За разлика од македонскиот устав, каде што доследно се наведуваат и се почитуваат правата на малцинствата, Бугарија прва треба да пристапи кон измени на својот устав за да ги имплементира базичните цивилизациски принципи за почитување на човековите права. Тогаш, веројатно, би можело да се разговара за реципрочност во билатералните односи и за аргументирана рамноправност во барањата за менување на македонскиот устав. Суштината на постоењето на Европската Унија (која се чини земјите членки ја имаат заборавено) е заедништво и соработка врз рамноправна основа, а не уцени и условувања од непринципиелни и експанзионистички позиции
Измените на конститутивниот акт како повод
Надвор од Копенхашките критериуми за проширување, па дури и спротивно на базичните принципи на Европската Унија и со „поетска слобода“ во толкувањето на меѓународното право за немешање во внатрешните работи на суверени држави, ЕУ, по барање на Бугарија, ѝ даде на Македонија предлог-преговарачка рамка со непристоен услов за менување на Уставот за да се додаде бугарското малцинство во него.
Дополнителна тежина на непринципиелноста на условот за менување на Уставот на Македонија е што тоа не се бара само за конечно полноправно членство во Унијата, туку само за почеток на преговорите. За особената контроверзност на предложената преговарачка рамка, позната како „француски предлог“ (покрај тоа што таква форма и услови се преседан во досегашниот процес на проширување на ЕУ), придонесува и фактот што е игнориран принципот на реципрочност меѓу суверени држави според меѓународното право, па Унијата не бара никаков реципроцитет од Бугарија во однос на почитување на правата на македонското малцинство во нејзиниот устав и правен систем.
Повикувајќи се исклучиво на привилегијата како членка на Европската Унија да ѝ поставува услови и вета на соседната земја кандидат (Македонија), Бугарија го билатерализира процесот на проширување на ЕУ, но и речиси две децении го избегнува спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) да овозможи законски (и уставни) услови за да биде остварено правото за здружување на нејзините граѓани што се изјаснуваат како Македонци. Главниот аргумент на Бугарија, кој за ЕСЧП (највисока правна институција на Советот на Европа) не е правно издржан, е дека нејзиниот устав не препознава категорија „малцинства“. Според логиката на бугарската политика (која на неразбирлив начин е прифатена и од ЕУ), Бугарија има право да бара од Македонија да биде додадено бугарско малцинство во македонскиот устав, зашто има концепт што ги препознава и уважува правата на малцинствата, но не го признава македонското малцинство кај себе зашто има поинаков уставен концепт (кој не препознава малцинства) и не сака да го менува.
Советот на Европа повторно ѝ се обрати на Бугарија за неспроведените веќе
„полнолетни“ пресуди
Минатата недела, на 19 септември, Комитетот на министрите на Советот на Европа во својата најнова одлука, донесена на 1.507-от состанок на делегатите на министрите, истакна дека властите во Бугарија и натаму не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и не дозволуваат регистрација на здруженијата што се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија. Стразбур ги покани властите на Бугарија да обезбедат конкретна и детална анализа на примената на формалните услови за регистрација како што се применуваат во постапките за здруженија апликанти и слични здруженија, како и за регистрација на здруженија поопшто и да дадат примери на правилни документи за регистрација.
На Бугарија ѝ се остава повторно време да даде информации за сите горенаведени прашања до 16 декември 2024 година, земајќи ги предвид аспектите идентификувани во анализата на секретаријатот, и да одлучат да продолжат со разгледувањето на овие случаи на нивниот состанок од март 2025 година (ДХ).
Комитетот на министрите се декларира за подготвен, во отсуство на видлив напредок во однос на аспектите идентификувани погоре и барем конкретни резултати на работната група за идентификуваните аспекти, да ја разгледа, при следното испитување на овие случаи, потребата веднаш да се усвојуваат нови мерки насочени кон зајакнување на нивниот политички дијалог и соработка со бугарските власти со цел да се обезбеди ефективно извршување на овие пресуди.
За да ги почитува човековите права, Бугарија треба да го смени својот устав
Адвокатот Тони Менкиноски, застапник во неколку случаи на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, смета дека последната одлука на Советот на Европа е победа на македонското малцинство во Бугарија, но и на Македонија.
– Официјална Софија е таа што треба да го отвори Уставот и да направи измени за признавање на македонското малцинство и неговото здружување во земјата. Со изнесените заклучоци, Комитетот на министрите посочува дека во насока на уставните измени, кои треба да бидат спроведени, веќе е формирана работна група во Бугарија, која го одржала својот прв состанок – вели адвокатот Тони Менкиноски.
Тој во своите изјави за македонските медиуми уште еднаш потсетува дека без ефективни резултати во однос на спроведување на пресудите од ЕСЧП, можно е да биде доведено во прашање членството на Бугарија во Советот на Европа, бидејќи со непочитување на одлуките на Судот за човекови права не се почитува ниту конвенцијата, која е услов за членство.
– Во членот 8 се цитираат членовите 3 и 6 каде што се укажува дека Бугарија веќе има формирано работна група, која е составена од правосудни експерти, претставници од извршната власт и од академската фела, кои работат на уставни и законски измени во согласност со извештаите на. Советот на Европа дополнително им стои на располагање за да ги регистрираат овие здруженија. Да повториме дека Бугарија е таа што треба да го смени Уставот, а не ние во Македонија – вели адвокатот Менкиноски.
Правата на малцинствата се дел од категоријата основни човекови права, дефинирани со Универзалната декларација за човекови права. За разлика од македонскиот устав, каде што доследно се наведуваат и почитуваат правата на малцинствата, Бугарија треба да пристапи прва кон измени на својот устав за да ги имплементира базичните цивилизациски принципи за почитување на човековите права. Тогаш, веројатно, би можело да се разговара за реципрочност во билатералните односи и аргументирана рамноправност во барањата за менување на македонскиот устав. Суштината на постоењето на Европската Унија (која се чини земјите членки ја имаат заборавено) е заедништво и соработка врз рамноправна основа, а не уцени и условувања од непринципиелни и експанзионистички позиции.