Во една наша информативно-политичка телевизиска серија, која редовно ја следам, во една од епизодите, покрај двајцата водители, гостин беше трет новинар, по карактер шегобиец, но искрен, би рекол и сериозен новинар. Покрај другите теми што беа споменувани во емисијата од тројцата новинари, двајца рекоа дека секој од нив има добиено тужба или се во процедура по две судски тужби за нив поднесени од важни политички личности, дури едниот од двајцата новинари најави дека очекува трета судска тужба од судија или судијка! Кога го гледав и слушав овој дел од емисијата се запрепастив од податокот дека двајца новинари имаат добиено пет тужби поднесени од многу важни политичари и, исто така, од специјални судии!
Не сум новинар, не сакам или не можам да судам и да навлегувам во новинарскиот кодекс од професијата новинар, но додека ја гледав емисијата се запрашав, која е улогата на еден новинар? Колку што знам, основната задача на секој новинар е што поточно и повистинито да ја информира јавноста и да понуди реална слика за политичките, социјалните, културните или економските состојби од одредена средина, во случајов нашава?
Животното искуство и годините што ги имам ми дозволуваат да споменам дека постојат новинари што поседуваат дарба или професионална доблест да трагаат и да ги откриваат негативните појави во едно општество како што се криминалот, корупцијата и други противзаконски дејства и да ги изнесат пред јавноста, пред народот за чиј интерес новинарите работат. Се разбира ако зборуваме за демократска средина на каква што ние упорно се трудиме да заличиме. Многу често ваквите новинари имаат проблем со власта, политичарите, па и судиите, кои не еднаш и не случајно се откриени и замешани во најзамрсените криминални појави, кои често се случуваат во нашава средина. Можеби од такви причини двајцата новинари од споменатата емисија имаат добиено дури пет кривични пријави, наводно, за дезинформации и изнесување во јавноста лаги, а тие што тужат, се мисли на политичарите и судиите, од информациите објавени од новинарите добиле силен вознемирувачки стрес!
Како и во секоја средина така и кај нас постојат „новинари“ што имаат дарба да се умилкуваат, додворуваат, секогаш подготвени за одбрана на власта и кога треба најчесто и кога не треба. За тоа не добиваат тужби туку за завршената работа добиваат извесни поволности, кои власта дарежливо им ги нуди!
Тоа што кај нас постои малку демократија голема заслуга имаат и новинарите, не тие подлизурковците, туку тие вистинските новинари, кои поседуваат професионално новинарско кредо и го ставаат во одбрана на прогресивните процеси во една средина. Не велам дека новинарите треба да останат надвор од законот и тие да го водат светот, туку секој од која било професија ако сторил кривично дело треба да одговара. Но тука треба да се стават и политичарите, па и судиите што ја држат власта во раце и ако некој новинар ги открие во намерите или сторените злодела, не треба веднаш тужба, една, па друга и сѐ така по ред. Тоа не е демократија, туку сеење страв, нешто што е спротивно на сите прогресивни идеи од секоја демократска средина.
Борбата и стремежот за правичност не се од сега, потекнуваат уште многу поодамна и овој ликовен белег, кој е поврзан со животот и на некој начин и делото на францускиот ликовен творец графичар, гравер и илустратор Жак Кајо, роден 1592 година во францускиот град Нанси, каде што и починал во 1635 година, на некој начин ја потврдува таквата цел.
Жак Кајо по карактер бил со немирен дух и на возраст од 12 години потајно се придружува на една боемска патувачка театарска група и пеш прибегнува во Италија, во градот Фиренца, а по неколку недели како малолетник е вратен во Нанси кај неговите родители. По две години, Жак Кајо повторно тајно заминува за Италија, стигнува до Рим каде што се запознава со тогаш познатиот италијански гравер Ремигио Кантагелина, кој го прибира во своето ателје, каде што Жак Кајо го учи занаетот на гравер и во Рим отседува цели две години. Неговите родители и овој пат го враќаат во Нанси каде што останува до крајот на својот живот, со кратки престојувања во Холандија и во Германија. Кајо има изработено над 1.500 цртежи и гравури, претежно од мали формати, а неговиот најзначаен ликовен опус е збирката од гравури именувана „Големите гадости на војната“, се мисли на триесетгодишната војна што се водеше во Европа. Од патувањето низ Италија, Жак Кајо изработи и десетици цртежи и гравури поврзани со животот на боемските патувачки групи, кои во тоа време крстосуваа низ цела Европа.
Можеби најважно за Кајо, како и за ликовната дејност е во тоа што од престојот во Италија кај Жак Кајо останаа во сеќавање малите актерски групи, кои по улиците од Рим, Фиренца или Торино изведуваа камерни сатирични театарски претстави, кои ги именуваа како „карикаре“ или преведено „карактерен белег“ на една личност или група од личности. Обично тоа беа сатирични улични скечови во форма на народни шеги, изведувани врз палубите од патувачките дрвени коли, кои предизвикуваа некаква радост и потсмев кај обичниот човек насочени кон богатиот слој од италијанското општество.
Свесен дека во Франција, најмалку во Нанси можат да се изведуваат ваквите сатирични скечови како во Италија, Жак Кајо се одлучи таквите комични улични претстави карикаре да ги изведува во цртеж, гравура, односно ликовни белези. Од тука потекнува и дисциплината „карикатуре-а“ и за кратко време неговите цртежи, гравури во форма на ликовни белези добија популарност кај широките маси, кај народот, со тоа и Кајо стана познат и ценет граѓанин во Нанси и подалеку.
Еден негов пријател што работел во градската општина го повикал Кајо во својата канцеларија, го послужил со нешто и му рекол: „Пријателе Жак, многумина од нашите познати пријатели ме замолија да ти предочам и предупредам да престанеш да ги правиш тие како ги викаат гравури, карикаре или ликовни белези. Знаеш, ти финансиски си среден човек, имаш семејство, зошто да ја изгубиш главата за едни гравури или карикаре?“.
На таквата опомена Кајо на пријателот му одговорил: „Пријателе ќе ти кажам неколку работи и те молам да не ги заборавиш, да ги запаметиш и да им ги пренесеш на твоите и моите пријатели. Како прво, гравурите и тие карикаре не ги правам за пари, туку тоа е дел од мојата професија, второ, нив ги изработувам за на некој начин да ви укажам дека грешите кога го заборавате обичниот човек, тој што е оставен на улица, омаловажен и понижен до крајни граници. Од друга страна, со мојата работа на некој начин ве заштитувам и вас, кога обичниот човек ќе ги види и прочита моите ликовни белези, гравури или карикаре, тој ќе се насмее и ќе се ослободи со половина од гневот што го има кон вас и наредниот ден ќе биде друг ден. Ако не е така може да се случи бунт или револуција и тогаш вие ќе ги изгубите вашите глави, јас не. Ова да им го кажеш на твоите и моите пријатели“.
По неколку дена, Жак Кајо повторно се сретнал со пријателот од градската општина, кој му рекол: „Пријателе Жак Кајо, разговарав со моите и твоите пријатели, кои многу те почитуваат, и ми порачаа да продолжиш да работиш на твојата благородна професија, која ги насмевнува и радува обичните луѓе“.
Нашите политичари и судии нека не се лутат ако некаде се видат во форма на ликовни белези или карикаре, или слушнат дека некој новинар им укажал на нивните грешки, тоа треба да го примаат како поука и опомена за вторпат да не го направат истото, а времето никој не може да го запре, тоа си тече, властите се менуваат, а лошите и погрешните навики законот не ги заборава. Од памтивек тоа е така и така ќе биде насекаде во светов.