Културниот геноцид (културоцидот) содржан во Преспанскиот договор треба да биде можеби појдовната точка за нашата проактивна дипломатска офанзива за разобличување на спогодбата и негово покажување. Уште од самиот почеток, во преамбулата на спогодбата (официјалното именување на Преспанскиот договор) безименото наведување на Македонија, само како „втора страна“, сериозно индицира на духот на културен геноцид, кој провејува во целата содржина на документот
АНАЛИЗА: КУЛТУРОЦИДОТ ВО СПОГОДБАТА ОД НИВИЦИ
Активирањето од грчка страна на Преспанскиот договор, ставајќи ја на преиспитување неговата облигационост (која се сведува на „толкувањето“ дека Грција не треба ништо да исполнува, а Македонија треба да исполни сѐ од договорот онака како што ѝ одговара на Атина), сепак и на македонска страна ги врати во јавниот дискурс предупредувањата за прекршувањата на меѓународното право на штета на Македонија, кои научната и политичката јавност во земјава ги искажуваше уште пред неговото потпишување во Нивици. Уште од самиот почеток, во преамбулата на спогодбата (официјалното именување на Преспанскиот договор) безименото наведување на Македонија, само како „втора страна“, сериозно индицира на духот на културен геноцид, кој провејува во целата содржина на документот.
За разлика од Македонија, каде што на контроверзен начин политичката опција што беше на власт инсистираше и го спроведе Преспанскиот договор и покрај несогласноста на мнозинството граѓани и неуспешниот референдум, во соседна Србија веднаш се реагира на препознаен културен геноцид во неколку случаи на преименување на улици во Косово, како и за кражба на покривот на една црква во Призрен. Во овие случаи Владата на Србија препозна акти на културен геноцид и веднаш агресивно реагираше според меѓународното право, па упорно се бори и го докажува тоа низ меѓународните институции.
Препознаа ли македонските официјални власти културен геноцид во менувањето на името на државата?
Апсурдноста на македонскиот случај достигнува „нови височини“, со најновите изблици од грчката политичка сцена, од каде што грчкиот премиер Киријакос Мицотакис порачува дека ако новите македонски власти не сакаат да си имаат проблеми на патот кон ЕУ, никако не смеат да ги употребуваат термините „Македонија“ и „македонски“ без географската одредница „северна“. Грчката пракса на примената на Преспанскиот договор пак покажува дека таму за земјава и понатаму се користи одредницата „Скопје“.
Од македонска страна шест години никако не е реагирано официјално на ваквите пораки и практики од грчка страна, па како премолчено да е прифатено да не се спомнува (дури ни за внатрешна употреба) основниот идентитет – македонски, ниту државата да се нарекува Македонија, или нацијата да се именува како Македонци. Таквата практика е прекината на инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која во заклетвата својата држава ја нарече само Македонија. Тоа предизвика ерупција на грчката вознемиреност и панично повикување на Преспанскиот договор како обврска само за Македонија.
Но и понатаму останува како предизвик прашањето се препознаваат ли во Македонија елементите на културен геноцид во Преспанскиот договор.
– Индициите за препознавање културен геноцид, негирање и поништување на културната посебност на еден народ, се во духот на целата содржина на Преспанскиот договор. Тие започнуваат уште во самата преамбула, каде што Македонија не се наведува со име, туку како „втората страна, заведена под број… во Обединетите нации“. Сѐ е во именувањето! Постоењето на нештата се легитимира со именувањето. Именуваме за да определиме карактеристики и специфики на нештата и процесите. Самото неименување на Македонија во преамбулата на договорот наведува на „непостоен“ субјект, што со дипломатска фразеологија суптилно имплицира на културен геноцид. Понатаму, во прилог на културниот геноцид, лоши се определбите во членовите 7 и 8 од договорот, каде што се заговара комисија за историјата и историските учебници во Македонија. И во други членови од договорот се препознава негирање на македонската историска, именска и идентитетска карактеристичност, бидејќи се обидуваат да ни ја намалат историската вертикала. Со овие членови од договорот ни се одзема античката историска развојна вертикала, благодарение на окупираните македонски (тогаш османлиски) територии во војните од почетокот на 20 век (Балканските војни и Првата светска војна), зацементирани со спогодбите на големите сили од 1944/1945 година. Според Преспанскиот договор, не можеме да се повикуваме на нашето културно минато надвор од сегашните граници на Македонија. Одземена ни е историско-културната генеологија од средновековието, нововековниот период и современата историја. Како пример, најголемите изблици на македонската преродба се во Кукуш, кој денес се наоѓа на територијата на Грција. Од денешен аспект, според Преспанскиот договор, имаме проблем и во трговската комуникација. На пример, македонските вина не можат така да се нарекуваат и да се пласираат на пазарот, што е исто така форма на културен геноцид… Во цивилизациското постоење не постои случај на еден народ да му се оспоруваат името и јазикот. Тоа е акт на најголем флагрантен културен геноцид. Со Преспанскиот договор се создаваат услови да се избришат историските корени на македонскиот народ, врз кои се заснова правото на суверенитет на територијата на која живее(л) – вели историчарката Наташа Котлар -Трајкова.
