Ставот на Пендаровски да не се брза со уставните измени „за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација“ е отворено рационално согледување од страна на една од главните државни институции на сериозноста на целиот политички заплет што произлезе од безрезервните, дури и брзоплети, отстапки што ги направи Македонија во име на евроинтеграциите, без притоа да има соодветен принципиелен одговор од ЕУ
Како да ги решава Македонија политичките заплети стегнати со „бугарскиот јазол“
Пресингот со темата „француски предлог – бугарски уцени – уставни измени“ веќе секојдневно го оптоварува не само македонскиот политички амбиент туку и целото општество. Провокациите (и реактивноста) предизвикани од отворањето клубови со контроверзни имиња на ликови од бугарското фашистичко минато наведуваат на заклучокот дека претставуваат смислени методи на систематска субверзивност на Македонија и Македонците. Притоа, бугарската страна дрско манипулира во ЕУ, претставувајќи „загрозеност на правата на бугарското малцинство“ во Македонија.
Зошто во Македонија постои изразена политичка турбулентност
Летово, со изгласувањето во Собранието на заклучоците за прифаќање на предлогот на француското претседателство на ЕУ за преговарачката рамка и одржувањето на политичкиот состанок со третман на прва меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, Брисел практично смета дека македонската страна се обврзала дека ќе спроведе уставни измени за да го внесе бугарското малцинство, што е наведено како услов за вистински почеток на преговорите со Унијата. Меѓутоа, оддалеку се препознава дека тоа е само почетниот бугарски услов (а веќе легитимиран како европски) за отворање на поглавјата (кластерите) за преговарање. Но со протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство, кој исто така е забележан во францускиот предлог, Македонија неминовно ќе треба своите учебници по историја да ги синхронизира со бугарскиот историографски ракурс (или, поедноставно кажано, да ги испраќа на ревизија и рецензија во Софија, а и да ги отстапи своите архиви.!?). Впрочем, Македонија е обврзана да исполни уште низа услови што никако не се соодветни за суверена држава.
Еден од низата неверојатни предизвици наметнати за македонска страна е задолжителната промена на македонскиот највисок државноправен акт. Притоа, како некаков (не)формален рок за спроведување на уставните измени и воведување во преамбулата на бугарското малцинство е определен ноември 2023 година, кога се очекува да биде завршен скриниг-процесот на ЕУ за усогласеноста на македонското законодавство со европското.
Таквата состојба за актуелната владејачка коалиција создаде императив затоа што смета дека „европските интеграции на Македонија се апсолутен приоритет пред секаков друг национален интерес“. Сходно на тоа, владејачката коалиција смета дека треба побрзо да ги реализира уставните измени.
Од друга страна, засега опозицијата се изјаснува категорично „против внесување на Бугарите во македонскиот устав, без реципроцитет на признавање на македонското малцинство во Бугарија“. Од Софија се бара „јасно изјаснување за историската посебност на македонскиот народ и автентичната лингвистичка самостојност на македонскиот јазик“.
Од трета страна, анкетите на јавното мислење пак покажуваат големо незадоволство за наметнатите бугарски уцени и ултиматуми со растечки евроскептицизам.
Така поставените позиции во јавниот живот во Македонија резултираат со изразена турбулентност во општественото ткиво.
Рационална порака од државниот врв: Да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација и да не се брза со уставните измени
Во актуелно создадениот контекст, неодамна на еден форум, македонскиот претседател Стево Пендаровски ја даде својата процена дека за продолжување на преговорите со ЕУ ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес, според Пендаровски, треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација.
– Во преговорите ќе ни стане јасно дека интеграциите не се само добрососедските односи туку станува збор за еден колосален потфат за трансформација на државата и општеството, што ќе бара трпение од сите нас, но и откажувања во многу области од нашето живеење, особено на оние што се денес привилегирани по разни основи. Крајната цел е изградба на функционална правна држава со ефикасен судски систем – нагласи Пендаровски, порачувајќи дека преговорите за членство ќе траат со години и дека од сите нас ќе се бара напуштање на старите навики и испорачување резултати.
Ставот на Пендаровски да не се брза со уставните измени „за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација“, при првично слушање и читање може да се прифати како рационално согледување од страна на една од главните државни институции на сериозноста на целиот политички заплет што произлезе од безрезервните отстапки што ги направи Македонија во име на евроинтеграциите, без притоа да има соодветен принципиелен одговор од ЕУ. Напротив, по секоја отстапка со која се загрозува националниот идентитет, наместо награда, на Македонија ѝ беа испорачувани нови уцени.
– Во текот на изминативе 17 долги кандидатски години, сведоци сме на многу започнати, а недовршени реформи и уште повеќе на многубројни донесени, а селективно спроведени европски закони. Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, сѐ во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и блокади што, реално, не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и, најтешкото и најболно, масовно иселување на младите – истакна Пендаровски.
Спокојно, легалистички, трпеливо и бескомпромисно
Искусните проследувачи, па и активни чинители во македонскиот политички амбиент, внимателно и сѐ уште воздржано ги толкуваат најновите ставови на претседателот Пендаровски.
– Ако препораката на претседателот Пендаровски „да не се отвораат нови рани во ткивото на македонската нација“ значи (под)запирање на целиот процес на спроведување на бугарските услови во францускиот предлог, сметам дека тоа е добар предлог како почетна позиција. Но вистинскиот чекор е целосно ретерирање од заклучоците на Собранието за францускиот предлог и од Договорот за добрососедство со Бугарија. Вистинското прашање што треба да си го постават оние што сакаат да ги спроведат уставните измени и да ги внесат Бугарите во македонскиот устав е каде ќе нѐ одведе тоа ако се истуркаат во Собранието. Зашто тоа е само услов за започнување на преговорите, а според протоколот што е дел од предлог-преговарачката рамка нѐ очекува и ревизија на нашите историски учебници, предавање на архивите…, со што е загрозен суверенитетот на македонската држава. Подзапирањето со уставните измени е само одложување на процесот, кој веќе е речиси 80 отсто спроведен и нѐ одведе на брза лента до пропаста, а не е решавање на коренот на проблемот. Коренот на проблемите е Договорот за добрососедство, кој треба да биде раскинат – анализира универзитетската професорка Солза Грчева.
Согледувајќи го коренот на проблемите со Бугарија во Договорот за добрососедство, професорката Грчева посочува дека легалистичкиот механизам за негово решавање е во самиот текст на договорот.
– Ако се заклучи дека тој договор е злоупотребен, што го направи бугарската страна со подоцнежното надградување на тој документ со Декларацијата на бугарското собрание, па и со протоколите за негово спроведување, треба да се активира членот 13, став 2 од самиот договор. Бугарија отстапи од првичниот договор и максимално го злоупотреби и правното решение за Македонија е негово раскинување, што е наведено во споменатите одредби. Тоа е сосема легален начин, според стандардите на меѓународното право да се дерогира еден билатерален договор, кој е политички злоупотребен – вели професорката Солза Грчева.