Новата германска владина коалиција јасно го изнесе својот став во врска со проширувањето на Европската унија / Фото: ЕПА

И добро е што на таков начин ќе се обелоденат работите. Веќе е повеќе од јасно дека никој повеќе нема да нѐ влече за нос, да нѐ замајува и да ги завиткува во обланда скриените намери со некакви еуфемизми. Тоа истовремено е и укажување за сите попусти болни отстапки на македонските граѓани и на сите претходни македонски власти, кои толку еуфорично го претставуваа прифаќањето на преговарачката рамка како голема победа, за сега да сфатат дека направиле огромна грешка

Новата германска владина коалиција директна и јасна: Нема проширување на ЕУ пред внатрешни реформи во Унијата

Македонија долго живееше верувајќи ѝ на европската слаткоречивост дека членството е на дофат и дека треба да се направи уште една отстапка за да се реализира и оваа стратегиска цел, но последните пораки што доаѓаат од водечките европски држави се упатени без никакви дипломатски ракавици, туку директно, дека додека ЕУ не се реформира, проширување нема да има.
Добра вест е што повеќе никој нема илузии дека ќе има проширување на брза лента, а уште подобро е што конечно треба да се засукаат работите и да се почне да се средуваат работите дома.

Земјите од Западен Балкан да ги извлечат вистинските заклучоци

Угледниот германски новинар Михаел Мартенс, кој 25 години е дописник за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ од Балканот и кој е добар познавач на процесот на проширувањето на Европската Унија, на својот профил на платформата Икс напиша дека противењето на новата германска коалиција на проширувањето на ЕУ би можело да биде добра вест за Западен Балкан.
– Новата германска влада практично се изјасни против проширувањето на ЕУ – т.е. против приемот на нови полноправни членки – во нејзиниот коалициски договор. Ова всушност би можело да биде добра вест за Западен Балкан, ако се извлечат вистинските заклучоци – објави тој на својот налог на општествената платформа Икс.
Тој на истата платформа ја објави и својата анализа со наслов „Отфрлање на проширувањето на ЕУ“, која се појави во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ на 13 април 2025 година.
– Еден незабележлив пасус во договорот на германската коалиција може да има големи последици: идната сојузна влада на Германија е скептична во врска со проширувањето на ЕУ. Унијата и СПД сакаат прво да го укинат принципот на едногласност – предупредува германскиот новинар уште во воведниот дел на својата анализа.
Понатаму пишува дека во коалицискиот договор на идната германска сојузна влада има пасус од четири реченици, на кој досега не му се посветуваше доволно внимание, иако може да има одлучувачко влијание врз надворешната политика.
– Прво, проширувањето на ЕУ и нејзиниот капацитет за апсорпција на нови членки мора да одат рака под рака. Затоа, најдоцна со следното проширување, потребни ни се внатрешна консолидација и реформа на ЕУ што ќе ја зајакне институционално. Второ, принципот на консензус во Европскиот совет не смее да стане сопирачка за донесување одлуки. Ова начелно важи и за преостанатите одлуки, кои бараат едногласност во Советот на ЕУ – наведува Мартенс.
И полската телевизија ТВП ворлд во својата статија со наслов „Нема понатамошно проширување на ЕУ, додека блокот го одржува принципот на едногласност, се вели во договорот за германската коалиција“, јавува за истото што го нагласува Мартенс.
– Конзервативната централно-десничарска Христијанско-демократска унија (ЦДУ), заедно со нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјална унија (ЦСУ), го потпишаа коалицискиот договор со Социјалдемократската партија (СПД) на 9 април. Договорот меѓу германските конзервативци и социјалдемократите, кој беше договорен минатата недела, предвидува дека нивната коалициска влада ќе се спротивстави на понатамошното проширување на Европската Унија, освен ако блокот не го откаже принципот на едногласност. Во документот, кој е на повеќе од 140 страници, само четири реченици се посветени на проширувањето на Европската Унија. Во договорот пишува: „Проширувањето на ЕУ и нејзиниот капацитет да прима нови членки мора да одат рака под рака. Затоа, потребни ни се внатрешна консолидација и реформи на ЕУ, најдоцна со следното проширување, за да ги зајакнеме нејзините институции. Принципот на консензус во Европскиот совет не смее да стане сопирачка за донесување одлуки. Ова во принцип важи и за преостанатите одлуки, кои бараат едногласност во Советот на ЕУ“. Овој договор за германската коалиција нагласува дека принципот на едногласност, што се бара, во некои случаи веќе ја попречува способноста на блокот да води политики – објави полската телевизија ТВП ворлд.

