Ли Чијанг, премиер на Државниот совет на Народна Република Кина

СПЕЦИЈАЛНО ОБРАЌАЊЕ НА ЛИ ЧИЈАНГ, ПРЕМИЕР НА ДРЖАВНИОТ СОВЕТНА НАРОДНА РЕПУБЛИКА КИНА ВО ДАВОС

Кинескиот премиер Ли Чијанг имаше впечатливо излагање на Светскиот економски форум во Давос, при што ја презентираше економската состојба на Кина, прецизирајќи дека годинашната тема на форумот „Обновување на довербата“ е во согласност со грижите на луѓето и со сигурност ќе влијае на многумина.
Според Ли Чијанг, клучно е да се обнови довербата меѓу земјите, да се отфрлат меѓусебните предрасуди и заедничка да се работи на враќање на довербата, бидејќи само на тој начин ќе се овозможи напредок.
Тој понатаму потсети на зборовите на претседателот Си Џинпинг, дека промените на светот, на нашето време и на историското значење се отплетуваат како никогаш досега, а светот има влезено во нов период на турбуленции и трансформации и дека клучно е да се негуваат комуникацијата и размената, солидарноста и соработката, отвореноста и споделувањето и мирот и стабилноста, како начин да се обнови меѓусебната доверба.

Пет предлози за обнова на меѓусебната доверба

Кинескиот премиер на форумот во Давос изнесе пет предлози за обнова на довербата и унапредување на соработката од областа на економијата.
Како прв предлог ја истакна потребата од зајакнување на координацијата на макроекономската политика за градење поголема синергија за глобален раст. Во таа насока, при креирањето и извршувањето на макрополитиките, ја нагласи потребата од засилување на дијалогот и комуникацијата, преземање покоординирани и ефективни мерки, цврста поддршка на мултилатералниот трговски систем, заеднички да го подобрат глобалното економско управување и поттикнување на нови двигатели за глобалниот раст.
Вториот предлог што го истакна кинескиот премиер Ли Чијанг во насока на обнова на довербата е зајакнување на меѓународната индустриска специјализација и соработка за да се одржат стабилни и цврсти глобалните индустриски синџири и синџирите на снабдување, потсетувајќи дека глобалните бројки по пандемијата покажуваат двојно зголемување на нови дискриминирачки трговски и инвестициски мерки низ светот. За него клучно е целосно да се почитуваат законите на меѓународната индустриска специјализација, цврсто да се унапредат трговската и инвестициската либерализација и олеснување, да се зацврсти врската на соработката, да се направи поголем колачот на заемна корист и постојано да се подобрува стабилноста на глобалните индустриски синџири и синџирите на снабдување.
Понатаму, кинескиот премиер како трет предлог во насока на враќање на довербата го потенцираше зајакнувањето на меѓународната размена и соработка во областа на науката и технологијата за подобра бенефиција на човештвото преку технолошкиот напредок.
Четвртиот предлог што произлезе од кинеска страна е зајакнување на соработката за зелен развој за активно справување со климатските промени. Во таа насока, Ли Чијанг од посебна важност го смета одржувањето на принципот на заеднички, но диференцирани одговорности, подобра синергија меѓу стратегиите за развој меѓу земјите, отстранување на различните бариери на ова поле и заедничка работа за комплетна транзиција кон позелена економија и општество.
Петтиот предлог што го изнесе кинескиот премиер на форумот во Давос за тоа како да се врати меѓусебната доверба меѓу земјите е зајакнување на соработката Север-Југ и Југ-Југ за да се изгради универзално корисна и инклузивна светска економија, при што придобивките треба да бидат заемни. Тоа подразбира целосна имплементација на Агендата 2030 на ОН за одржлив развој, зајакнување на соработката за глобален развој, премостување на развојните јазови и создавање нови можности за соработка во области како што се ублажувањето на сиромаштијата, безбедноста на храната и индустријализацијата.

Перспективите на кинеската економија

Понатаму Ли Чијанг посочи дека, освен објективни причини, постојат и субјективни фактори што го влошуваат недостигот од доверба, а најдобриот начин за стекнување доверба е кога сите страни искрено се однесуваат меѓу себе и работат во иста насока.
Кинескиот премиер се осврна и на надворешната перцепција на кинеската економија, истакнувајќи дека таа треба да биде гледана на објективен и сеопфатен начин и вистински да сфати каде е во моментот и во која насока се движи.
Говорејќи пред присутните на форумот во Давос, Ли Чијанг сподели неколку перспективи за кинеската економија. Како прво истакна дека кинеската економија бележи постојан напредок и ќе продолжи да дава силен поттик за светската економија како важен мотор на глобалниот развој. Тој истакна дека наместо кон масивни стимулации, земјата се фокусирала на внатрешните двигатели, поставувајќи ја економијата на здрави и цврсти темели. Тој подвлече и дека земјата располага со индустрии од сите категории, со огромни човечки ресурси во областа на науката и технологијата, со базени на таленти и огромен број на истражувачи.
Кинескиот премиер потсети дека Кина има многу голем пазар со брзорастечка побарувачката и дека ќе продолжи и во иднина да обезбедува голема сцена за различни бизниси и таленти, истакнувајќи дека во услови на слаба глобална побарувачка, пазарот станува најреткиот ресурс. Според Ли Чијанг, кинескиот пазар, со својот огромен простор и растечката длабочина, ќе игра важна улога во зајакнувањето на вкупната глобална побарувачка.
Трето, Кина најавува дека нејзината цврста посветеност ќе остане на отворањето кон светот така што ќе се создаваат поволни услови за светот да ги користи можностите на Кина така што и во иднина ќе се прифаќаат бизнис-инвестициите од страна на сите земји низ светот, работејќи на поттикнување на пазарно ориентирана светска деловна средина заснована на закон. Кинескиот премиер уште најави и скратување на негативната листа за странски инвестиции, продолжување на отстранувањето на сите ограничувања за пристап за странски инвестиции во производствениот сектор и гаранции за национален третман за странските бизниси.
Говорејќи на форумот во Давос, кинескиот премиер уште додаде дека Кина редовно ќе ги слуша ставовите на странските бизниси и ќе преземе активни чекори за да одговори на разумните грижи, истакнувајќи дека како што се менува светот, Кина ќе остане посветена на основната национална политика на уште пошироко отворање кон светот.
Кинескиот премиер Ли Чијанг, завршувајќи го обраќањето пред присутните на економскиот форум во Давос, потенцира дека за дваесетина дена ќе започне кинеската година на змејот, кој е симбол на благосостојба, мудрост и сила, па во таа насока ја повика меѓународната заедница заеднички да напредуваат кон градење заедница со заедничка иднина за човештвото.