Поранешниот министер за правда и висок функционер на Алијанса за Албанците, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите позиции што ги извршувал во партијата. Одлуката ја соопшти преку неговиот официјален Фејсбук профил, наведувајќи дека се работи за „тежок, но зрел чекор“.
Лога изјави дека на одлуката ѝ претходела „долга анализа и рефлексија“, додавајќи дека партиската работа во последната деценија ја вршел со максимална посветеност.
-По подолг период на анализа, одлучив да се повлечам од партискиот живот и од сите функции што досега сум ги извршувал во Алијансата за Албанците – објави Кренар Лога, поранешен министер за правда од редовите на Алијанса за Албанците од веќе сега крилото на Зијадин Села.
– Ова не е лесна одлука за мене. Имав чест да запознаам верни и неуморни соработници, како и такви што не го издржаа долгиот и предизвикувачки пат. Во изминатите десет години имав можност да запознаам посветени луѓе и пријатели. Заедно поминавме низ битки што оставија трага во нас…Ќе продолжам да бидам меѓу вас, но отсега во еден послободен и независен пат – како солист – пишува поранешниот министер за правда.



































