И енергетиката е дел од столбовите што придонесуваат за развојот на општеството! По 8 мај сите очекуваме да се случи нешто, значителна промена во општеството. Некој со потајна радост, некој со големи желби, некој уплашен, но сите со очекување дека ќе има одговорност за одговорните што се однесувале неодговорно. Учителот велеше: Ќе видиме… Ќе видиме…
Кој пат ќе го оди енергетскиот сектор на Македонија?
По 8 мај сите очекуваме да се случи нешто, значителна промена во општеството. Некој со потајна радост, некој со големи желби, некој уплашен, но сите со очекување дека ќе има одговорност за одговорните што се однесувале неодговорно. Учителот велеше: Ќе видиме… Ќе видиме… (а кој е учителот?).
По овој ден, очекувам ВМРО да формира влада. А после ќе им биде многу, многу тешко. Херкуловски подвиг за чистење на Авгиевите штали (чистење од повеќегодишно наталожениот измет од стоката). Пред сѐ, длабинска промена на функционирањето на институциите, особено спроведување на правдата (судство и полиција) и финансиите. Сиромаштија и беда на секој чекор. Сиромаштијата не е срам, туку состојба. Бедата е карактерна особина. Се надевам се разбираме.
И енергетиката е дел од столбовите што придонесуваат за развојот на општеството. Факт е дека 1,2 милијарда евра „се вртат“ во секторот на енергетиката. И оправдано е да се формира министерство за енергетика. Во претходни писанија повеќепати потцртувам дека суверенитетот на една земја се постигнува со сопствено задоволување на основните потреби на жителите: вода, храна, заштита на границите, енергија…
А најважното е дека треба да има луѓе во државата. Да останат во Македонија, да ја сакаат, да ја градат, да ја признаваат како своја татковина (малку тешко, а?). А за да бидеме суверени мораме да инвестираме многу во „СИВА МАТЕРИЈА“. Без наука и истражување, без млади инженери – нема суверенитет во секторот на „сивата материја“, единствено се претвораме во клиентелистичко општество, без сопствен производ и знаење. Максимумот што се достигнува се сервисни услуги на странските компании.
А што правиме ние: најквалитетниот производ на нашите академски институции го бркаме од земјава. Придобивките од нивното знаење ги користат туѓите земји. Ние не им обезбедуваме услови за работа. Не се работи само за висината на платата. Повеќе боли кога гледаш дека твојот квалитет се понижува на сметка на клиентелисти, мито, непотизам или партиска/етничка припадност. Без оваа одлеана „сива материја“, нема развој во индустријата. Без сопствена техничка интелигенција остануваме на ниво на сервиси, клиенти, опремата ја купуваме од странство. Зошто постои страв и недоверба во потенцијалот на нашите млади инженери? Да ги потсетам помладите читатели дека во Македонија произведувавме ладилници (фрижидери) во Битола („Ѓорѓи Наумов“), произведувавме котли („Д.М. Бањаро“ во Прилеп), клима-комори, вентилациски решетки („Б.Давков“ во Скопје) и многу други неспомнати. Градевме мостови, брани, централи и надвор од Македонија, надвор од Југославија.
Наш приоритет, остварен преку новата влада, треба да биде создавање услови да се задржи дома техничката интелигенција (јасно и сите други профили што драматично ни недостигаат). Да обезбеди услови за создавање и напредување на препознатливи македонски компании („марки“, „бренд“) како што се: „Алкалоид“, „Витаминка“, „Браќа Кошулчеви – Брако“, „Гранит“, „Бетон“… Треба насочени стипендии за студентите во техничките сектори, кои летниот распуст го поминуваат на идното работно место. Со почнувањето сопствена реализација на енергетските и инфраструктурните инвестициски проекти, веднаш ќе се создадат услови за студирање при работа. Младите кадри ќе останат тука, ќе формираат фамилии, ќе се зголеми наталитетот, ќе се справуваме со белата чума, која драматично се надвиснала над Македонскиот род (нарочно со големо М иако е придавка). Можеби и мојот внук, кој студира на машински факултет во Германија, ќе најде работа во Македонија?!
