Изјавата на евроамбасадорот Рокас сѐ уште е на линија на политички „двоен приод на претставниците на ЕУ во нашата земја кон прашањето за македонските евроинтеграции“ и игнорирање на меѓународноправните норми и принципи. Имено, кога станува збор за европските интереси, тогаш се можни секакви креативни „слалом-решенија“ и секогаш постои шанса да се најде алтернативна опција, но кога станува збор за одбрана на македонските интереси, тогаш работата е завршена, нефлексибилна и нема потреба од нови дополнителни предлози и решенија!?
Како евроамбасадорот Михалис Рокас уште во старт ги дискриминира македонските обиди за одблокирање на евроинтеграциите
Креативните решенија на кои се работи во моментот за одблокирање на македонските евроинтеграции се единствениот начин за излез од ќор-сокакот во кој Македонија беше втурната по избрзаното прифаќање на францускиот предлог од страна на претходната влада, па сега се прави обид да се санираат последиците така што ќе се најде решение што нема да биде на штета на македонските национални интереси.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за наоѓање решение што ќе биде достоинствено и во согласност со националните интереси, а во таа насока е и писмото со македонските позиции и предлози за надминување на застојот во евроинтеграциите.
– Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции – одговори Мицкоски, додавајќи дека ако не се смени преговарачката рамка, тогаш „најдобро е да прифатиме сè и да се избришеме“.
И додека македонската влада работи на наоѓање решенија, евроамбасадорот Михалис Рокас уште во старт ги минира ваквите обиди, тврдејќи дека малку е веројатно Брисел да прифати какви било промени во досегашниот став околу уставните измени.
– Како што знаете, проширувањето е процес заснован на едногласност, сите ние сме свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигуриме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата што сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо, и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и С. Македонија – изјави Рокас во интервјуто за МИА.
Она на што постојано инсистирала Европската Унија во минатото, но и сега, тоа е наоѓање креативни решенија дури и тогаш кога се чинат невозможни, како што беше словенечката блокада на Хрватска, но и како што беше негативното македонско искуство токму со таквите европски „креативни решенија“ кога под закани и уцени беа обезбедени осум пратеници во македонското собрание потребни за промена на државното име.
Не е големо изненадување за македонската јавност дека со изјавата на евроамбасадорот Рокас уште еднаш се потврдуваат двојните европски стандарди, односно кога станува збор за европските интереси, тогаш се можни секакви креативни решенија и секогаш постои шанса, но кога станува збор за одбрана на македонските интереси, тогаш работата е завршена и нема потреба од нови дополнителни предлози и решенија.
– Задача на евроамбасадорот е да ги следи процесите тука во земјава, да ги оценува реформите, усогласеноста на домашните со политиките на ЕУ, сега да ја следи и имплементацијата на средствата од фондот на ЕУ наменет за земјите од Западен Балкан и толку. За тоа како македонската влада ќе се бори и ќе настапува пред официјален Брисел во врска со сопствените интереси, тоа е наша внатрешна работа и амбасадорот Рокас не треба да се меша во тоа. Очигледно премиерот има некакви идеи, предлози, се подготвуваат некакви креативни решенија што сака да ги презентира пред европските челници, така што најмалку што треба да направи евроамбасадорот е да даде поддршка на секакви обиди за излез од ќор-сокакот, наместо да ги опструира со вакви изјави – сметаат поранешни дипломати.