Една од базичните максими во правото е дека бавна правда не е правда. Ако еден предмет се води со години, колку и да е праведна пресудата, задоцнетата правда веќе изгубила од својата специфична тежина. Намерата со измените на Законот за кривична постапка од пред десетина години, кога на двете страни во судските процеси, на обвинението и на одбраната, им беше овозможено да изведуваат доказна постапка пред судот, беше судењата да се одвиваат брзо, концентрирано, ефикасно и да се носат квалитетни пресуди врз основа на доказите. Но во судската практика се покажува дека „динамиката се претвора во статика“…

Силните политички фрази и заложби за реформи во судството како дел од условите за евроинтеграцијата на Македонија, речиси постојано се ставани на тест и искушение во секојдневната практика. Дел од таквиот секојдневен предизвик се долготрајноста и повторувањето на судските процеси. Одолжувањето со носењето одлука на судот во повеќе предмети, го наметнува прашањето за експертскиот потенцијал и за кондицијата на судството за носење квалитетни и издржани пресуди, кои нема да бидат карактеризирани како задоцнета правда.

Предмет: Автобуската несреќа кај Ласкарци

Последниот повод што ја предизвика темата за кондицијата и експертскиот потенцијал на македонскиот правосуден систем е новата „неизвесност“ во судскиот предмет за автобуската сообраќајна несреќа кај Ласкарци од февруари 2019 година, во која 16 патници ги загубија животите.
Од известувањето на Техничкиот факултет во Битола дека не прифаќа да го изврши супервештачењето, по наредба на судот, зашто „лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење“, како и од одговорите на Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје дека немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила што претходно не учествувале во изведените вештачења, може да се добие впечаток дека судот ги исцрпува сите стручни капацитети за предмет стар три години, без притоа да има навестување за носење одлука. Овој пат барањето за супервештачење на судот е образложено дека „по претходно изведени спротиставени вештачења на одбраната и обвинителството, а пред сѐ, за да се испочитува еднаквоста на оружјето, кое во евентуално жалбена постапка може да биде клучно при одлучувањето на второстепениот суд, издадена е наредба за супервештачење“. Судот има објаснување и за одолжувањето на судскиот процес, повикувајќи се на пандемијата на ковид-19, т.е. протоколот за работа на судовите во услови на пандемија, но впечатокот во јавноста е дека судењето трае предолго, што дури случајот на некој начин беше и заборавен, а на него „потсети“ уште една трагична автобуска сообраќајна несреќа на македонски автобус во Бугарија.
– Една од базичните максими во правото е дека бавна правда не е правда. Ако еден предмет се води со години, колку и да е праведна пресудата, задоцнетата правда никому не му значи. Намерата со измените на Законот за кривична постапка од пред десетина години, кога на двете страни во судските процеси, на обвинението и на одбраната, им беше овозможено да изведуваат доказна постапка пред судот, беше судењата да се одвиваат брзо, концентрирано, ефикасно и да се носат квалитетни пресуди врз основа на доказите. Но во судската практика се покажа дека поради неспособноста на обвинителството докрај да обезбеди докази не може да се постигне посакуваната и очекувана ефикасност. Секако и одбраната ги остварува своите права за правично судење на страната што ја застапува и собира и приложува докази до судот, но практиката го создаде искуството дека обвинителството му е наметнато на судот, односно постојано му дава нови временски рокови за собирање докази за неквалитетно подготвено обвинение. Тоа создава амбиент дека всушност странките во процесот, обвинението и одбраната, не се еднакви пред судот. И конечно, судот треба да се одважи да носи одлука според приложените докази, а онаму каде што нема докази да донесе ослободителна пресуда – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

Лимитиран капацитетот за брзо испорачување правда

Искусниот правник и поранешен претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека капацитетот на судството за брзо и ефикасно испорачување правда е ограничен токму поради измените во Законот за кривична постапка, според кој, сега истражната постапка ја води Обвинителството, наместо како порано – истражните судии.
– Должината на дури и навидум очигледно правно едноставни судски процеси, ја доведува во прашање и смислата на промената на Законот за кривична постапка, според кој, надлежноста за водење на предистрагата и истрагата ја добија обвинителите, наспроти долгата судска практика и традиција тоа да го прават истражните судии. Се покажува дека наместо да ги забрза постапките, актуелниот ЗКП ги направи побавни. Од друга страна, и судиите треба да имаат храброст да работат и да носат одлуки според доказите што ги имаат на увид, а не постојано да ги одложуваат пресудите за јасни случаи, со изговор за барање нови докази. Одолжувањето во носењето одлуки остава простор за сомнежи во јавноста за калкулации и задоволување на некои други интереси, што, секако, судството и државата ги чини и пари и углед и авторитет. Постојаното повикување за реформи во судството, како услов за членство во ЕУ, не значи само препишување закони од туѓи законодавства, туку пред сѐ храброст и интегритет во носењето одлуки – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.


Легални ли се доказите од странските вештаци во Македонија?

Доколку се исцрпени можностите за вештачење докази во земјава, или во случај да нема компетентни експерти за одреден случај, но и ако одредена страна во постапката смета дека е потребно, дозволено е ангажирање вешти лица за судска постапка, експерти од некоја област од странство. Но за нивната експертиза да биде прифатена, потребно е за нивната работа да има легална дозвола од македонските надлежни институции.
– Доказите од истрагата, т.е. некој вид вештачење на германските експерти за причините за пожарот во тетовската модуларна болница, се под прашање за нивната легалност, односно дали може да се користат како легални докази во евентуална судска постапка. Имено, не е познато дали германските вештаци добиле сертификат или дозвола за вршење истрага во Македонија, што е неопходно за легалност на доказите во македонскиот правосуден систем. Доколку, пак, предметот се испорача во друга држава, тоа е сосема друга постапка и процедура – појаснува судијата Дане Илиев