Фото: Фејсбук/Димитар Ковачевски

Предлог-составот и предлог-програмата за работа на новата Влада официјално му беше доставена денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, од страна на мандатарот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

– Денеска го доставив составот на новата Влада и програмата за работа на Владата до претседателот на Собранието. Имаме стабилно мнозинство, усогласена програма фокусирана на решавање на клучните проблеми на граѓаните и тим подготвен да одговори на сите предизивици – порача Ковачевски на социјалните мрежи.

Клучен приоритет на Владата, според Ковачевски, ќе биде справување со енергетската криза во државата, а втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и компаниите во ваквата состојба што произлегува.

– Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите минатата година, со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада – истакна Ковачевски во Собранието.

Согласно законот, Владата ја избира и разрешува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на владиниот состав, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.


Општините бараат итни субвенции од Владата

Општините бараат Владата да донесе план за нивно субвенционирање, откако Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) заклучи дека локалните самоуправи се соочени со наследени долгови, големо задолжување и зголемени трошоци.

На втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, чија претседателка е градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, акцентот бил ставен на проблемите поврзани со набавка на електричната енергија, со која се соочуваат општините и изнаоѓање решение за настанатите проблеми.

– ЗЕЛС бара Владата да донесе итен план за помош на општините за време на енергетската криза. Општините имаат сериозни финансиски проблеми и потребна е итна реакција на Владата со јасен план за помош на единиците на локалната самоуправа – посочи Арсовска на денешната прес-конференција во просториите на ЗЕЛС.

Таа додаде дека зголемувањето на цената на електричната енергија и цените на природниот гас дополнително ја компликуваат, како што кажа, крајно сериозната ситуација во којашто се наоѓаат општините.

– Со сегашната состојба и нискиот степен на децентрализација, општините немаат финансиска независност. ЗЕЛС ќе бара измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со цел да се подобри фискалниот капацитет и да се зголемат приходите на општините преку сериозно зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, од кои во овој момент многу мал процент оди во локалната самоуправа – нагласи Арсовска.

Како дополнителен проблем таа го наведе и едностраното раскинување на договорите од страна на снабдувачите со електрична енергија, со што сметките за електрична енергија, како што рече, се зголемени и за повеќе од пет пати.

Воедно од ЗЕЛС информира дека од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ доставена е информација за опасност од прекин во континуитетот во давање водни услуги, како резултат од кризата со снабдување со електрична енергија.

– Ова е дополнителен аларм дека итни мерки од Владата се неопходни за надминување на оваа кризна состојба – беше посочено на прес-конференцијата.