Собранието непречено да функционира, а сите пратеници да се вклучат во носење на законите особено во законите од судството, правото… Ние како Влада сме отворени за соработка и сега е потребна инклузивност и обединетост, а темата за ЕУ да не е терен за дневна политика, побарал премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со претседателите на парламентарните партии.
-Не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел. Затоа и напоменав дека од корист ќе е формирање собраниска група за европски реформи која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со ЕУ преговорите да не бидат блокирани и да не доцнат. Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата треба да биде вистинското место за тоа – рече меѓудруготото Ковачевски.
Ковачевски ги информирал за евроинтеграцискиот процес, но и за енергетската состојба во земјата, за законите од областа на правото што треба да бидат донесени, како и за Буџетот за 2023 година. Понудил и заклучоци што би произлегле до средбата со кои побарал парламентарните партии зачленувањето во ЕУ да се смета за надпартиски интерес и сите чинители треба да дадат целосна поддршка. Но, Ковачевски кажа дека сепак нема заеднички заклучоци кои би произлегле од средбата.
– Пред нас стојат многу предизвици, а она што го нагласив и денес пред претседателите на парламентарните партии е пред сѐ потребата за непречено функционирање на Собранието, бидејќи истото е исклучително важно за нашиот европски пат. Потребно е да се вклучат сите партии, сите пратеници и да се одблокираат процесите, за да може да имаме поефективни решенија, особено за законите кои се однесуваат на судството, кои се важни и за владеењето на правото како постулат, важни се за нашиот европски пат, но уште поважни се и за враќањето на довербата на граѓаните во судската власт – истакна Ковачевски.
Премиерот изрази задоволство што сите претседатели на парламентарни партии освен двајца присуствувале на средбата.
-Оваа средба сама по себе е позитивна бидејќи сите претседатели на политичките партии седнаа на една маса во Парламентот за да разговараме за овие исклучително важни прашања а тоа е европската идниан на државата и одлуките што треба да се носат во иднина но јас информирав и за сите закони кои не се одобрени а треба да се одобрени особено во владеењето на правото и корупцијата, а информирав и за сите мерки за структурата на Буџетот за 2023 година и за справувањето со оваа огромна енергетска криза со која се соочуваме. Сите политички партии ги кажаа своите ставови, а дел од нив се познати во јавноста. Клучно е дека седнавме на заедничка маса да разговараме за овие прашања од кои зависи иднината на нашите генерации – рече Ковачевски.