Убеден сум дека ќе се формира министерство за енергетика, затоа што е најавено во изборната платформа на сигурниот победник ВМРО-ДПМНЕ. Моите очекувања се значително подлабоки од најавената платформа, но знам дека во неа и не може да се набројуваат сите можности и проекти.
Јас посакувам да се формира една нова институција – институт за енергетика на Македонија. Вакви специјализирани институти во секторот на енергетиката има и во регионот („Хрвоје Пожар“ во Хрватска, „Винча“ во Србија, „Јоже Стефан“ во Словенија итн.) и во целиот свет. Институтот би бил десна рака на Министерството за енергетика, а мисијата би му била акумулација и ширење на границите на знаењето за технологијата, во корист на општеството во целина, преку стремеж кон образование, учење, истражување и развој. Да обезбедува широк спектар услуги од областа на високата технологија во применети истражувања, дизајн, производство, тестирање и примена на професионална опрема и системи наменети за широк спектар деловни партнери.
Во него би функционирале неколку одделенија, како на пример некои од нив:
Ø аналитика: изработка на годишни енергетски биланси, следење на движењата во секторот на енергијата во регионот и пошироко, предвидување за движење на цените на енергентите, следење на реализација на енергетските проекти учество во Фондот за енергетска ефикасност итн.;
Ø студии: изработка на стратегии за развој на енергетиката, студија за електрификација на железницата и јавниот градски сообраќај, изработка на три годишни акциски планови, годишни предлог-планови за спроведување мерки за енергетска ефикасност, освежување на студиите и проектите за оптимално енергетско искористување на сливовите на реките Вардар и Црна Река, модернизација со предвклучни постројки (гасни турбини пред парни котли или постојните термоцентрали), нуклеарна енергија (опрема за мали енергетски системи како македонскиот) и др.;
Ø проекти: системи за складирање енергија (реверзибилни хидроцентрали, производство на водород, втечнување и складирање воздух); доработка на проектите „Бошков Мост“, „Луково Поле/ Црн Камен“; дефинирање на оптимални капацитети на когенеративни постројки на повеќе локации во Македонија; оправданост за изградба на мали и микрокогенеративни постројки и др.
Институтот би остварил тесна соработка со МАНУ, стопанството, академските и специјализирани невладини институции. Најдобрите студенти би биле задржани во институтот. Магистерските и докторските студии би се реализирале во соработка со институтот. Преку него ќе се создадат голем број врски со слични организации и зголемен пристап до истражувачки ЕУ-фондови. Верувам дека по извесен период на консолидација, институтот ќе стекнува средства и од непосредна соработка со стопанството.
Во фаза на тендерска постапка е документот Support to the update of the National Energy and Climate Plan of North Macedonia финансиран преку EU Multiple Framework Contract „SEA 2023“. Не знам кој ќе ја добие оваа работа, ниту кој ќе учествува во неговата изработка. Но сметам дека некритичното прифаќање на зелената агенда од изработената Стратегија за енергетика и акциските планови, треба да се коригираат драматично. Новата влада треба внимателно да следи што ќе се предложи во неа, особено динамиката и финансиските ресурси (задача на институтот?). Едно се желби, а друго финансиски можности.
Сите очекуваме брзо инвестирање во секторот на енергетиката, ама јасно е дека Македонија е финансиски истоштена. Треба поголем временски период да се санираат направените штети на ниво на Македонија и особено во секторот на енергетиката.
Според мене, во овој прв период на консолидација на финансиската состојба на новата влада, оправдана е финансиска соработка преку јавно-приватно партнерство. Читателите оправдано ќе забележат: па цело време бевте против ЈПП за проектот „Чебрен“, против „стратешките партнери“ „Митилинеос“ и трите сончеви паркови? Ако внимателно се читало или слушало што сум коментирал, ќе се види дека не сум против ЈПП, но сум ПРОТИВ КРИМИНАЛНО ШТЕТНИТЕ ДОГОВОРИ за нивната реализација. Секој партнер, обичен или „стратешки“ е добредојден, АКО МАКЕДОНИЈА Е 51отсто СОПСТВЕНИК на тој проект. Оправдано е финансирање на капитални проекти што директно придонесуваат и во отплатата на инвестицијата и за благосостојба на граѓаните.
