Минатата недела, Петков изјави дека постојат лица што работеле против добрососедските односи и против постигнувањето евентуален договор помеѓу Бугарија и Македонија. Набргу потоа, министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи оти вработени во македонски институции се јавувале во Бугарија, со цел да не се реши спорот меѓу двете држави, а премиерот Димитар Ковачевски истакна дека се преземени мерки во однос на случајот. До каде се најавените зафати за „процена на ситуацијата, заедничката координација и вклучување на сите расположливи капацитети за откривање на вистината?“
Премиерите на Бугарија и на Македонија согласни во своите сомнежи
Неодамна, бугарскиот премиер Петков даде изјава во која беше изразено сомневање дека руски разузнавачи работеле против добрите односи со Македонија, во врска со што во тек е истрага во Бугарија. Минатата недела, пак, Петков повторно, како да се надоврза на истите искажани основи на сомневање од областа на безбедноста и разузнавањето, и изјави дека постојат лица што работеле против добрососедските односи и против постигнувањето евентуален договор помеѓу Бугарија и Македонија. Набргу по таа изјава, министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи оти вработени во македонски институции се јавувале во Бугарија, со цел да не се реши спорот меѓу двете држави, а премиерот Димитар Ковачевски истакна дека се преземени мерки во однос на случајот.
Македонските институции и надлежни служби сега „внимателно ја проценуваат ситуацијата и преку заедничка координација и вклучување на сите расположливи капацитети преземаат мерки и активности да ја откријат вистината, за да спречат понатамошни слични испади и подривања од Бугарија“.
Со нејасно формулирани сомнежи од државниот врв се подгрева недоверба
Според мислењето на безбедносните експерти и познавачите на процесите за евроинтеграции, чувствителноста на тематиката налага зголемено внимание при соопштувањето на информациите од страна на надлежните, особено поради нивната нејасна формулација, особено ако имаат основа и длабока поврзаност со меѓународната соработка. Токму затоа, потребни се детална истрага и соодветни докази пред споделувањето на сомнежите со јавноста.
– При изнесените сомнежи може да станува збор за изнесување разузнавачки информации и повреда на Законот за класифицирани информации и на етичките кодекси во институциите од безбедносно-разузнавачката сфера. Сомнежите несомнено имаат основа. Верувам дека тие информации доаѓаат во Бугарија преку т.н. процес на меѓународна соработка. Но секое вакво искажување предизвикува бранувања во јавноста и зголемено внимание, па затоа информациите не треба да се споделуваат без да се направат детална анализа и истрага со соодветни докази. Зошто? Токму затоа што на овој начин се подгрева недовербата врз реформираните служби и се подрива законитоста во нивното работење – вели универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски.
Македонските безбедносно -разузнавачки служби на тапет
Тврдењата на Петков ги ставаат македонските служби на тапет и треба да се внимава за да не предизвикаат цензура и спречување на меѓудржавниот дијалог. Но, според експертите, од ситуацијата може да се извлече и одредена бенефиција, преку давањето зголемено значење на безбедноста, бидејќи со навременото откривање на „подривањето на кртовите“, може да се спречи понатамошниот ретрограден процес на воспоставените заемни, меѓудржавни односи, се разбира доколку тие постојат и се развиваат.
– Службите опфатени во споделените информации се ставаат на тапет, но од ваквата ситуација има и одредена придобивка и опасност. Добро е од аспект, според кој, би можело да придонесе да се спречи подривање, преку давањето значење на безбедноста како тема што е во прашање во овој случај. Од друга страна, треба да се внимава да не се убие дијалогот и да се спречи да дојде до своевиден лов на вештерки во двете општества, во кој секој што не го поддржува дијалогот ќе биде предмет на автоцензура. Владата исто така треба да внимава при формулациите што ги користи при соопштувањето на информациите, како и во селективноста, поради чувствителноста на тематиката – истакна директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје, Марко Трошановски.
Ако странски амбасади врбувале службеници, потребно е темелно да се проверат сознанијата
Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека се преземени мерки кон македонски службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји, но не откри за какви дејства станува збор, бидејќи се работи за класифицирани информации. Тој нагласи и дека нема причини за да не му верува на неговиот колега Кирил Петков. Според Димовски, потребно е внатрешна контрола да ги провери сознанијата, да се вклучат Обвинителството и телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, како и да се информираат комисиите во Собранието, за да се дојде до веродостојни одговори.
– Во однос на поврзаноста, Бугарија има минато со изградени добри односи со СССР и одредена зависност што придонесува за ваквата ситуација, како ние со државите од поранешна СФР Југославија. Ако странски амбасади врбувале службеници од разузнавачко-безбедносната заедница во Македонија, потребно е внатрешна контрола да ги провери тие сознанија. Да се направи увид во прекршување на строгата доверливост на информациите и разузнавачките податоци и да се применат методи и принципи на адекватна заштита на класифицираните информации, со констатирање на прекршувањата на физичката и административната безбедност, безбедноста на лицата, како и на информатичка безбедност. Покрај активната работа на телата за внатрешната контрола, потребно е да се вклучи Обвинителството, да се информираат и комисиите во Собранието. Исто така, заради процена на остварениот пробив или штети во работењето на институциите што беа напоменати, дека нивни припадници дејствувале надвор од своите овластувања, потребно е и вклучување на телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, сѐ во функција на откривање на објективната вистина и казнување на прекршителите. Преку таквиот пристап ќе се постигне и генерална превенција и одбегнување ризици за наредни вакви испади, доколку навистина постојат – објаснува Димовски.
Тврдењата на бугарскиот премиер, веројатно, немаат капацитет да нанесат голема штета, освен што ја разбрануваа македонската јавност. Но овој случај треба да послужи за зголемување на будноста на македонските институции, за да можат да се справат со евентуални понатамошни обиди на Бугарија за вршење притисок во име на добрососедството и да ги одбранат националните интереси. С.Н.М.
Обичен службеник или агент немаат можности да ги расипат односите
Обичен државен службеник или, пак, агент немаат можности да ги расипат односите со Бугарија и да дејствуваат на начинот што го посочи бугарскиот премиер Кирил Петков, смета универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски.
– Не верувам дека обичен службеник или агент можат да дејствуваат на тој начин. Агентот нема ингеренции, тој прибира податоци што ги доставува во аналитичкиот центар за разузнавачка анализа и не може до таа мера да дејствува и да има информации за да ги доставува, ако не е на водечка позиција. Нејасна е формулацијата со која беа соопштени сомнежите и таа треба да се пренесе соодветно, јасно и недвосмислено. Но не верувам дека има можности да се расипуваат односите со Бугарија преку некакви нејасни комуникации и дејствувања, а доколку постојат такви, тогаш мора да се документира, да се обезбедат докази и да се поведе соодветна постапка. Ваквите тврдења можат да се споредат, на пример, со ситуација во која студент по безбедност открива доверливи информации, иако е јасно дека тој нема пристап до никакви сознанија од безбедносен карактер. Таква можност има само врхушката на единиците во рамките на безбедносните институции, односно некој од водечките позиции – раководител, шеф, началник, директор… – заклучува Димовски.