Македонците од пиринскиот дел од Македонија покажаа како се води бескомпромисна борба за името и идентитетот / Фото: Игор Бансколиев

ОМО Илинден-Пирин, преку Европската слободна алијанса (ЕФА), ги спречи обидите од Брисел македонското малцинство во Бугарија да биде преименувано како „северномакедонско малцинство“, при што на 16 јуни 2023 раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување и на двапати прецизно, педантно и правилно, почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија, ја именува нашата заедница како македонско малцинско во Бугарија („Macedonian minority in Bulgaria“)!

Уште една извојувана победа на ОМО Илинден-Пирин

Во битката што ја водат на повеќе фронтови за своите човекови права како малцинство, Македонците од пиринскиот дел на Бугарија извојуваа уште една победа. Иако состојбата со спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за Бугарија да овозможи право на регистрација на македонските здруженија, е статус кво, односно нема сигнали од бугарските власти дека имаат намера да го почитуваат европското право, ОМО Илинден-Пирин доби извинување од Европската комисија зашто ги нарекла „северномакедонско малцинство во Бугарија“.
Имено, ОМО Илинден-Пирин преку Европската слободна алијанса (ЕФА) ги спречи обидите од Брисел македонското малцинство во Бугарија да биде преименувано како „северномакедонско малцинство“.
Како што соопштуваат од ОМО Илинден-Пирин, во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 од Европската слободна алијанса (European Free Alliance -ЕФА) до Европската комисија, за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 беше добиен одговор во кој македонското малцинство во Бугарија беше преименувано во „северномакедонско“ малцинство и прашањето неосновано беше поставено во врска со Договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајов станува збор за негирани права на европски граѓани.
– ОМО Илинден-Пирин и ЕФА реагираа на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија, уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните можеби не толку отворено. На упатеното писмо со реакција од наша страна – не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до Европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО Илинден-Пирин. Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што на двапати правилно, почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија, ја именува нашата заедница како македонско малцинско во Бугарија („Macedonian minority in Bulgaria“) – се наведува во соопштението на македонското здружение од Бугарија.

Ова е веројатно првпат институција на Европската Унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, наспроти обидите на Бугарија да го негира неговото постоење. ОМО Илинден-Пирин ја продолжува и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и малцински права на Македонците во Бугарија.
– Не сакаме да бидеме претенциозни во нашата цивилизирана борба да ги добиеме основните човекови права како македонско малцинство во Бугарија, па добиеното извинување од Европската комисија да го квалификуваме како „голема победа“, туку повеќе како „успешна одбрана“. Уште една успешна одбрана на нашиот македонски идентитет, пред европските институции, кога ја забележавме тенденцијата тивко, бирократски да бидеме некоректно преименувани како „северномакедонско малцинство“. Македонците во Бугарија никако не прифаќаат такво именување и моравме да реагираме на обидите да се наметне некаква навидум „европска“ преформулација на нашиот македонски идентитет, според новото име на државата Македонија, добиено со Преспанскиот договор. Уште повеќе што и според тој асиметричен договор, Македонците како националност остануваат Македонци, па и малцинствата се македонски – вели Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден-Пирин.
Освен тоа, Стојков нагласува дека ваквите коригирани извинувања од европските институции во однос на македонското малцинство и понатаму не влијаат врз бугарските власти да пристапат кон спроведување на пресудите од ЕСЧП во корист на македонските здруженија во Бугарија и да дозволат нивна регистрација, што практично би значело своевиден пресврт во досегашната негаторска политика не само спрема како Македонците како малцинство таму туку воопшто и за целокупното македонско национално постоење. Наспроти таквото игнорирање од бугарските власти на европските институции во однос на прифаќање на македонското постоење, официјална Софија, злоупотребувајќи ги механизмите на ЕУ што ѝ припаѓаат како земја-членка на Унијата, агресивно бара внесување на Бугарите во македонскиот устав, без намера за каков било реципроцитет по ова прашање, според меѓународното право.

– Од ОМО Илинден-Пирин можеби се скромни за резултатите постигнати со нивните активности, но преку нив можеби за првпат имаме една активна офанзивна политика за зачувување на македонскиот национален идентитет. Успехот е уште поголем зашто е постигнат без да користат каква било институционална поддршка од државата Македонија. Тоа треба да биде сериозна опомена за македонската дипломатија и државните институции за нивно поактивно, па и офанзивно дејствување во битката што ни се наметна како евроинтеграциски услов, за зачувување на македонскиот национален идентитет – вели Тони Менкиноски, правен застапник на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП во Стразбур.


Македонците од Бугарија тешко добиваат македонско државјанство

Наспроти ноторната состојба и импликациите со лесно издадените бугарски државјанства и пасоши за македонските граѓани, Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин говори за сосема спротивно искуство на Македонците од Бугарија што бараат македонско државјанство.
– Не знам каков е впечатокот во јавноста, но македонските влади (сите досега од независноста) не им издаваат лесно државјанства на Македонците од Бугарија. Имаше еден период кога беше олеснета таа политика за издавање македонски државјанства за Македонците од Бугарија (кога министер за внатрешни работи беше Љубе Бошковски), но тоа траеше многу кратко. Комплицираната процедура и долгиот период на чекање за државјанство некако и ја згаснаа желбата на Македонците од Бугарија да добијат македонско државјанство и пасош. Таа желба беше повеќе од сентиментална причина, отколку за некакви придобивки. Така што, всушност, мал е бројот на Македонци од Бугарија што имаат и македонско државјанство – открива Стојко Стојков.