Владата четири години работела на штетниот договор со „Митилинеос“, ама ние за само четири дена веќе во голема мера научивме како стојат работите. Да ги видиме пресметките на цените на електричната и топлинската енергија врз основа на конкретни податоци за цената на гасот од берзите, следејќи ги формулите и методологијата од договорот и да се увериме дека не е точно тврдењето од претставниците од власта дека цената, наводно, ќе била пониска од цената на електричната енергија на државниот ЕСМ.
Според усвоената методологија во договорот, основен податок за формирање на цената на електричната енергија во февруари е цената на февруарскиот фјучерс за природен гас, земена во средината на јануари, која тогаш изнесувала TTF = 30,23 EUR/MWh. (извор: https://www.eex.com/en/market-data/natural-gas/futures)
Најпрво да ги истакнеме најважното и најнеповолното за нашата држава. Нето-расположливото количество електрична енергија ENAEQ = 1150 GWh/год, при инсталиран електричен капацитет на електроцентралата од 144,7 MW може да се постигне само ако централата произведува, а државата откупува сите 365 дена во годината, просечно по 21,8 час дневно. Ова одговара на капацитетен фактор од 90,7 отсто, што не постои никаде во светот кај гасните централи.
Сакале – не сакале, ние ќе бидеме должни деноноќно да му плаќаме на „Митилинеос“ за скапа струја, иако на берза цената е многу ниска во текот на ноќта, а во сончевите денови и во голем дел од денот. Од „Митилинеос“ ќе купуваме скапо, за ноќе да продаваме на берза евтино. Реално, електроцентралата ни треба (како секаде во светот) сѐ на сѐ околу 60 отсто од времето, главно за добивање врвна (пикова) енергија, кога истата таа е скапа на берза. Вака Грците експресно би ја вратиле инвестицијата и би генерирале огромни профити, а ние би генерирале и би трупале загуби поради купување скапа струја, додека во исто време на берза може да се купува евтино. Но да одиме со ред.
Цената на топлинската енергија според договорот треба да изнесува за 40 отсто помалку од сегашната регулирана цена за градот Скопје, односно EffHT = 0,6*86,7 = 52 EUR/MWh. Тоа е поевтинувањето за кое зборуваше Бислимовски, за сметка на искористување на изработената топлина од турбината во електричната централа. Патем да кажеме дека и тука се работи за манипулација, бидејќи оваа цена (86,7 EUR/MWh) била формирана со поранешната висока цена на гасот, која годинава секако ќе биде коригирана надолу поради поевтинувањето на гасот, независно од „Митилинеос“.
Цената на електричната енергија EffET се состои од три дела: EffET = RPA+FPA+HTA.
Првиот дел, референтната приспособена цена FPA за когенеративен режим (во зима, со генерирање топлина за греење) изнесува:
RPA = 74*(0,214+0,13*1+0,656) = 15,84+9,62+48,54 = 74 EUR/MWh
Тука првиот собирок (15,84 EUR/MWh) ја претставува профитната маржа (добивката по сите трошоци) за грчката компанија. „Митилинеос“ ќе добива 21,4 отсто маржа од референтната цена, иако, за споредба, „Газпром“ во Србија ќе добива 5 отсто за нивната централа. Вториот собирок (9,62 EUR/MWh) ги претставува сите трошоци на работењето (за плата и одржување на електроцентралата), а третиот собирок (48,54 EUR/MWh) го претставува трошокот за гориво, по референтна цена од 18 EUR/MWh, што понатаму ќе се коригира преку FPA. Ќе видиме дека токму овој дел носи голем екстра профит.
Во кондензациски режим на работа (во лето) повторно имаме FPA=74 EUR/MWh, но маржата и трошокот за гориво изнесуваат 19,39, односно 45 EUR/MWh соодветно.
Вториот дел од цената претставува приспособување на цената на горивото FPA (при берзанска цена на гасот TTF = 30,23 EUR/MWh за февруари), над референтната цена на гасот од 18 EUR/MWh, земајќи ги предвид транспортните трошоци за гасот, усвоени на ниво RegGTC = 10 EUR/MWh (дијаграм од https://www.researchgate.net/profile/Chi-Kong-Chyong/publication/241753421/figure/fig2/AS:651846280544258@1532423672958/Transportation-Costs-from-Gazproms-Production-Fields-to-Germany-Comparing-the-Belarusian_W640.jpg). При електричен коефициент на корисно дејство, кој во когенеративен режим изнесува 50,38 отсто, а во кондензациски режим изнесува 54,4 отсто, добиваме:
FPA = (30,23-18+10)/0,5038 = 44,12 EUR/MWh за когенеративен режим, односно:
FPA = (30,23-18+10)/0,544 = 40,86 EUR/MWh за кондензациски режим на работа.
Допуштаме можност за мала грешка кај транспортните трошоци за гасот, што во пресметката се усвоени на ниво од 10 евра/MWh, што е малку пониско отколку за транспорт од Русија до Германија преку украинската маршрута. Во договорот не е експлицитно дефинирано од каде до каде се пресметуваат транспортните трошоци, но дури да земеме и само 2,1 евра/MWh, од границата со Бугарија до Скопје, цената на „Митилинеос“, без јаглеродните пенали, би изнесувала 93 евра/MWh, што повторно е поскапо за 27 отсто од берзанската цена. Нивната централа само би генерирала повисоки сметки што граѓаните би ги плаќале наредните најмалку 20 години.
