До крајот на годината, Западна и Централна Европа ќе се соочат со поголеми количества врнежи од дожд и снег, додека Балканскиот Полуостров ќе биде изложен на ризик од поплави. Метеоролозите предупредуваат дека Македонија во наредните денови може да се соочи со силен ветер, како и со изразено невреме проследено со силни врнежи од дожд. Ќе има и изразити варијации на дневните температури во следниот период, што ќе ја зголеми и можноста за метереопатија кај лицата што се чувствителни на ваквите нагли временски промени
КАКВО ВРЕМЕ НЀ ОЧЕКУВА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА
Светските метеоролози укажуваат дека студен бран од Арктикот ќе започне да се шири од север кон југ и постепено ќе бидат зафатени Западна и Централна Европа во периодот што претстои. Температурите деновиве ќе бидат значително пониски од нормалните, најстудени за оваа зимска сезона досега. Според нивните прогнози се зголемуваат можностите за поголеми количества снег низ голем дел од Централна и делумно во Западна Европа. Експертите исто така ја посочуваат релативно острата температурна разлика меѓу Северна и Јужна Европа, а поголеми количества дожд се прогнозираат во јужниот дел на Италија и Западен Балкан. Во Источна Европа во наредниот период се прогнозира постабилно време, а западниот дел на Балканскиот Полуостров ќе биде изложен на ризик од дополнителни поплави бидејќи количеството дожд ќе биде многу високо, посочува американскиот метеорологот Марко Корошец.
Можност за поплави на Балканскиот Полуостров
Според експертите, зимата што ни претстои ќе биде под влијание на Ла ниња, океански и атмосферски феномен. За време на Ла ниња, невообичаено ниските температури на океанот се прошируваат низ екваторијалниот Пацифик, што може да влијае на времето низ целиот свет, особено на зимската температура и обрасците на врнежи од снег. Метеорологот Алиса Смитмаер вели дека Јужна Европа може да се соочи со силни бури, а Западен Балкан со зголемен ризик од обилни дождови.
Неговиот колега Марко Корошец истакнува дека областите од северозападна Хрватска кон регионот на Далмација и до Црна Гора може да бидат подложни на обилни и прекумерни врнежи од дожд во следниве неколку дена. Според него, значителното количество дожд може дополнително да го зголеми потенцијалот од поплави, особено во јужниот дел на Балканскиот Полуостров. Корошец исто така посочува дека поради топлата адвекција што пристигнува од Средоземно Море, Балканскиот Полуостров може да се соочи со силен дожд и грмежи.
Зголемени можноста и за метереопатија
Експертите посочуваат дека промената на метеоролошките фактори, како што се промената на температурата, атмосферскиот притисок, влажноста на воздухот, ветерот, грмотевиците, дождот итн., може да ја зголеми можноста за метереопатијата. Симптомите на метереопатијата може да се појават неколку дена пред појавата на временските непогоди и да траат за време на истите тие или ден-два по појавувањето. Може да се манифестираат како апатија, несоница, главоболки, вртоглавици, мачнини, несвестици, ревматски болки, болки во мускулите и во пределот на стари повреди, ишијалгија, отрпнување во екстремитетите, намалена чувствителност на екстремитетите, намален слух, вид, забрзана работа на срцето, варирање на крвниот притисок. Во ризичната група спаѓаат старите лица, пушачите, луѓето со преживеан мозочен удар или срцев удар, астматичарите итн.
Спец. д-р Игор Николов препорачува да се следи временската прогноза, со што луѓето навреме би се подготвиле за промените што доаѓаат, правилна исхрана богата со витамини и минерали внесени преку овошјето и зеленчукот, да се внесуваат течности во доволно количество (до два литри на ден), како и спиењето, кое помага да се регенерира организмот. За хроничните болни се препорачува во тој период следење на состојбата и за сите промени да го известат матичниот лекар, или да се јават на „Ало докторе“.
Препорачливо е најмалку 30 минути да се поминува на свеж воздух секој ден, далеку од градската врева и метеж, пешачење до 30 минути, туширање наизменично со топла и млака вода, со што би се подобрила циркулацијата и би се спречило влошувањето на тековните состојби, посочува д-р Игор Николов.
Какво време нѐ очекува во наредните денови
Во периодот што следува се очекува доста променливо време со изразити варијации на дневните температури.
На 14 декември минималната температура ќе се движи помеѓу -3 и 3 Целзиусови степени, а максимална температура помеѓу 2 и 9 Целзиусови степени. Се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините со снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. На 15 декември минималната температура ќе се движи помеѓу -1 и 5 Целзиусови степени, а максимална температура помеѓу 8 и 13 Целзиусови степени. Се очекува променливо облачно, претпладне со слаб локален дожд, а попладне со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. На 16 декември минималната температура ќе се движи помеѓу 2 и 8 Целзиусови степени, а максимална температура помеѓу 10 и 15 Целзиусови степени. Се очекува променливо облачно и потопло. Кон крајот на денот во северозападните делови ќе има локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Слично време се очекува и до крајот на годината со минимални утрински температури до -3 Целзиусови степени и дневни температури до 8 Целзиусови степени. Д. Ст.