Стресот е навистина тема што најмногу го привлекува мојот истражувачки и терапевтски интерес. Со влијанието на стресот се занимавам повеќе од 40 години и токму во тоа поле се најмногу од моите објавени трудови. Зашто, без стрес како да нема живот!? Тој е тука, секојдневно присутен во нашиот живот и функционирање. Сите веќе се запознаени со тоа дека стресот може да биде физички и хемиски или да дејствува врз нашата психологија. И токму стресот е првата алка во синџирот на фактори што придонесуваат за развој на психосоматски/психофизиолошки заболувања.
Кон крајот на 2023 година, во списанието „Психолошки билтен“ (Psychological Bulletin) беше публикуван труд од тим на автори на државниот универзитет „Домингез Хилс“ во Калифорнија. Истражувачите докажаа дека децата чии мајки доживеале висок стрес, анксиозност или депресија за време на бременоста имаат поголем ризик да развијат ментални проблеми или нарушување на однесувањето подоцна во детството или адолесценцијата.
Во студијата биле анализирани 55 истражувања, со над 45.000 испитаници, во кои се поврзува мајчиниот стрес за време на бременоста со детските екстернализирани проблеми како што се АДХД и агресијата. Поважно, овој ефект опстојува дури и кога се зема предвид постнаталниот психолошки стрес. Ваквите наоди ја нагласуваат потребата од достапна ментална грижа и поддршка во текот на бременоста за превенција од проблемите во однесувањето кај децата.
Клучните факти од оваа студија се прифатени од Американската психолошка асоцијација:
1. Психолошкиот стрес на мајката за време на бременоста, вклучувајќи стрес, депресија и анксиозност, е поврзан со зголемен ризик децата да развијат екстернализирачки проблеми.
2. Студијата опфаќа различни возрасни групи, со најсилен ефект забележан во раното детство, но тој опстојува во средината на детството и адолесценцијата.
3. Идните истражувања имаат цел да се осврнат на различностите и културните фактори во пренаталниот стрес, овозможувајќи правични јавни здравствени политики и интервенции.
„Нашето истражување сугерира дека психолошкиот стрес за време на бременоста има мал, но постојан ефект врз ризикот на децата за агресивно, дезинхибирано и импулсивно однесување“, нагласува главната истражувачка д-р Ирена Тунг. Тоа значи дека овие наоди се конзистентни со теориите што сугерираат дека експозиција на стресни хормони „ин утеро“ може да го наруши развојот на детскиот мозок.
Всушност, д-р Тунг и нејзините колеги го мереле психолошкиот дистрес за време на бременоста (ниво на стрес, анксиозност и депресија) кај илјадници бремени жени и потоа ги мереле екстернализираните однесувања кај децата, кои претставуваат симптоми на менталното здравје што се манифестираат нанадвор, какви што се дефицитот од внимание со хиперактивност (АДХД) или агресијата.
Да бидеме отворени, долги години беше сугерирано дека постои врска помеѓу менталното здравје за време на бременоста и детските екстернализирани однесувања. Но, во студијата за која овде дискутираме е вклучено мерење на психолошкиот дистрес за време на бременоста и по породувањето. Притоа, заклучено е дека од особено значење е фактот дека дури и кога нема стрес по породувањето, не се намалува влијанието на доживеаниот стрес за време на бременоста.
Ефектите на стресот кај мајките се исти и за машките и женските деца, но она што е битно е дека најмногу последици се јавуваат кај помалите деца (2-5 години) и подоцна во адолесценцијата (13-18 години).
Всушност, стресните хормони излачувани за време на бременоста влијаат директно на развојот на мозокот на детето. Се разбира, постојат различности во зависност од културните и социоекономските варијабли што се присутни заедно со стресот во бременоста.
Поради овие наоди, неопходно е да им се обезбеди соодветна социјална поддршка на бремените жени и можност тие да добиваат психолошка помош секогаш кога е потребно. Не е на одмет нивна поштеда од тешки физички и психолошки работни задачи, но и поштеда од можни заразни заболувања и климатски неповолни фактори. Зашто, сѐ што влијае неповолно на мајката, подоцна ќе се јави како последица кај детето во раст и развој.
Во оваа пригода ќе цитирам уште едно истражување со сличен контекст. Имено, потврдено е дека речиси една третина од мајките имаат проблем со поврзувањето со своите бебиња, што доведува до емоционална вознемиреност и кај мајките и кај децата. Токму затоа, едно истражување објавено во „Применета невронаука“ (Neuroscience Applied), а реализирано во болниците во Копенхаген, покажало дека идните мајки можат да се тренираат за препознавање и регулирање на сопствените емоции токму за намалување на ризикот од постпартална депресија. Клучните наоди од ова истражување би биле:
1. Обука за емоционално препознавање: Идните мајки со висок ризик биле обучени точно да ги препознаваат и да реагираат на емоциите на бебето, менувајќи ја својата перцепција од малку негативна во позитивна во однос на двосмислените изрази на бебињата.
2. Позитивен исход по тренингот: По тренингот, мајките покажале подобрена способност да ги препознаваат среќните детски изрази, покажувајќи повеќе среќни изрази на лицето, и помалку реагирале на знаци на вознемиреност кај доенчињата.
3. Потенцијалното намалување на постпородилната депресија: Подобреното препознавање на среќните изрази кај бебињата и регулираните емоционални реакции кон бебињата кај мајките потенцијално може да го намалат ризикот од постпородилна депресија.
Со ваквите сознанија се укажува колку е битна соработката на гинеколозите/акушерите со идните мајки, а сѐ со цел да се избегнат негативни влијанија врз емоционалното врзување мајка/дете, кое е клучот за добар, здрав емоционален развој понатаму.
Нека биде ова моја честитка за празникот на жените – 8 Март!