Од 2016 година, околу 20-40 илјади мигранти се депортирани во Грција. Ние сме во своевидна „кризна состојба“ уште од 2015 година и таа сѐ уште трае. Веќе осум години како државата троши ресурси, војска и никој не знае каков е нивниот статус. До кога ќе трае таа кризна состојба никој не знае, вели Зоран Дранговски од Здружението на млади правници

ОСВРТ НА СОСТОЈБАТА СО МИГРАНТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Дали Македонија има конкретна долгорочна, педантно конципирана интегрална стратегија и план за справување со напливот на мигранти? Препознатлива е сепак во делот од безбедносниот аспект, која најчесто се решава со помош на полицијата и граничната полиција. Но што е со другите аспекти на тој повеќеслоен предизвик? Ова се дилемите на експертите, кои многу години работат на оваа проблематика. Како резултат на таквите состојби, во земјава секојдневно сме сведоци на многубројни инциденти, кои вклучуваат и македонски државјани, поврзани токму со мигрантите што одлучиле да го бараат патот за подобро утре преку Македонија…

ДРАМА СО ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ ВО ВЕЛЕС

Филмска бркотница и апсење неодамна се случија во Велес, на кои сведочеа случајни минувачи. Според информациите, околу 20 часот, комби полно со мигранти, бркано од неколку полициски возила, влетало во забранет правец на улицата 8 Септември, на која во овој период се изведуваат градежни работи, и пропаднало во ископан ров. Полицијата веднаш започна потера по возачот и совозачот, кои ги уапси, но при апсењето еден од нив нападна полицаец.
Според истрагата било утврдено дека се работи за 18-годишници, едниот од штипското село Стар Караорман, а другиот од Штип. За среќа, не удриле во случајни минувачи, оти улицата е во строгиот центар на градот, а во близината се наоѓаат кафе-бар и ресторан.
Во комбито беа пронајдени 23 мигранти, од кои дури десет биле малолетни. Сведоци на настанот тврдат дека во потерата биле вклучени и хрватски гранични полицајци, најверојатно од мисијата ФРОНТЕКС. Во сообраќајната несреќа се повредени 11-годишно дете и неговиот татко, кои биле во комбето. Според началничката на итната медицинска помош, детето немало видлива повреда, но имало болка во главата и заедно со неговиот татко биле пренесени во болницата во Велес. Мигрантите, од кои најголемиот број се од Сирија, се префрлени во прифатни центри за бегалци, а против возачот и совозачот на комбито со скопски регистрации, полицијата ќе поведе кривична постапка.

Недостига сериозен интегрален приод ВО РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО МИГРАНТИТЕ

За волја на вистината ова не е ниту прв ниту последен инцидент што е поврзан со шверц на мигранти. Македонија станува оаза на шверцот, особено затоа што нашите граѓани, со надеж дека ќе заработат брзи и лесни пари, се впуштаат во илегален превоз и сите тие бројки речиси секојдневно ги бележи полицискиот билтен. Она што е клучно во целата оваа ситуација е прашањето дали Македонија воопшто се справува на некој начин со овој проблем, за што одговор побаравме од експертите што се занимаваат со оваа проблематика.
– Од 2016 година, околу 20-40 илјади мигранти се депортирани во Грција. Ние сме во кризна состојба уште од 2015 година и таа сѐ уште трае. Веќе осум години како државата троши ресурси, војска и никој не знае каков е нивниот статус. До кога ќе трае таа кризна состојба никој не знае – вели Зоран Дранговски од Здружението на млади правници.
Тој додава дека државата го решава проблемот со мигрантите ад хок.
– Ние немаме примарна стратегија и немаме скрининг што ќе покажат каква е состојбата кај нас, за да дознаеме дали мигрантите се дел од одредена мрежа за трговија со луѓе или, пак, имаат потреба од меѓународна заштита. Гледаме да се ослободиме од тој проблем, иако имаме резолуција за миграциска политика. Сепак, сѐ е во рацете на граничната полиција и полицијата. Ние зависиме од ситуацијата. Не сме сериозни, немаме правно регулирани транзитни центри – нагласува тој.