Вградениот културен геноцид – аргумент на македонската дипломатија за меѓународноправно разобличување на Преспанскиот договор
Културниот геноцид верификуван со Преспанскиот договор сѐ уште е можеби најзабележлив во променетите имиња на топонимите на грчка територија, каде што доминантно живееле Македонците. Македонските имиња на градовите и селата во Егејска Македонија (денес во територијата на Грција) се сменети со грчки, но во комуникацијата на Македонците сѐ уште функционираат тие изворни топоними: Кукуш (грчки – Килкис), Лерин (Флорина), Воден (Едеса), Солун (Тесалоники)… Дури и во Преспанскиот договор има одредба со која се препорачува користење на грчките ендоними (име што се употребува внатрешно во земјата, официјално име), наместо егзонимите, како што се сметаат македонските топоними.
Асиметричноста на Преспанскиот договор (заедно со Договорот со Бугарија) од неколкумина странски историчари е оценето дека има „силна нота на фашизам“. Во времето на неговото потпишување, уставно усвојување и спроведување, вградените елементи на културен геноцид беа препознаени и беше алармирано од интелектуално-научната јавност во Македонија. Официјалните власти во тој период се оглушуваа на таквите укажувања, но на сегашната офанзива на грчката дипломатија со контрадикторни аргументи за почитување на Преспанскиот договор, македонската дипломатија треба да одговори проактивно, па дури и со контраофанзива на аргументи и дејства што ќе ги искажат асиметричностите и подривањето на меѓународното право, како и цивилизациските вредности содржани во основата на актите за човековите права, вградени во овој документ што се третира како билатерален договор. Културниот геноцид содржан во Преспанскиот договор треба да биде можеби појдовната точка за нашата проактивна дипломатска офанзива за разобличување на неговата ништовност.
Коцарев: Пред нашите очи се одвива културен геноцид
Во членот 2 од Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид (1948 година) – првиот правен инструмент за кодифицирање на геноцидот како кривично дело – се дефинира терминот геноцид: петтото (последно) дејство извршено со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група, гласи: „Насилно префрлање на децата од групата во друга група“. Оттука, државата Македонија има елементи да поведе постапка за геноцидот што е извршен со протерување на македонските деца од Егејска Македонија по Втората светска војна. Ако под културен геноцид се подразбираат „акти и мерки преземени за уништување на културата на нациите или етничките групи преку духовно, национално и културно уништување“, тогаш за културниот геноцид врз Македонците во Грција, може да прочитате, примерите се многубројни, на пример во текстовите „Негирање на етничкиот идентитет“ од 1 мај 1994 година на организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и „Невидливото малцинство на Грција – Македонските Словени“ на Би-би-си (BBC) од 24 февруари 2019 година, двата текста достапни на соодветните веб-страници.
Прашањето дали во Македонија има културен геноцид е излишно – ние ја знаеме вистината и знаеме дека пред нашите очи се одвива културен геноцид, за што исклучиво беа виновни поранешните македонски политичари. Постоењето на културен геноцид, меѓутоа, не повлекува постоење на културни геноцидни народи. Обичните луѓе лесно можат да станат соучесници во културниот геноцид: не поради нивните верувања, туку поради тоа што се нашле во ситуација кога и двете: хиерархиската послушност во групата и припадноста на група, ги притискаат да направат нешто со кое воопшто не мора да се согласат и за што всушност јасно гледаат дека не е во ред. Тие, припадниците на групата, немаат храброст (од двете наведени причини) да се спротивстават и да го отфрлат културниот геноцид: тие се подредени, често поради егзистенцијални причини, на групата: неприфаќање во групата подразбира нивно отфрлање, што се манифестира со слепа послушност. Ваквиот пристап резултира во суспензија на моралното расудување, односно префрлањето на одговорноста за стореното дело на други, кои се наоѓаат на повисоките скалила во хиерархијата, сè до самиот нејзин врв. Македонија е држава во која одговорноста е непознат збор.
Што е КУЛТУРОЦИД?
Според меѓународното право, културоцидот (културен геноцид или културно чистење) е поим што се користи во меѓународното право за „културната“ компонента на геноцидот, односно систематско поништување и уништување на културните вредности, добра и пред сè културниот (националниот) идентитет. Во најголем број случаи злосторствата од типот „културоцид“ се поврзани со одредена етничка или религиозна група или, поретко, со цел еден народ. Културоцидот многу често се користи и за систематско искоренување на регионалните дијалекти, палење книги, damnatio memoriae (заборав – бришење на меморијата), па и асимилацијата на јазици (најновите обиди на Бугарија да врши јазична асимилација). Понатаму, негирањето на различните елементи на културен национален идентитет, договори за менување културен идентитет, обиди за бришење колективна меморија на народот или одредена група, разни форми на рестрикции и цензурирања на една култура, особено цензури во врска со јавните медиуми или другите идентитетски ограничувања и „прочистувања“, како пример на таквите јавни и други архиви или библиотеки од содржината што се смета за неприфатлива и сл.
Активностите што се сметаат за културоцид влегоа во меѓународното кривично право, преку договори и конвенции што третираат одредени активности насочени кон намерно уништување на спомениците на култура и другите елементи на културниот идентитет – како воени злосторства. Културоцидот како систематско уништување на една култура има генерално два вида. Едниот е свесно систематско и масовно уништување, а другиот почест облик е културната асимилацијата (пред која исто така, по правило, претходи фаза на културно бришење или културна деградација односно идентитетска деградација).