Поради различната економска структура, во осумте статистички региони во Македонија има различни промени во нивното учество во структурата на националниот бруто-домашен производ и по жител, што е особено изразено во екот на пандемијата
ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА РЕГИСТРИРА НАМАЛУВАЊЕ НА УЧЕСТВОТО ВО СТРУКТУРАТА НА БДП И БДП ПО ЖИТЕЛ НА СТАТИСТИЧКИТЕ РЕГИОНИ ВО ДРЖАВАВА
Јавната поддршка за компаниите за зачувување на работните места и за ублажување на влијанието на економскиот шок за економијата и домаќинствата поради кризата од ковид-19 даде одредени резултати, но се појавија и индикатори за продлабочување на постојните разлики при опсервација на досегашната појава на „нерамномерниот развој на регионите“.
Во годишниот извештај на Европската инвестициска банка за инвестициите на Европската Унија за 2022 година се потврдува дека „регионите заздравуваат со различна брзина, дигитализацијата и зелената трансформација на економијата ги забрзуваат длабоките структурни промени, а Европа ризикува да биде уште понерамноправна“. Состојбата со економската криза во Европа е доволен показател на кој начин ќе се рефлектираат последиците од ковид-ударот, а како најзагрозени се неразвиените подрачја, како што се и земјите од Западен Балкан, во кои спаѓа и Македонија.
Ударот на кризата кон регионите во земјава
И пред почетокот на пандемијата на коронавирусот, економските експерти предупредуваа на нерамномерниот развој на регионите во нашата земја, што се огледуваше и низ намалениот бруто-домашен производ во поединечните региони, намалување на бројот на вработени и постојаниот тренд на иселување на населението од помалку развиените региони во Македонија.
За тоа какво е влијанието на ковид-кризата врз економската положба на регионите во Македонија ги анализиравме податоците на Државниот завод за статистика за бруто-домашниот производ во 2020 година споредено со 2019 година, кога се појавија и првите знаци на пандемијата на коронавирусот. Поради различната економска структура, во осумте статистички региони има различни промени во нивното учество во структурата на националниот бруто-домашен производ. Така, во 2020-та споредено претходната година има мали корекции во поединечното процентуално учество во БДП. Во регионите што забележале зголемено учество се Вардарскиот од 0,2 отсто, Источниот Регион со 0,1 отсто и Полошкиот Регион со 0,2 отсто. Намалување има кај Југоисточниот Регион со 0,3 и Пелагонискиот Регион со 0,1 отсто. Југозападниот, Североисточниот и Скопскиот Регион го задржале истото учество во националниот бруто-домашен производ. Но затоа, во 2020 година во сите статистички региони има намалување на БДП по жител, споредено со претходната. Кај овој показател има различни отстапувања по регионите и тоа е поврзано со претходното ниво на приходи кај населението и бројот на населението.
Рамномерниот регионален развој повторно во фокусот
Регионите што не се развиени во иста или слична мера како другите региони, и пред кризната состојба имаа тешкотии во економските активности и развој, посочуваат од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
– Полошкиот Регион, како втор најнаселен регион, има стапка на невработеност од дури 24,8 отсто според статистиките за 2019 година, во која немавме криза, ни енергетска, ни здравствена. Според податоците, само во Тетово има над 15 илјади лица што се активни баратели на работа, а ова е индикатор на сериозен проблем што го има погодено овој регион на земјата. Индикатор за тоа колку се заоставени и запоставени некои од регионите во Македонија треба да видиме колку регионите учествуваат со бруто-додадената вредност. Во последните податоци во овој сегмент од 2019 година, Североисточниот Регион е најслаб, кој учествува само со 28,6 милијарди денари, потоа следува Полошкиот Регион со 44 милијарди денари. Скопскиот Регион, со најголемо учество во овој сегмент, има 260,8 милијарди денари, што е за девет пати повеќе од Североисточниот Регион. Според нашата анализа, рамномерниот регионален развој е од клучно значање за спас на економијата и зачувување на работната сила во земјата, и сметаме дека доколку некои региони многу слабо перформирале пред пандемијата и пред енергетската криза, тие се во уште полоша состојба во текот на кризите, но и по нивното надминување – вели Дриљон Исени, извршен директор од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Нерамномерниот развој на државата во голема мера влијаеше и влијае врз миграцијата на населението, а внатрешното иселување на граѓаните беше насочено главно кон Скопскиот Регион, кој учествува со над 40 проценти од националниот БДП. Ова се одразува катастрофално за развојот на другите региони, а од друга страна доведува до пренаселеност во главниот град, чија постојна инфраструктура не може да го издржи зголемениот притисок на новодојденците. Од секоја досегашна власт во Македонија беше ветувано воспоставување систем за одржлив рамномерен регионален развој, но досега тоа не беше остварено.
Во Заедницата на единиците на локална самоуправа немаат направено согледувања за тоа како економската и здравствената криза се одразува на развојот на општините, но напоменуваат дека тие се соочуваат со сериозни тешкотии во извршувањето на своите функции, поради повисоките цени за струјата.
– Поради енергетската криза, сметките за електрична енергија се повисоки од четири до пет пати за некои општини. Поднесовме некои барања до централната власт за надминување на овој проблем, но засега чекаме одговори. Немаме направено истражувања како глобалната криза ќе се оствари на економскиот развој на локалните самоуправи. Економските потенцијали на регионите се во тесна зависност од политиките што се водат на централно ниво – ни изјави Душица Перишиќ, извршна директорка во ЗЕЛС. М.Ј.