ПРОБЛЕМОТ САМО СЕ ТРЕТИРА, НЕ СЕ РЕШАВА во битието

И Србија мака мачи со мигрантите. Припадниците на српското МВР, во неделата на 29 октомври, на подрачјето на Суботица и Кикинда пронашле 157 илегални мигранти, 289 парчиња муниција од различен калибар, делови од униформи и одредено количество наркотици и лекови. Како што изјави тогаш помошник-директорот на полицијата, генерал Дејан Луковиќ, полицијата во рамките на акцијата извршила увид во 43 објекти што даваат услуги за сместување на нерегуларните мигранти и најави дека ќе има уште вакви акции.
Експертот за човекови права Никола Ковачевиќ, коментирајќи ја оваа акција за „Еуроњуз Србија“, вели дека мора да има координиран одговор на државите на мешаните миграциски текови, како што беше случајот со украинските бегалци. Од друга страна, вели дека ова и слични работи ќе се случуваат во иднина. Тој нагласи дека мора да се создадат околности државите да соработуваат во обезбедувањето заштита за бегалците, но и во депортацијата.
– Србија не може да направи ништо сама, ниту Унгарија, ниту Хрватска. Мора да има координиран одговор на мешаните миграциски текови од Африка или некои делови од Азија. Да се ​​создадат околности во кои самите земји ќе се справат. Додека не се вратиме во рамката на законот, ќе страдаат бегалците, барателите на азил и луѓето што живеат во пограничните области – нагласува тој.
Како што додава тој, бегалците се наоѓаат во еден вид празнина од моментот кога го напуштиле домот и во текот на целото патување во обид да стигнат до посакуваната земја.
– Имаме бегалци што изгубија сè, потоа доаѓаат во организирани групи, кои дополнително ги злоупотребуваат, потоа ги напаѓаат на граница, па повторно бегаат кај овие шверцери, а потоа стануваат толку посилни што се случуваат неприфатливи работи – нагласува тој.
Луковиќ вели дека никогаш немало сериозен политички одговор на прашањето за бегалците, така што нема конкретни резултати во однос на овој проблем.
– Само се засилуваат репресивните мерки на границите, вклучувајќи ги пред сѐ земјите што ја сочинуваат надворешната граница на ЕУ. Додека не се вратиме во рамката на правата, ќе страдаат бегалците, барателите на азил и жителите на Хоргош и другите погранични градови. Секогаш ќе има некој нов феномен. Сега приказната е дека сега има некои луѓе што шетаат со пушки некаде. Нема да имаме некаква предвидливост. Границите мора да се контролираат, но сè мора да биде во рамките на законот – вели тој. Додава и дека третманот што луѓето го доживуваат на границите, пред сè на оние земји што се на периферијата на Европската Унија, всушност влијае тие да се вратат кај шверцерите, кои поради тоа стануваат уште посилни. Ковачевиќ вели дека сите постапки на полицијата всушност треба да се сфатат како реакција на проблем за кој никој не презема превентивни мерки.

Прашањето за миграцијата е стара хронична болест

Директорот на Центарот за заштита и помош на барателите на азил во Србија, Радош Ѓуровиќ, изјави дека прашањето со миграцијата е сложено, дека не може да се реши прекуноќ и дека бара солидарност, пред сѐ европска, заедничка, масивна и координирана перманентна акција. Тој, исто така, вели дека миграцијата не може да се запре со додавање нови контролни пунктови или со физичко туркање на луѓето од преминот назад во земјата од која доаѓаат.
– Ситуацијата е многу тешка и предизвиците што претстојат треба да подразбираат општа солидарност, која, за жал, не постои. На сето ова реагира ЕУ, повикувајќи на борба за запирање на миграцијата, што е речиси невозможно. Овде треба да се развијат концепти за поддршка како во земји што веќе прифаќаат голем број луѓе, како Турција и Иран дури и Тунис. Сепак овде зборуваме за бариери и запирање на бродовите што доаѓаат со бегалци. Рестриктивен пристап што не дава резултати – тој рече.
На прашањето за можноста за рамномерна распределба на товарот на мигрантската криза меѓу малите и големите, Ѓуровиќ вели дека многу е тешко да се распредели овој проблем, бидејќи, како што вели, земјите што се покрај морето секогаш се на линијата на фронтот.
– Како што сега е поставен концептот, се чини дека најголемиот товар на миграцијата го преземаат земјите од европската периферија: Италија, Шпанија, Малта, Грција. Ова е неправедна распределба на товарот, а според прописите, централните земји на ЕУ остануваат на некој начин заштитени. Првата земја што ќе прими мигрант мора да се справи и со тоа лице кога ќе го прифати. Тука се јавуваат најмногу несогласувања, каде што новиот пакт им нуди можност на земјите, кои доколку не сакаат да добијат одредена квота да платат околу 20.000 евра за секој човек и да бидат ослободени од обврски. Ова веднаш предизвикува конфронтација меѓу земјите што се на периферијата на ЕУ. Едно е да се дадат 20.000 евра и да се биде ослободен од заштита, а друго е да се прифати тој човек и да му се приклучи на општеството во наредните години. Во таа смисла се поставува прашањето – рече тој.


