Дали државата ѝ овозможува достапни начини на дијаспората да ги искаже својот глас, став и мислење? Нашата дијаспора воопшто не е малобројна, а токму бројноста на дијаспората и нејзиното коректно инкорпорирање во процесите на непосредната демократија (избори, референдуми) го подигаат скалилото на делегираниот легитимитет на избраните носители на јавната власт (а и на која било друга одлука што треба да се донесе и е ставена на тест на највисоките институти на непосредното практикување на демократијата – изборите или формите на плебисцитарно одлучување). Затоа, „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе се потруди да ги детектира слабостите во односот на државата кон иселениците, што се одразува на ефектот од нивниот придонес во внатрешните демократски процеси, и да најде решенија како да се надмине таквата нелогичност, што ќе ѝ овозможи на дијаспората непречено, реално и активно, со сиот свој потенцијал, да учествува во давањето што повисок легитимитет на избраните носители на јавната власт
Македонската дијаспора и нејзината партиципација во одлуките за Македонија од стратегиско значење
Гласањето на дијаспората на изборите во Македонија некако секогаш се наметнува како тема што предизвикува дебата во јавниот простор во земјава – почнувајќи од смислата за таквата организација, односно влијанието на гласовите на иселениците во крајниот резултат, што води до моментот на спротивставување на тезите за „заинтересираноста на дијаспората“ (од една страна) и интересот на државата да им го овозможи легитимното право на своите иселени државјани да го дадат својот глас (од друга страна).
Уште еднаш пред денот на изборите да се потсетиме дека во јавноста беше упатена издржана критика за гласањето во дијаспората, бидејќи таму, како што се посочи во критиката, изборниот ден во Македонија (прогласен за неработен од Владата), сепак бил работен ден во земјите во кои живеат македонските иселеници, па граѓаните имале проблем да излезат од работа.
Кога станува збор за учеството на дијаспората во тековниот изборен процес во Македонија, јасно е дека не се исполнети условите за нејзино учество на парламентарните избори, кои ќе се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателските избори. Колку и да звучи парадоксално дека дијаспората во истиот ден ќе може да се изјасни на претседателските избори, но не и на парламентарните, Државната изборна комисија и за овој сегмент на изборите мора да се придржува до одредбите на Изборниот законик.
– Според Изборниот законик, за дијаспората да може да учествува на парламентарните избори, треба да има пријавено гласачи колку што има гласови за да биде избран пратеникот со најмал број гласови. Таа бројка се движи некаде околу 5.000 гласа, а за овој изборен циклус немаше толку пријавени македонски државјани од иселеништвото, за да се организира и реализира гласање за парламентарните избори. Ние, како Државна изборна комисија, задолжена за спроведување на изборите, секако мора да се придржуваме до Изборниот законик. Процената и споредбените анализи за одзивот на дијаспората треба да се прават подоцна, по завршувањето на изборите. Сепак, заклучоците што би придонеле за подобрување на условите за поголем одзив и пред сѐ интерес на дијаспората треба да се земат предвид при евентуални измени на Изборниот законик, што секако е процес во надлежност на Собранието. Во тековен изборен процес, ДИК постапува во согласност со актуелниот важечки Изборен законик – вели Радица Тодоровска-Алексовска, портпаролка на Државната изборна комисија.
Врските на дијаспората со Македонија не се прекинати, а и матицата не треба да ги прекинува…
Македонската дијаспора, без оглед на временскиот период на иселувањето, главно живее во земји со изразен (повисок) демократски капацитет, каде што свеста за граѓанската должност за придонес во демократските процеси преку избори се сфаќа мошне сериозно. Иако можеби некои од иселениците со децении се надвор од родната земја, врските со Македонија не се прекинати. А таа демократска дисциплина, стекната во земјите во кои живеат и работат, имаат желба да ја изразат и за состојбите во Македонија, односно да се изјаснат на изборите во земјава и со својот глас да им дадат поголем легитимитет на избраните носители на власта. Гласно вербално декларираниот интерес на иселениците за случувањата и политичките процеси во Македонија, а од друга страна со малиот интерес изразен во бројки на пријавени за гласање на изборите во земјава, го поставува прашањето дали државата им овозможува достапни начини како да го искажат својот глас.
„Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе се потруди да ги детектира слабостите во односот на државата кон иселениците, што се одразува на ефектот од нивниот придонес во внатрешните демократски процеси, и да најде решенија како да се надмине таквата нелогичност, што ќе ѝ овозможи на дијаспората непречено, реално и активно, со сиот свој потенцијал, да учествува во давањето што повисок легитимитет на избраните носители на јавната власт.