Двете картички напишани на македонски јазик испратени од Србија за Прилеп / Фото: Душко Апостолоски

Постојат многубројни сведоштва дека македонскиот народ си говорел на особен јазик, јазик што е карактеристичен само за македонското поднебје низ вековите. Поради одредени историски услови, македонскиот јазик е релативно доцна систематизиран во споредба со јазиците на соседните народи. Но споменатите сведоштва, вклучувајќи ги и своерачно напишаните писма или дописни картички, се потврда дека и покрај бурните историски настани, како што се обидите за асимилација на Македонците преку наметнување туѓ јазик од страна на соседните држави, македонскиот народ си го задржал својот типичен јазик. Овие македонски говорни особености се кодифицираат по создавањето на современата македонска држава, преку одлуката на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година и решението на Президиумот на АСНОМ на 5 мај 1945 година

Ексклузивни сведоштва за особеностите на македонскиот јазик

За првпат јавно претставуваме три писма (дописни картички), од вкупно десет, од Македонци до нивни роднини и пријатели, напишани од нивна рака, на страниците на весникот „Нова Македонија“. Станува збор за раритети од македонското културно и историско наследство, како и за конкретни сведоштва за македонскиот јазик во услови кога македонскиот народ немал сопствена држава и кога бил присилуван да се школува на туѓ јазик. Мислите на обичниот Македонец напишани на трите дописни картички, разгледници од 30-тите години на 20 век, откриени од Душко Апостолоски, се сведоштва за македонските јазични особености. Апостолоски веќе еден подолг период се занимава со колекционерство на стари фотографии, но и автентични сведоштва за македонското минато. Споменатите дописни картички ги прават беспредметни сите негирања на македонскиот јазик од страна на одредени екстремни радикални елементи од соседните држави.

Многу ми је мака оти го немам апарато

Еве сум во Вршац, во царството на „Морсој“, демек знајш шо сакам да кажам. Со мене е и Драган Саратиновиќ (Ни беше у пратњи, управо се најдовне во Београд, та ајде дојде со нас да се прошета, оти во Београд многу ни се најде). Јас стално се „шпацирам“. Утре одам пак во Београд да ги земам стварите, оти овде дојдовне така само на прошетка и да видиме еден санаториум. Није се растанавне во Скопје чудновато. Многу ми је мака оти го немам апарато. Драган многу жала оти овде во хотелот не ни се погоди убав „zimmermädchen“ (Собарка). (Никола). Драги Сотирче. Еве и јас да ти се јавам и да те поздравам из градо (Да има нешто).

Правината планина кутина

И вчера ти пишав една карта, ама дека има да те израдувам па ти пишувам. Сношчи дојде Боне дома и ни кажа оти зел одговор од таткому и му пишал оти требало од страна на баба да се дај молба до Белград, како си по грешка таму и оти си дипломиран фармацевт, и веднаш ќе те извикале тије таму кај сите твој колеги. Тој ни кажа и Скопје од таткому како треба да се напиши, и Петре је препиша и денеска одма ќе прати в Белград. Така требало по законо. А та молба ќе појла до таткому и ќе се чудиш што те снашло ко ќе те извика, ќе се преродиш. Није летаме од радос. Боне седе два сати и појде можи, се изнапрајфме муабет. Од се срце и душа сака да ти услужи, се познава. А каj началников овде уше не је пратена молбата в Битола, ама веруваме овије дена да је прати. Ката стално му наумува на кај Зориќ да му реча, та тије се велеле оти сигурно ќе се сврши работата, само трпеније да сме имале. Боне ми кажа оти и тој зел карта од тебе и многу те поздравува. Ти па пиши му нему за да му благодариш. Сега рат бидими, само добро чекај си. Ко шо ти реков во другата карта: Правината планина кутина. Срдечни поздрави од сите. Паре. Таткому на Боне бил на пат, зато досега се забај одговоро.

Дел од писмата и поштенски картички кои Душко Апoстолоски успеал да ги собере во својата колекција

Никој ништо незнајл, само сабајлето кога влегваја радијото јавило

Немој да се наљутиш што ти је картата изгужвана. То ми се деси без да јас сакам. Љубица си дојде овије дена од Прага и кажва грозни работи. Никојпат не се надаја да Немците така брзина да влезат. Никој ништо незнајл, само сабајлето кога влегваја радијото јавило да бидат мирни и да не дават отпор. Многу новости уште донесе. Од Битола кажаја да се Ники верила за братни. Дали је истина или се само зборој? Како ти одат работите, кога идиш војска? Како ти је шефо, ме интересира, јер јас требаше да бидам на твојето место. Дали најде манука (девојка). Овде је што се тиче мануки, прави Загреб. Дерман (раат) нема одних. Со една сум стално, само корзирања сака за љубов, како Верчето. Љубица је если слободна, го врати прстено. Кажва да неможат да се земат. Госпо од полошо… Мене мије добро по некогаш се закачуваме со мајкаје, сака многу да се меша во работите. Жал ми је што немам другар да си позборвам. Со душа чекам лето да се капам. Пиши ми, немој да ме заборајш. Парите 100 дин. ке ти пратам кога ќе ојш аскеро. Многу те љубам. Твој Сотка.


Душко Апостолоски – колекционер на историски фотографии и на автентични сведоштва од македонското минато

Душко Апостолоски е ретка личност во Македонија, а тоа е особено забележливо доколку се земе предвид дека повеќе децении се занимава со собирање ретки историски фотографии од нашето македонско минато. Вели дека старите фотографии, особено оние што се поврзани со македонската револуционерна борба, отсекогаш кај него буделе длабоко чувство за нашата посебна историја, различна од другите балкански држави. Конкретно станува збор за ексклузивни фотографии со автентични носии, автентични комитски чети карактеристични само за нашето македонско поднебје. Како и христијанската традиција да се фотографираат со покојникот, па во случај при нивно загинување или погреб на некој војвода да има фотографии што јасно ни кажуваат за што се бореле, како што е примерот со Никола Каранџулов на чиј гроб пишува – загина за слободата на Македонија. Бројот на фотографиите во неговата колекција постојано расте од ден на ден. Речиси секоја недела му пристигнуваат фотографии од аукциите. Претежно неговиот архив се однесува на периодот на македонската револуционерна борба, период што е поврзан со Македонската револуционерна организација (МРО). Станува збор за студиски фотографии, портрети, разгледници и нивни писма. Д.Ст.