Македонските реформи паралелно со длабоките реформи во ЕУ

Очигледно новата германска коалиција нема никакви задршки околу тоа да ги соопштува работите отворено и без да им дава лажни надежи на земјите кандидати за некакво брзо членство по скратени патишта. По ова, а и по пораките што дојдоа од официјална Софија, повеќе од јасно е дека дури и хипотетички Македонија да ги направи уставните измени, тоа нема ништо суштински да промени и земјава повторно ќе остане заглавена во евроинтегративниот процес.
Аналитичарите што се осврнаа на точките во новата германска коалициона програма сметаат дека овој пат работите се кажани јасно и директно, така што македонските власти треба да го имаат тоа предвид.
– Јасно стои дека без внатрешни реформи на Унијата, што подразбира и укинување на одлучувањето со консензус, нема да има проширување. И оние што сега преговараат и отвораат поглавја, ќе ги чекаат внатрешните реформи во Унијата. Добро е што конечно некој ни ја кажа вистината, особено на одредени кругови тука во земјава, кои се убедени дека уставните измени се последната пречка. Сега се гледа колку погрешно било прифаќањето на таква преговарачка рамка со ЕУ, базирана врз францускиот предлог, која за Македонија е целосно погубна. Од друга страна, македонскиот предлог за уставни промени со одложено дејство е сосема разумно решение кога Германија како предводник на ЕУ ни кажува дека проширување без внатрешна реформа на Унијата нема да има – велат аналитичарите.
Според нив, откако претходните власти ја донесоа земјава во пат-позиција, новите власти треба да го искористат моментот на застој во проширувањето и да ја подготват земјата за идно членство во ЕУ, кога и да се случи тоа.
– Наместо да плачеме над нашата судбина и да зборуваме како Албанија и Црна Гора итале кон ЕУ, најпаметно е да ги засукаме ракавите и да почнеме дома да си ги средуваме работите. Германија сака да го преземе приматот на нов европски лидер и ќе притиска на внатрешните реформи во ЕУ, а за тоа време ние да почнеме со нашите реформи. Кочанската трагедија означи еден почеток на сеопфатна борба со корупцијата и таа борба не само што треба да продолжи туку уште повеќе да се засили. Паралелно, правосудните органи да почнат да работат во ист чекор, да ги гонат сите што ќе бидат фатени во коруптивни активности и криминал, да бидат брзи и ефикасни во делењето на правдата, да ја вратат вербата дека и во оваа земја може да владее правото. Македонските закони да се синхронизираат со европските, а некои и да се приспособуваат во согласност со нашите услови. Да се креира амбиент за развој на економијата така што ќе се трага по нови пазари, ќе се привлекуваат инвестиции, ќе се креираат работни места, ќе се развиваат инфраструктурата, енергетиката и на тој начин Македонија ќе се факторизира како стратегиски важен јазол на Балканот. Истовремено, треба да се работи на нов образовен концепт, на нов здравствен ефикасен систем, на здрава животна средина. Сите овие работи земјава може да ги прави паралелно додека тече внатрешната реформа во ЕУ, а во моментот кога ќе се укине гласањето со консензус, на што инсистира Германија, тогаш билатералните пречки ќе бидат минато, а Македонија ќе може да стане полноправна и достоинствена членка на Унијата – заклучуваат аналитичарите.

Свето Тоевски