Една од порадикалните намери од страна на одредени поединци и групи што притискаат за промена на Уставот се идентификува со идејата терминот македонски народ да се отстрани од делот во преамбулата на Уставот. Со тоа, намерата е уставноправно да се деноминира македонскиот народ, кој е мнозински, носечки и државотворен. Всушност, целта на таа политичко-екстремистичка идеја е македонскиот народ целосно да се избрише како народ, да се прекине неговата историска врска со државата Македонија и да се отвори слободен простор за асимилаторските политики од соседните земји
Албанските партии „креативни“
кога отстапките се однесуваат на Македонците
Обидите за демонтажа на фундаменталните атрибути на карактерот на Македонија како држава на македонскиот народ се тренд во нагорна линија. Тој се идентификува со засилениот меѓународен притисок за уставни промени со кои ќе бидат внесени Бугарите во Уставот, но и со зачестените внатрешни притисоци од страна на албанските политички субјекти, кои бараат бришење на етничките обележја и сведување на Македонците само на граѓани на Република Македонија.
Овој опасен инженеринг се чини како добро осмислена операција чија крајна цел е прекинување на секаква врска на македонскиот народ со сопствената држава, имајќи предвид дека сите други малцинства во земјава имаат свои национални држави и нивниот опстанок во никој случај не е доведен под знак прашалник.
Од друга страна, додека сите европски земји имаат мнозински народ што е носител на државноста и како таков фигурира во нивните устави, тоа право на македонскиот народ системски му се ускратува уште од самостојноста наваму, за сега сосема отворено и без ракавици да му биде јасно предочено дека во сопствената држава може да биде само граѓанин, одвоен од државата на која ѝ се инсталираше географска одредница со коса црта.
– Македонија да се дефинира во својата преамбула како „држава на нејзините граѓани“, отстранувајќи ги сите етнички атрибути од градењето на државата – излегоа неодамна со „креативни“ решенија од партијата Алтернатива исклучиво кога станува збор за отстапки што треба да бидат на штета на македонскиот народ, но кога ќе се побараат отстапки од албанското малцинство, тогаш не отстапуваат ниту милиметар.
Станува јасно дека ваквите интенции се исклучително опасни за македонскиот народ да се отстрани од делот во преамбулата на Уставот и наместо како мнозински и носечки, целосно да се избрише како народ, да се прекине неговата историска врска со државата Македонија и да се отвори слободен простор за сегментација на државната територија и отстапки на сметка на единствениот суверенитет, како и да се даде широк простор и за асимилаторските политики од соседните земји.
Тука веќе можат да се лоцираат причините зошто Бугарија почна силно да инсистира за внесување на Бугарите во Уставот, свесна дека евентуалното идно бугарско малцинство во Уставот утре легално ќе може да се повика на правото на самоопределување и да побара да се припои кон матичната бугарска држава, имајќи предвид дека Македонија ќе биде само административна (граѓанска) територија.
Во иста поволна позиција сакаат да бидат ставени и Албанците, кои имаат радикално етноцентрични идеи.
– Ако македонскиот народ не го пишува во Уставот, каде ќе го пишува? Ако во Уставот не пишува дека Македонија е држава на македонскиот народ, нема да не пишува никаде. Ќе стои само дека Македонија е држава на граѓаните. А кои се тие граѓани – прашува историчарот Тодор Чепреганов, според кого граѓанската опција, дури и кога се предлага, не смее да ја поништува етничката.
За него нема никаква дилема дека во тек е „финалниот процес на разградување на Македонија како држава на македонскиот народ“.
– Демонтажа на државата се прави со години и ние веќе сме во финална фаза, кога го пробивме дното, лебдиме во некаков слободен простор и сега е потребна реконструкција, односно повторно да ја обликуваме државата што ја разградивме. Уништивме држава што беше направена по сите светски узанси уште во 1944 година, со само 120 интелектуалци тогаш во Македонија. Денес, кога бројот на интелектуалци е огромен, со еден куп доктори, магистри, научници, ние ја растуривме државата, за жал – заклучува професорот Чепреганов.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски е пооптимистичен и смета дека сите овие голготи низ кои сега минува Македонија само ќе ја направат поцврста и дека македонскиот народ ќе опстои и покрај сите премрежиња со кои се соочува сега.
– Политиката на Зоран Заев дека надворешната политика се води со попуштање кон сите барања од сите страни доживеа и доживува тотален дебакл. Ниту Македонија ќе исчезне, ниту Македонците ќе исчезнат, а сега се случува големо освестување колку е голема цената на државата, колку чини суверенитетот и, што е најбитно, колку вреди слободата. Инаку, оваа изјава на Алтернатива е многу несреќна изјава и сметам дека дојде часот кога треба да си ја вратиме старата и многу добра традиција на заемна почит. Времето на газење на Македонците завршува – порачува Боцевски.
Другите соговорници остануваат на ставот дека она што се предлага од страна на албанските политички партии во земјава, без оглед дали предлозите доаѓаат од помали или поголеми политички субјекти, секогаш е добро координирано од некои центри и е во линија со, кај некои поединци и групи, сѐ уште живата албанска радикална шовинистичка кауза.
– Клучна работа на која се работи е како да се прекине сврзувачкото ткиво меѓу македонскиот народ и државата Македонија. Сега со уставните измени се отвора и таква можност. Без македонски народ како конститутивен, ќе има само територија на граѓани за која на сите наоколу одамна им се отворени апетитите. Сето ова е со амин и на Европа, која сака конечно да го затвори македонското прашање на Балканот така што ќе ги избрише Македонците. Впрочем, зошто ѝ дозволи на Бугарија да го прави ова што го прави? Процесот на демонтажа на државата тече, само неизвесно е за колку време ќе финализира – истакнуваат соговорниците.