Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.
Средбата е предвидено да се одржи в понеделник, во Собранието.
– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус – соопшти вчера владината прес-служба.
Премиерот и минатата недела ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик, нагласувајќи дека според него добро е да се разговара за уставните измени со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите.
Претходно, иницијатива за средба со сите политички партии изразија и опозициските партии од албанскиот блок, кои во повеќе наврати кажаа дека ќе ги поддржат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, доколку се промени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.
Политичката партија БЕСА вчера најави дека ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба.
Генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа изјави дека на средбата би се разговарало за измените на амандманот 5 од Уставот што БЕСА ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.
Хоџа изјави дека на средбата може да присуствуваат и оние партии на Албанците што имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана.
В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, пак, вчера повтори дека наскоро ќе го објават сетот мерки што ќе бидат услов партијата да гласа за уставните измени, но не прецизира кога точно тоа ќе се случи, бидејќи, како што кажа, не е ништо итно.
– Наскоро ќе го објавиме сетот мерки. Ние сега анализираме кога треба да го објавиме тоа, во меѓувреме сме во консултација со меѓународни експерти, меѓународниот фактор и интелектуалци. Кога ќе дојде моментот, кога ќе видиме дека е моментот да се објави, тогаш ќе го објавиме, ништо итно – рече Таравари.
Таравари неодамна на прес-конференција порача дека АА може да гласа за уставните измени во Собранието, ако се усвојат сетот мерки кои ќе ги презентираат пред амбасадите и јавноста. Една од најважните мерки, како што посочи, ќе биде во Уставот да се вметне албанскиот јазик наместо формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во врска со ова барање, рече оти не смета дека ова треба да биде албанска етничка агенда, туку треба сите политички партии да седнат и да ги разгледаат овие прашања.
– Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на „20 проценти“, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет помеѓу политичките партии на македонскиот блок – нагласи Османи, осврнувајќи се на барањето на албанскиот блок да се избрише „јазик што го зборуваат над 20 проценти“ и да стои само албански јазик, од Уставот.
Тој, на прес-конференцијата во Скопје вчера по средбата со потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Казахстан, Мухтар Тлеуберди, одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето на албанскиот блок, потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 проценти“ бидејќи, како што оцени Османи, ова довело до демографската трка во минатото.
– Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот – истакна министерот за надворешни работи.
Османи запраша зошто тоа прашање да се претвори во етничка агенда и да се стави во контекст на ЕУ. Нагласи дека никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ, со какво било договарање и додаде дека интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите.
– Грешка е кој и да е да го условува европскиот пат со какво било друго барање. Интересот на албанските партии не може да биде во противречност со интересот на интегрирањето во ЕУ и тоа претставува и стратешка грешка и многу штетна доколку кој било би се обидел да го условува европското интегрирање со какво било друго прашање, било и да е и на етничка основа – истакна Османи.
Тој нагласи дека не е добра пораката што би и ја испратиле на Европа и на меѓународните партнери со овој начин на постапување, порачувајќи им дека европското интегрирање е противречно со интересите, било да се етнички, затоа што тоа е е погрешна порака и стратешка грешка.
Според Османи, ова прашање треба да биде рефлексија на политичката зрелост на општеството, односно дека дошло време за овие прашања од 2001 година, во нормален процес, со политика зрелост да се направи исправка.
Како што објави во саботата ТВ21, според првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, 20-те отсто во Уставот не ја загрозуваат албанската супстанца во Македонија, додавајќи дека нивното отстранување ќе биде направено во вистински момент, но без да прецизира кога точно.
– Нема никаков проблем, сме разговарале и со ВМРО и со СДСМ. Во вистински момент, кога ќе имаме 80 мандати со две третини, бидејќи тоа е промена на Уставот, овој проблем може да се поправи. Ве уверувам дека 20 отсто не влијае на албанската супстанца во оваа земја и не сум загрижен дека тоа нема да се случи утре. Тоа ќе се случи во вистински момент со договор затоа што сограѓаните Македонци ништо не губат ако од 20 отсто се пишува албански народ – кажал Али Ахмети.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак смета дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг. Дотогаш, вели, може да детектираме и поправиме нешто во однос на потребните реформи, а кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали има потребно дотретинско мнозинство.
– По мене суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме. Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор – изјави Пендаровски минатата седмица.
Мојот совет до Владата и до јавноста, рече Пендаровски, е да одиме плански и да не брзаме во тој процес.
– Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство – кажа тој.
Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски вчера рече дека главна тема на една таква лидерска средба би требало да биде за предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што кажа, не гледаме дека Владата е стабилна за да може да отвора сериозни теми како промена на Устав.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неодамна го изнесе ставот на партијата дека нема да поддржат уставни измени за внесувње на Бугарите во Уставот под постојните услови, односно ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени само доколку добие гаранции од ЕУ дека земјата ќе влезе во Унијата и дека за време на пристапниот процес, Бугарија нема да стави нови вета.