Очекувам, ако веќе не постои таква документација, итно да се приготви анализа за динамиката и исплатливоста на отворање и користење на рудникот за јаглен „Живојно“. Ако е можно да се постигне паралелно ископ на јаловина (отворање на рудникот) и почеток со експлоатација на јагленот, се обезбедува сопствено гориво за работа на РЕК „Битола“, која е гарантот на базното производство на електрична енергија.
Очекувам во првата година да се приготви потребната проектна документација и да се направат првите комуникации со потенцијалните испорачатели на опрема за две когенеративни постројки со капацитет од 220-240 MW. Корисно е да бидат многу слични меѓу себе, за локации во Битола и Скопје. Во овие градови веќе се приготвени студии за топлифицирање, а и зградите се опремени со инсталации за централно греење. Да почнат информативни разговори со фирмите производители на таква опрема во Германија, САД, Франција, Кина, па зошто да не и во Русија (можеби наскоро ќе ги укинеме санкциите со кои направивме ненадоместлива штета на руското стопанство).
Очекувам во првата година да се донесе одлука дека проектот „Црна Река – Чебрен“ ќе се реализира. И да се приготви закон со кој ќе се утврди профилот на компанијата т.е. 51 отсто сопственост на Македонија, а другото акции или стратегиски партнери (на пример испорачателот на опремата). Да се дефинира приоритет на фазната изградба на браните по водотекот.
Очекувам да се стимулираат „просјумерите“ (производител/корисник), домаќинствата и малите и средни претпријатија, без неоправдано ограничување на капацитетот на вградената опрема. На тој начин се обезбедува дисперзирано производство на електрична енергија и не се оптоварува прекумерно преносната мрежа. Балансирањето делумно се префрла на дистрибутерот (ЕВН „Македонија“, а верувам дека тие жестоко ќе се спротивставуваат на оваа можност). Во Полска, 75 отсто од производството на електрична енергија од сончеви системи е од „просјумерите“.
Се противам на изградба на приватни големи „сончеви паркови“, особено на плодна земја. Се создава огромен проблем за балансирање на таа енергија. Може да се дозволи ако се градат со обврска да постават системи за складирање енергија. Корисно е Македонија да гради сопствени сончеви електроцентрали, особено на местата каде што имало ископ на јаглен. Потребен е сериозен пристап кон проблемот со складирањето на отпадот од сончевите колектори, кои содржат елементи што лесно се рециклираат, но и исклучително штетни материи што тешко се рециклираат.
Да се спречи продолжување на лиценците за изградба на приватни големи паркови за ветерна енергија, со обврската да се откупува електричната енергија со преферирана цена. Македонија треба да изгради сопствени ветерни паркови, затоа што нивното производство временски не се совпаѓа со производството на електрична енергија од сончевите централи. И овде сериозен проблем е усогласувањето на тоа производство со потребите на потрошувачите, особено затоа што најчесто тоа производство е во ноќниот период.
Очекувам итно да се консолидира АД ЕСМ, за да може да ја остварува својата основна функција: производство на доволно количество, квалитетна електрична енергија со најниска цена за потрошувачите во Македонија. Да инвестира во изградба на сончеви колектори и ветерни паркови за потребите на потрошувачите во Македонија, а не да купува од приватни производители што имаат постројки на тлото на Македонија или надвор од неа. Истото тоа се однесува и за МЕПСО и за ЕВН „Македонија“ (особено ако има шанса дистрибуцијата да си ја вратиме во наше владеење, да биде и за нас – бонбона-бизнис).
Каде ќе оди Македонија, во која насока ќе се развива енергетиката? Дали очекувањата ќе се исполнат? Ќе треба да причекаме, затоа што за да инвестирате во енергетски проект треба „трипати мери, еднаш сечи“ како што рекол умниот македонски народ. А јас сум убеден дека поголемиот дел од овие мои желби, Владата, очекувано раководена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги реализира во следните два мандата. Здружени, со заедничка работа, ценејќи го знаењето, ќе се оствари многу повеќе од првичните претпоставки. Заедништвото води кон победа рекле уште Старите Латини, Ubi Concordia, ibi victoria.
Проф. д-р Константин Димитров