Политичкиот предизвик е да се преселиме од изјави во практика, да се изгради доверба меѓу главните градови и да се покаже дека Европа може да одлучи кога е потребно. Накратко, во ЕУ веруваме дека не е доволно да се каже „ние сме веродостојни“ затоа што тоа само по себе не значи ништо. Правилната мера на кредибилитет е колку некој успева да препознае застарени или неефикасни системи, правила или режими и успешно да ги промени за да ги подобри работите, порачуваат заговорниците на промените
Ќе ја врати ли Брисел ефикасноста кон вистинските европски приоритети или и натаму ќе им робува на анахрони и ретроградни процедури
Целиот застој во македонскиот евроинтегративен процес се случи исклучиво поради незаинтересираноста на Европската Унија вистински да го спроведе процесот на проширување со Македонија, постојано правдајќи се дека Брисел ја сака земјава во европскиот клуб, но дека проблем е консензуалното одлучување.
И чекањето на консензуална одлука траеше со децении додека на Македонија ѝ се испорачуваа билатерални услови, најпрво од Грција за промена на името, потоа од Франција за нова пристапна методологија, на крајот и од Бугарија за идентитетско харакири, сите до еден неповрзани со Копенхашките критериуми. И за сето ова имаше европски консензус.
Но таквиот преседан сега им се удира од глава на европските челници, кои токму поради одбивањето да го напуштат консензуалното одлучување сега се соочуваат со блокада на сопствената надворешна политика и неможност да донесат каква било одлука, а таа да не биде оспорена од некоја земја членка.
Имено, деновиве министрите за одбрана и надворешни работи на земјите членки на ЕУ се состануваат во Копенхаген на неформален состанок за да стокмат нови мерки на притисок врз Русија, а посебно интересна ставка на состанокот во Данска ќе биде „методот на работа“ на Советот за надворешни работи на ЕУ, во чии рамки ќе се разгледуваат можности за надминување на механизмот на едногласност, клучен принцип на заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Главната цел, како што велат заговорниците на овие промени, е да се постигне поголема улога на ЕУ во меѓународната политика, која повеќе од очигледно не го ужива потребниот кредибилитет.
Неодамнешните настани ја истакнаа итноста на промените во одлуките на европско ниво. Минатиот јули, 18-от пакет на санкции против Русија стигна до финишот дури откако Словачка го повлече своето вето во замена за гаранции за гас и откако Малта имаше право на поморски регулативи. Во февруари 2024 година, помошта на Киев беше усвоена по долгите натегања во Европскиот совет, кој мораше да ги усогласи годишните гаранции за ревизија за да ја задоволи Будимпешта. Резултатот од блокадата досега секогаш бил ист: Унијата на крајот се придвижува, но со одложувања што ја ослабнуваат нејзината политичка порака.
– Политичкиот предизвик е да се преселиме од изјави во практика, да се изгради доверба меѓу главните градови и да се покаже дека Европа може да одлучи кога е потребно. Накратко, во ЕУ веруваме дека не е доволно да се каже „ние сме веродостојни“ затоа што тоа само по себе не значи ништо. Правилната мерка на кредибилитет е колку некој успева да препознае застарени или неефикасни системи, правила или режими и успешно да ги промени за да ги подобри работите – порачуваат заговорниците на промените.
Дел од домашните аналитичари и познавачи на европските состојби со доза на резерва ги примаат ваквите најави.
– Извесно време се заговара укинување на консензуалното одлучување, но реално ништо не се прави во таа насока бидејќи има отпор кај помалите земји членки, кои не сакаат да станат помалку важни во ЕУ. Впрочем, без ветото, Бугарија не може да ни го прави ова што ни го прави. Единствена шанса за некакви промени се плановите Украина и Молдавија да се пикнат во Унијата на брза лента, а со консензуалното одлучување тоа нема да биде можно поради унгарското противење. Како и да е, Брисел увиде дека кога ќе дозволи билатерализација на кој било процес, тогаш тоа подоцна ќе му се удри од глава и тоа сега се случува – заклучуваат соговорниците.
