Со години лидерските средби не нудат ништо продуктивно, функционално и корисно за граѓаните и за државата. Тие едноставно служат само како платформа за меѓусебни политички расправања и обвинувања. Во својата суштина, како вонинституционална алатка, лидерските средби се спротивни и на заложбите за ЕУ и на препораките од Брисел, бидејќи Европа постојано нè повикува да ги јакнеме институциите, додека политичките лидери упорно се оглушуваат на ваквите повици, ги занемаруваат институциите и ги форсираат ваквите неформални седенки
ДОМАШНАТА ПОЛИТИЧКА ЕЛИТА НА НОВА НЕФУНКЦИОНАЛНА СЕДЕНКА
Лидерските средби станаа своевиден македонски феномен изминативе три децении, бидејќи и покрај тоа што никогаш не испродуцираа некакво решение за одреден актуелен проблем, тие и натаму упорно се закажуваат и одржуваат.
Без оглед што неодамна во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија беше посочено дека е неопходно државата да ги јакне институциите, особено Собранието и Владата како места во кои треба да се води политичкиот дијалог, политичките лидери продолжуваат да ги заобиколуваат токму овие институции и решенијата на проблемите се бараат преку лидерски средби, на кои се чини единствено што доминира е лидерската суета.
Досегашната практика покажува дека ниту една лидерска средба не донела ништо функционално и корисно за граѓаните и за државата, нешто што би било од суштинска важност за граѓаните. Од досегашните искуства, во најголем дел овие средби се користеле за партиски подметнувања и сплетки.
Во суштина, тешко е да се оцени ефектот од лидерските средби, затоа што се тајни, се најавува една агенда, но зад затворени врати се дискутира за нешто сосема друго. Самите лидерски средби се парадоксални, односно од една страна Европа нè повикува да ги јакнеме институциите, од друга страна упорно се дислоцира дијалогот од истите тие институции и се сели подалеку од очите на јавноста. Едноставно кажано, лидерските средби станаа институција што треба да ги супституира институциите, односно Владата и Собранието, што не е ниту демократски, а уште помалку европски.
Познавачите на состојбите сметаат дека ваквите лидерски средби што изминатите години се одржуваат во земјава немаат никаков ефект, односно се обични места за разговори, а често и за меѓусебни кавги.
– Лидерското одлучување само по себе стана институција, и тоа значи елитистичка демократија или ограничување на процесот на одлучување. Ако сакаме да ги јакнеме институциите во Македонија, а во секој извештај на ЕК се укажува на слабиот капацитет на нашите институции, треба процесот на одлучување да го лоцираме во нив – велат познавачите на состојбите.
Нивно мислење е дека од тие средби нема произлезено ништо конструктивно и единствена цел им е исполнување на внатрешнополитичката агенда, без некаков ефект за граѓаните.
За универзитетскиот професор Живко Андревски институцијата „лидерска средба“ е одраз на недоволниот развој на демократијата во македонското општество.
– Ние да сме доволно демократско развиено општество, лидерските средби немаше воопшто да бидат потребни, туку ќе се одржуваа само на ниво на демонстрација на висока политичка култура меѓу политичките чинители во државата. Проблемите и сите други работи треба да се решаваат во институциите, а не преку некакви лидерски средби – вели Андревски.
Тој додава дека лидерските средби тешко можат да бидат успешни, бидејќи учесниците одат на нив со однапред утврдена партиска агенда, од која не отстапуваат.
– Ќе се соберат на тие лидерски секој со своите партиски агенди и никој не отстапува од тоа. Дури и да се договорат нешто, тоа пак ќе оди на разгледување во партијата и подоцна лесно се случува договореното да биде отфрлено – појаснува Андревски.
Негово мислење е дека причината за активирање на алатката „лидерска средба“ треба да се бара во институционалното потфрлање.
– Тоа значи дека претходно институциите дозволиле некој проблем да стане голем, а лидерската средба се доживува како нужен лек на тој проблем, што не треба да е случај во нормални услови. Во основа, лидерските средби се непотребни ако сè си тече во рамките на еден воспоставен институционален систем и разработен правен поредок – истакнува Андревски.
Според него, таа лидерска средба ја закажува премиерот, но тој истовремено со другите лидери е во конкурентска борба и затоа не можат да произлезат одржливи решенија од овие средби.
– Има облик на нерамноправност. Премиерот ја закажува средбата, тој е на власт и може во секој момент да откаже од ветувањата и договорите, или, пак, да ги наведе членовите на средбата нешто да кажат, а потоа тој да ја насочува својата политика врз основа на сознанијата од другите. Епохални одлуки на тие средби никогаш немало. Оделе таму со цврсти ставови, со преземени обврски пред партиските тела и дури и да се договорело нешто, тоа повторно одело на партиско одлучување. Без институционална потврда, нема ефект од лидерските средби – заклучува професорот Андревски.
Кратка хронологија на јалови средби
Барем десетина години македонската јавност е сведок на голем број одржани лидерски средби, на кои никогаш не беше постигнат никаков договор. Подолу потсетуваме само на неколку од нив.
- Лидерска средба во јануари 2011 година: На дневен ред одбележувањето на двата важни јубилеја годинава – 20 години од независноста, за обврските и прашањата произлезени од последниот извештај на ЕК и за претстојниот попис. Не се оствари ништо од тоа.
- Јануари 2013 година: Нова неуспешна лидерска средба за прочистениот избирачки список и препораките на ОБСЕ. Тогашната опозициска СДСМ не отстапи од барањето за предвремени избори заедно со локалните.
- Јуни 2014 година: Лидерска средба меѓу поранешниот премиер Груевски и тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев. Средбата минала без можност за договор.
- Октомври 2015 година: Уште една во низата неуспешни лидерски средби. Станало збор за спроведување на договореното во Пржино на 2 јуни и 15 јули, а на маса биле сите отворени прашања. И оваа средба заврши без успех.
- Септември 2019 година: На оваа лидерска, по седум часа расправа, не беа најдени решение и согласност за новиот закон за јавно обвинителство со кој требаше да се реши статусот на СЈО, специјалните обвинители, предметите и доказите, т.н. „бомби“
- Мај 2020 година: И втората лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски е неуспешна. Лидерите и по тричасовни разговори не се договорија за датумот на изборите.