Проект на Обединетите нации
Да останеме доследни на нашите должности да одговориме на потребите на мигрантите

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се обрати во воведните излагања на завршниот настан од заедничкиот проект на Обединетите нации, „Планирање и дискурс за миграциска политика заснована на докази во С. Македонија“. Тренчевска на почетокот од своето обраќање ги истакна досегашните соработки со меѓународните организации и посочи дека постојаната комуникација со нив и спроведените активности придонесуваат кон поголем квалитет на животот и соодветен одговор на потребите на мигрантите.
– Нашата мисија како министерство е да останеме доследни на нашите должности да одговориме на потребите на мигрантите. Како солидарна и праведна влада продолжуваме да работиме на заеднички проекти со Обединетите нации кон подобар прием и третман на мигрантите во нашата држава – рече Тренчевска.
Таа ја истакна работата на министерството во насока на зајакнување на одговорот на предизвикот со мигрантите.
– Активно учествувавме во изработката на најновата Резолуција за миграциска политика 2021-2025 година, која е усвоена од Собранието во декември 2021 година; во обезбедувањето релевантни информации и податоци за миграцискиот профил на Северна Македонија за 2021 година и Индексот на управување со миграцијата 2021 година. На наше барање во 2021 година беа изработени и „Предлогот за измени и дополнувања на Правилникот за стандарди за прием на баратели на азил“ и „Прирачникот за начинот на спроведување на програмата за интеграција на лицата на кои им е одобрен азил“. Ревидираниот правилник има цел да ја зајакне меѓусекторската соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи – рече Тренчевска.
Со свое обраќање се обрати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој истакна дека имплементацијата на активностите во рамките на овој значаен проект придонесе кон искористување низа алатки и механизми, кои се развија преку собирање податоци за миграцијата и обезбедување клучни информации за креирање соодветни политики и планирање.
– Сево ова имаше свој придонес во донесувањето одлуки за обезбедување навремени, сигурни, достапни и споредливи податоци за миграцијата и состојбата на населението што мигрира, со што се добива реална слика за состојбата со миграцијата и планирање и истото тоа помогна да се надмине недостигот од податоци за креирање политики врз основа на докази, што беше идентификувано како еден од главните предизвици во националните стратегиски документи. Овде би сакал да истакнам само неколку од достигнувањата во рамките на проектот, како што се изработката на новата Резолуција на миграциска политика 2021-2025 година, која беше усвоена од страна на Собранието во декември 2021, развојот на миграцискиот профил на Македонија во 2021 година и Индексот за управување со миграциите и изготвување предлог за измени и дополнувања на Правилникот за стандарди за прием на баратели на азил – истакна министерот Спасовски, додавајќи дека во рамките на проектот се унапредија техничките капацитети на институциите за прибирање и размена на податоци од областа на управувањето со миграциите, како и спроведување обуки за градење на капацитетите на меѓуресорското тело за развој на миграциска политика.
Спасовски потенцираше дека заедничкиот проект што се имплементираше во изминативе три години даде значаен придонес во процесот на исполнување на условите за пристапување на Македонија во Европската Унија и потребата од усогласување со релевантните стандарди на ЕУ, вклучувајќи ја и регулативата на ЕУ 862/2007 за статистика на миграцијата на заедницата и меѓународна заштита.
– Министерството за внатрешни работи со својот проактивен и отворен пристап останува да бидат активен и кредибилен партнер во голем број меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси. Во делот на миграцијата, главен приоритет на МВР е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, како и со агенциите на ЕУ, ОН и други релевантни меѓународни организации – нагласи тој.


Евростат: 80.665 лица поднеле барање за азил во ЕУ во јули, од кои повеќето Сиријци

Барања за меѓународна заштита (азил) во земјите на ЕУ во јули годинава поднеле 80.665 лица што не се државјани на ЕУ, што е за 20 отсто зголемување во однос на истиот месец лани. Во јули годинава имаше 5.225 последователни кандидати, односно за 11 отсто помалку од јули минатата година. Како што објави Евростат, најголемата група баратели на азил се Сиријците, од кои првпат азил побарале 14.825, потоа Авганистанците (8.105), пред Турците (5.905), Венецуелците (4.950) и Колумбијците (4.600). Германија, Шпанија и Франција примија 59 отсто од сите лица што првпат бараат азил. Слично како и претходните месеци, во јули годинава, Германија (25.105), Шпанија (11.945) и Франција (10.605) продолжија да примаат најголем број баратели на азил, со 59 отсто од сите лица што првпат бараат азил во ЕУ. Во јули годинава, вкупниот број на баратели на азил во ЕУ изнесуваше 18 на сто илјади луѓе.
Споредено со населението на секоја земја од ЕУ, според податоците од 1 јануари 2023 година, највисока стапка на регистрирани апликанти во јули е забележана во Кипар (99,7 апликанти на 100.000 луѓе), пред Австрија (57,4).
Најниска стапка е забележана во Унгарија, каде што не е регистрирано ниту едно барање. Кога станува збор за малолетниците без придружба, во јули годинава 3.790 од нив првпат побарале азил во ЕУ, а главно дошле од Авганистан (1.205) и Сирија (1.190). Земјите од ЕУ што добија најголем број барања за азил од непридружувани малолетници во јули 2023 година беа Германија (1.065), пред Австрија (755), Холандија (575) и Бугарија (470). Германија, Шпанија и Франција примија 59 отсто од сите лица што првпат бараат азил. Слично како и претходните месеци, во јули годинава Германија (25.105), Шпанија (11.945) и Франција (10.605) продолжија да примаат најголем број баратели на азил, со 59 отсто од сите лица што првпат бараат азил во ЕУ.