Европските либерални елити во нова (не)демократска лоби-мисија во Молдавија
Брисел отворено удира по граѓанското суверено право луѓето сами да одлучуваат за својата судбина
И додека европските политичари отворено застануваат на страната на владејачката партија, дел од европските центри на моќ продолжуваат со стигматизирање на суверенистите, поврзувајќи ги со руски канали на финансирање, етикетирајќи ги како поддржувачи на политики што би ја одвеле земјата во руски прегратки и слично. Предупредуваат и на манипулации на изборните места, како и на дезинформирање на дијаспората, на тој начин оставајќи простор однапред да ги оспорат резултатите доколку не излезат според нивните проекции
Нов изборен инженеринг од невидени размери подготвуваат европските либерални елити во Молдавија, во пресрет на тамошните парламентарни избори закажани за 28 септември, прикажувајќи ги сите други партии и гласачи што не ги следат европските политики како извршители на туѓи агенди. Потврда дека Европа не препушта ништо на случајот, особено не по референдумот на кој со тесно мнозинство во последен момент помина одлуката на земјата за членство во ЕУ, е посетата на високи европски челници на Молдавија на само еден месец пред парламентарните избори, закажани за 28 септември.
Имено, францускиот, германскиот и полскиот лидер, Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Доналд Туск, отпатуваа во Молдавија за да учествуваат во прославата на 34-годишнината од независноста на земјата од СССР, да потенцираат дека земјата има европска иднина и да ја поддржат претседателката Маја Санду. Земјата со 2,3 милиони жители лоцирана меѓу Романија и Украина е поделена меѓу проруските и прозападните сили.
– Членството во Унијата не е далечен сон, туку проект на кој работиме – изјави Санду во присуство на европски лидери.
Партијата на Санду, која студираше на „Харвард“ и работеше за Светската банка, според анкетите, не стои добро во пресрет на изборите: истражувањето на јавното мислење покажува дека владејачката коалиција веројатно ќе го изгуби мнозинството во парламентот.
Од друга страна, европските лидери со нивното пристигнување на 34-годишнината од независноста на државата ѝ даваат поддршка на владејачката партија да продолжи со политиката на реформите и приближувањето кон ЕУ, откако минатата година почнаа пристапните преговори.
И додека европските политичари отворено застануваат на страната на владејачката партија, дел од европските центри на моќ продолжуваат со стигматизирање на суверенистите, поврзувајќи ги со руски канали на финансирање, етикетирајќи ги како поддржувачи на политики што земјата би ја одвеле во руски прегратки и слично. Предупредуваат и на манипулации на изборните места, како и на дезинформирање на дијаспората, на тој начин оставајќи простор однапред да ги оспорат резултатите доколку не излезат според нивните проекции.
Очигледно на терен веќе тече отворената пресметка меѓу европскиот либерален концепт и суверенистичкиот курс, кој зема сѐ поголем замав низ Европа, најмногу поради разочарувачките европски политики и неисполнетите ветувања.
– Ова е слична ситуација како со Македонија, кога пред референдумот за името дојде и тогашната германска канцеларка Меркел, тука беше и британската премиерка Тереза Меј, францускиот претседател имаше видеообраќање до македонските граѓани. Кога се случи промената на името, веќе следниот ден Европејците заборавија на дадените ветувања за почеток на преговорите. Ист ќе биде случајот и со Молдавците. Ќе им ветуваат брда и долини, а во моментот кога Европа ќе ја постигне својата цел во однос на Русија, веднаш ќе ги заборави. Тоа е тој себичен либерален пристап. Молдавците, како и сите други граѓани низ Европа, имаат право самите да одлучуваат за својата иднина без никој однадвор да им се меша. Европа може само да ја храбри на реформскиот пат без со ниту една постапка да влијае врз волјата на граѓаните – заклучуваат соговорниците. С.Т.