Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан Мирослав Лајчак, пристигнаа во Охрид во пресрет на утрешниот дијалог меѓу Србија и Косово, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Ковачевски е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој ќе учествуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, под покровителство на Европската Унија.
– Република Северна Македонија е избрана за домаќин на овој важен состанок бидејќи е пример за земја која што сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог и во функција на напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните. Потпишаните договори – Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство, се потврда за трајната заложба преку отворен дијалог да го трасираме патот на сегашниот и идниот развој на земјата. Преку овие јасни чекори кои обезбедија пред сѐ безбедност и континуиран развој, Северна Македонија од заробена и изолирана држава денес, пет кратки години подоцна, е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи и почитуван партнер на меѓународната заедница. Државите од Западниот Балкан припаѓаат во Европската Унија и до решенија на сите преостанати отворени прашања ќе се дојде само преку дијалог. Република Северна Македонија и натаму ќе продолжи да дава активен придонес во оваа насока – се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.
Македонија e кредибилен партнер на меѓународната заедница
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во Охрид се сретна со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
Ковачевски ја истакна поддршката на Владата на Македонија на дијалогот помеѓу Белград и Приштина во насока на целосно утврдување на патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, соопшти владината прес-служба. Тој ја нагласи важноста од изнаоѓање на решенија на сите отворени прашања во регионот по пат на дијалог.
Заеднички е констатирано дека со својата принципиелна надворешна политика базирана на дијалог и компромис во функција на напредок, Македонија како домаќин на овој настан е препознаена како кредибилен партнер на меѓунардоната заедница.
На средбата присуствуваa и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.