Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска, со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата, го пречека премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој е во официјална посета на земјава.
Ова е прва официјална посета на ирски премиер на нашата држава, која со Ирска годинава одбележува 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, оопшти владината прес-служба.
Според агендата, предвидена е тет-а-тет средба на двајцата премиери, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации. По одржувањето на билатералната средба, премиерот Ковачевски и премиерот Варадкар ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во составот на македонската делегација се присутни и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Премиерот на Ирска попладнево пристигна на меѓународниот аеродром „Скопје“, каде беше пречекан од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Денес му посакав добредојде во Скопје на премиерот на Ирска, Лео Варадкар. Премиерот Варадкар е во посета на Северна Македонија, која е дел од посетите на трите земји кандидати за членство во ЕУ од регионот. Неговата посета на Западен Балкан доаѓа во време кога продолжуваат преговорите за проширување на ЕУ – соопшти Маричиќ, оценувајќи ја посетата како позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и државата.
Ирскиот премиер ќе оствари средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски.