Не испуштајќи ги од вид критериумите за квалитет и квантитет, сепак една од тежишните дилеми што во последниот период се наметнува е, всушност, колкав број судии има и би требало да има во Македонија за да се постигнат поголема ефикасност и квалитет на правосудството и конечно да може да се каже дека правната држава функционира. Особено откога министерот за правда Никола Тупанчевски неодамна изрази загриженост во однос на, како што рече, скорото пензионирање на повеќе од сто судии
Колку и какви судии се потребни за да ја
донесат правдата во Македонија
Збунувачки статистики за состојбата на човечките ресурси во правосудство не престануваат да бидат актуелни ниту пред најавеното креирање на новата стратегија за реформи во правосудството за период од 2023 до 2027 година. Една од дилемите што во последниот период се наметнува е колкав број на судии има и би требало да има во Македонија за да се постигне поголема ефикасност на правосудството и конечно да може да се каже дека правната држава функционира. Се разбира, бездруго земајќи ги во обѕир и критериумите за квантитет и квалитет!
Особено откога министерот за правда Никола Тупанчевски неодамна изрази загриженост во однос на, како што рече, скорото пензионирање на повеќе од сто судии.
– По донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за работни односи, очекувањата се дека во наредните две години, 12,5 отсто од вкупниот број на судии ќе бидат пензионирани. Или, во бројката, тоа значи нешто повеќе од сто. Значи, ќе се создаде сериозна празнина во однос на потребата, односно во однос на капацитетите да се одговори на потребите – изјави неодамна министерот за правда Никола Тупанчевски.
И тоа немаше до толку да интригира доколку претходно не беа објавувани анализи, според кои, Македонија по бројот на судии по жител е над европскиот просек. А дека е така кажа неодамна и претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, на конференцијата посветена на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор 2017-2022, што ја организираа Институтот за европска политика и асоцијацијата „Зенит3, со поддршка на Европската Унија.
Таа рече дека иако во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017- 2022, но и во други документи, се посочува дека бројот на судии е поголем од европскиот просек кога се мери според бројот на населението, сепак, нашите судии, според статистиката, имаат голем број предмети за решавање, па секое намалување на нивната бројност, според неа, штетно ќе се одрази врз функционирањето на судскиот систем. Затоа и Црвенковска, исто како и Тупанчевски, изрази загриженост поради претстојниот период кога многумина судии ќе ги исполнат условите за пензионирање.
– Можеме во иднина да го отвориме ова прашање, особено кога ќе ги имаме резултатите од пописот, но потребно е време судовите да го совладаат големиот број предмети, а за тоа ни се потребни судии и судски службеници – рече Црвенковска.
Инаку, вореформа во правосудниот сектор 2017-2022, се потенцира дека бројот на судии по жител во Македонија е повисок од европскиот просек, што ја наметнува потребата да се направи анализа што ќе биде основа за оптимизација на бројот на судии, изведена во законски утврдена процедура и почитувајќи ги уставните гаранции за независност на судиите. Ваквиот пристап, како што е наведено, ќе овозможи организациски и финансиски придобивки во однос на креирањето подобри организациски и финансиски предуслови за судиите.
Но со конкретни бројки досега никој не излезе, така што и авторите на анализата на спроведување на оваа стратегија се навраќаат на овој проблем.
– Во однос на оптимизирањето на судската мрежа, потребни се дополнителни проекции, консултации и јавни дебати во однос на тоа дали ќе се изврши спојување на одредени судови со основна надлежност или основните судови со основна надлежност ќе станат одделенија на основните судови со проширена надлежност – се констатира во анализата, со препорака оти е потребно да се подготви и стратегија за човечки ресурси во судството.
Во меѓувреме, овој проблем се спомнуваше во голем број расправи за реформи во правосудството.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права, во една од таквите расправи, констатира дека во моментот не може да се даде соодветен одговор за бројот на судиите.
– Министерството за правда требаше да направи анализа за бројот на потребни судии во системот. Има некои судови што немаат предмети, други судови имаат многу предмети, па избалансираноста е проблематична. Нешто се обидуваа да направат со тоа што дел од овие судови што не се толку оптоварени земаа некои предмети да ги решаваат, меѓутоа, сето тоа е привремено. Прашање е колку таа распределба е организирана за да доведе до еден квалитет – објасни Цаца Николовска.
Инаку, недостигот од судии е потенциран проблем во повеќе домашни извештаи, исто како што е потенциран проблемот дека приливот на нови судии (и обвинители), исклучиво преку Академијата за судии и обвинители, е далеку под потребниот број и природниот одлив поради пензионирање на постојниот кадар. На пример, во судството продолжува да опаѓа бројот на постојните судии. Во 2017 година судството имало на располагање 530 судии, во 2018 година – 511, во 2019 – 499, за да заврши со 493 во 2020 година, според годишниот извештај за работата на ССРСМ за 2020 година. А според извештајот за реализација на судскиот буџет за 2021 г., до периодот 31.7.2021, бројот на судиите веќе опаднал на 486. Според систематизацијата во судството, тоа би требало да има над 600 судии.
Ако е така, тогаш оправдано е да се постави и прашањето зошто на Македонија ѝ се потребни повеќе судии отколку во повеќето европски земји и по добивањето на резултатите од последниот попис на населението, и надлежните и јавноста, веројатно, ќе можат со повеќе аргументи да се зафатат со решавањето на овој проблем. Д.М.М.