Фото: „Нова Македонија“

Врнежите ја сузбија огнената стихија

Ниту еден поголем пожар не е забележан во Македонија откако огнот беше изгаснат по завчерашните врнежи на дожд низ повеќе делови од земјава, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Сите тешки пожари со помош на дождот се доизгаснати. Активни се неколку помали пожари со кои ќе се справиме во текот на утрешниот ден – рече завчера директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Дождот го изгасна пожарот на Галичица. Исто така, пожарот во Националниот парк Преспа во општина Пустец, Мала Преспа, беше изгаснат по 12 дена, како што соопшти Нертил Јоле, префект на округот Корча, каде што територијално припаѓа и општината Пустец. Во пожарот беа уништени над 300 хектари земјиште.
На територијата на Македонија во текот на месецов имало 667 пожари на отворено, меѓу кои и 98 шумски пожари што биле тешки за гаснење. Дожд и намалување на температурите се очекуваат и во наредните денови, според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи. НМ.