Во Кавадарци денеска на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски за лидер на партијата, кој е и единствен кандидат за функцијата.
На Конгресот под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се очекува да присуствуваат 2 600 лица, од кои 850-860 делегати и 1700-1800 гости и на него треба да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.
-Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата – рече завчера на брифингот со новинарите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски.
Според него, ова ќе биде до сега најмасовен Конгрес, ќа има и обраќања од неколку сестрински партии. Конгресот ќе се одвива според вообичаено сценарио – усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство што ќе претседава со самиот настан, усвојување на Стратегијата Македонија 2030, потоа избор на изборна комисија, предлог или предлози за кандидат(и) за претседател, обраќања на дел од делегатите, а ќе се разгледува и извештајот за материјално – финансиското работење на партијата.
На Конгресот ќе има претставување на кандидатот за претседател, во чии рамки ќе треба да даде визија за следниот период.
Потоа следува самото гласање, по што ќе има извештај на Изборната комисија. Ќе бидат избрани претседател и членови на статутарната комисија кои што ги предлага претседателот, како и на комисијата за надзор на материјално финансиско работење. На крај, на Конгресот е предвидено обраќање на избраниот претседател на партијата.
Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати. – И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот, рече актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски.
Тој истакнува дека е важно да се потенцира тоа што прв пат како политичка партија немаат долгови. Во 2018 година, рече, ситуацијата не беше розева, ниту пак предвидувањата за ВМРО-ДПМНЕ, но во овој момент немаме изложеност кон банки, немаме долгови кои што условно сме ги имале во минатото, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ вчера во пресрет на конгресот соопшти дека Стратегијата „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ содржи правци за дејствување, развој и државно водство, како и пропратни документи. За да опстои и да напредува, македонската држава, ВМРО-ДПМНЕ смета дека мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет.
– Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија. Пред да се гласа Стратегијата, Делегатите истата ќе ја имаат во електронска форма достапна преку QR код на делегатските акредитации – најави прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ.
Европската десница, посочува партијата, го афирмира моделот на социјална пазарна економија, систем што ја балансира слободата на пазарот со одговорноста на државата да ги штити ранливите и да создава еднакви можности. Тој модел ја поддржува иницијативата, но ја одбива зависноста; ја охрабрува иновативноста, но ја отфрла злоупотребата; го гради општеството на труд, знаење и фер конкуренција, а не на привилегии и клиентелизам.
– Во македонски услови, ова значи квалитетно здравство, конкурентно образование, функционални јавни услуги и политики што го задржуваат талентот дома, наместо да го иселуваат. Современата држава мора да биде ефикасна, транспарентна и отпорна. Владеењето на правото е нејзината фундаментална основа. Администрацијата мора да биде професионална, департизирана и ориентирана кон резултати; судството независно и функционално; институциите доследни на стандарди, а не на вертикали на влијание. Дигиталната трансформација претставува најголемата можност за вистинска реформа: институции што работат преку податоци, алгоритми што ја намалуваат корупцијата, автоматизирани услуги што ја елиминираат бирократијата и системи што ја прават државата побрза, поефикасна и потранспарентна од било кога – велат од ВМРО-ДПМНЕ и посочуават дека ова не е технолошка агенда, туку визија за современа државност, држава што им служи на граѓаните, а не обратно.
Како што укажаа од ВМРО-ДПМНЕ, недостигот на дисциплина во институциите, е една од најдлабоките слабости на постсоцијалистичките демократии. ВМРО-ДПМНЕ, велат оттаму, затоа ја поставува реформската државност како еден од своите централни идеолошки столбови: институциите мора да работат според правила, а не според импровизации;администрацијата мора да биде професионална, а не партиски зависна; политичката власт мора да поставува стандарди, а не да бара исклучоци; јавната служба мора да биде предвидлива, ефикасна и транспарентна.
– Овој принцип ја претвора државата од „простор на политички судири“ во функционален систем – услов за економски раст, правна сигурност и стабилни политички процеси. Реформираната државност е темелот на вистинска европеизација. ВМРО-ДПМНЕ како Македонска центар-десница е втемелена во философијата дека државата мора да биде силна: таму каде што штити, ограничена таму каде што пречи и присутна таму каде што создава јавна добробит. Таа философија ги обединува слободата, достоинството, одговорноста и државноста како четири носечки столба. Како генерација ние мораме да обезбедиме стабилна и просперитетна иднина на генерациите што доаѓаат. Сега е нашето време да ја ставиме својата цигла во нашиот заеднички дом – Македонија. ВМРО-ДПМНЕ повторно е прва политичка опција која го трасира патот кон иднината. Следуваат нови победи за Македонија и добра иднина за сите – соопшти ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на утрешниот конгрес.


































