимаваш? (презименски тип според занимањето на првиот сопственик на тоа презиме, на пример: Бочваров, Вретенаров, Дограмаџиев, Кадиев, Кујунџиски, и др.).
Во книгата издвојувате три типа презимиња карактеристични за определен географски простор во Македонија. Кои се тие и кои се нивните специфики?
– Прашањето се однесува на презимињата од Малешевијата, од Охрид, поточно од централното градско јадро Варош, како и од Прилеп и Прилепско. Така, специфика на малешевските презимиња е што во образувањето учествува непроширената наставка –ски (односно без суфиксот -ов/-ев), како и отстапувањето од третосложното акцентирање кај некои од нив, сп.: Ханџѝски, Топлѝски, Меанџѝски, Брашнàрски итн. За жителите на охридски Варош се карактеристични т.н. бессуфиксни презимиња кои се рамни на лично име (сп.: Момир, Мишо, Митан, Коцо и др.) или на прекар Снегар (птица снегар ‘сипка’), Писин (прек. Писин според името на рибата писа зоол. Scardinius erythropthalmus (Scardinius knezevici), Прличе (од прлица, дијалектен назив за птицата ‘потполошка’ Coturnix coturnix) и др. Во прилепските презимиња се препознава мајтапчискиот дух на прилепчанецот. Имено, во основата на овие презимиња најчесто се вложени шегобијни прекари, сп. Колиштркоски, Немијанкоски, Палисламоски, Ќорвезироски и др.
Вашата книга се појавува во време кога и секојдневјето во Македонија е обременето со вознемиреност и загриженост од загрозеност и закани на политички план за опстојување на македонскиот национален идентитет во современите геополитички премрежиња. Го има ли вашата книга одговорот за посебноста на македонскиот идентитет или можеби и клучот за неговото опстојување низ актуелните предизвици?
– Би било нескромно и надмено кога би рекла дека во мојата книга го има клучот за опстој на македонскиот идентитет. Не, мојата книга е само честичка во морето книги напишани за Македонија, Македонците и македонскиот јазик, кои, за жал, малку ги знаеме и ги познаваме, слабо ги читаме и речиси воопшто не ги користиме во образованието, дипломатијата и политиката. Па, сепак, длабоко сум убедена дека нашиот идентитет ќе опстои поради неговиот цврст, здрав и длабок корен во историјата, јазикот, културата, музиката, фолклорот, уметноста…, но ќе ни биде потребно свртување кон себеси, кон потребите на нацијата, многу посветена работа што ќе придонесе кон повисок економски просперитет на земјата. Со инвестирањето во сегашноста, убедена сум дека Македонецот ќе си ја обезбеди егзистенцијата на долгата историска оска во иднината.