Третиот дел од цената на електричната енергија претставува приспособување на тарифата за топлинска енергија HTA. Доколку регулираната цена на топлинската енергија биде поголема од референтната цена (RHP = 16,2 EUR/MWh), тогаш ќе имаме негативна корекција на цената на електричната енергија. Со други зборови, корисниците на топлинската енергија ќе си го платат својот дел од енергијата на горивото, макар била и отпадна, со што ќе ја намалат цената на електричната енергија. При цена на топлинската енергија EffHT = 0,6*86,7 = 52 EUR/MWh, имаме:
HTA = (16.2-52)*275/(0,85*1150) = 10,08 EUR/MWh
Тука 275 GWh/год и 0,85*1150 GWh/год се загарантираните откупени количества топлинска и електрична енергија.
Конечно доаѓаме до цената на електричната енергија од гасната централа на Митилинеос за февруари 2024 година:
EffTH = RPA+FPA+HTA = 74+44,12-10.08 = 108 EUR/MWh во когенеративен (зимски) режим, односно:
EffTH = RPA+FPA+HTA = 74+40,86-10,08 = 104.8 EUR/MWh во кондензациски (летен) режим на работа.
Ова се навистина високи цени, речиси двојно повисоки од цената на енергијата од РЕК „Битола“ од 58 EUR/MWh, особено при овие речиси рекордно ниски цени на гасот. Затскриено зад формулите ни е подметната многу повисока цена од реалната, која ќе ја изведеме во посебна анализа, во случај Македонија самата да инвестира и да стопанисува со електроцентралата. Сосема накратко, цената на електричната енергија, при сегашната цена на гасот, не би требало да биде повисока од 92 EUR/MWh, а на топлинската од 43 EUR/MWh.
Сега ќе го видиме најважното, колкава е оваа цена во споредба со берзанските цени. На дијаграмот се прикажани графиците на часовните цени во последните седум дена на унгарската берза (www.hupx.hu). Бидејќи ние би биле должни од „Митилинеос“ 24/7/365 да откупуваме еднакви часовни количества енергија, определена со електричната моќност на електроцентралата, ја пресметуваме просечната непондерирана цена на електричната енергија во овој период. Таа изнесува 73,63 EUR/MWh, таканаречена базна цена на енергијата (base load electricity price).
Во однос на базната берзанска цена (73,63 EUR/MWh), цената на „Митилинеос“ според формулите од договорот, во когенеративен режим (108 EUR/MWh) Е ПОВИСОКА ЗА 47 отсто! Освен тоа, берзанската цена била повисока од 108 EUR/MWh само во 14 од 168 часа во текот на минатата недела, односно само 8 отсто од времето – тоа се оние краткотрајни врвови над црвената хоризонтална линија на дијаграмот. Другото време само би генерирале загуби поради купување прескапа енергија. На 4 февруари, кога поради сончевото време берзанската цена паднала на само 7 EUR/MWh, ние секако би морале да плаќаме по 108 EUR/MWh, само за да му ја отплатуваме централата на „Митилинеос“.
Разликата ќе ја плаќаат граѓаните и тоа мора јасно и гласно да им се каже. Истовремено се потврдува тврдењето дека нам би ни било поевтино просто да купуваме енергија преку берза, без да им даваме бизнис на Грците и да фрламе пари за помош. Само штети и ниту една корист нема да видиме од нив.
Се разбира, ова е само една недела во годината, но во лето разликата ќе биде уште поголема, бидејќи ќе има многу поевтина електрична енергија од фотоволтаиците, додека цената на гасот нема да биде многу пониска од оваа речиси историски најниска цена.
Нејасно е, врз основа на какви анализи Владата ја носи оваа штетна одлука, кога многу поевтино би ни било да плаќаме јаглеродни пенали и да продолжиме со производството на електрична енергија од јаглен, додека постепено се преориентираме на нуклеарна енергија од малите нуклеарни реактори, на фотоволтаици и реверзибилни хидроцентрали. Но ако веќе ни се брза да се ослободиме од јагленот, тогаш треба самите да инвестираме во гасни централи, а да не влегуваме во колонијален однос со приватна грчка компанија. Барем никој нема да не принудува да плаќаме скапа струја, кога на берза се продава евтина.
Да повториме уште еднаш дека со нашите 50 милиони евра неповратна помош, за што нема да добиеме никакво процентуално учество во сопственоста на електроцентралата, како и со приходите од продажбата на енергијата, „Митилинеос“: 1.) ќе стане целосен сопственик на електроцентралата и 2.) ќе има загарантиран извор на приходи наредните 20 години, па и подолго. Ова претставува овозможување противправна имотна корист на други лица, криминал споредлив со „Чебрен“, иако со малку помали износи.
Останува да пресметаме колкав приход по основа на маржа ќе остваруваат Грците од нашиот пазар.
Независно од цената на гасот, маржата на електричната енергија изнесува 15,84 односно 19,39 EUR/MWh, во когенеративен или кондензациски режим, т.е. просечно 17,62 EUR/MWh. Маржата на топлинската енергија, повторно независно од цената на горивото, изнесува 16,2 EUR/MWh.
Загарантираните откупени количества изнесуваат 0,85*1150 = 978 GWh = 978.000 MWh електрична енергија, односно 275 GWh = 275.000 MWh топлинска енергија.
Освен тоа, преостанатите 15 отсто до 1150 GWh, односно 172 GWh, доколку не ги преземеме (а нема шанси да ги преземеме ноќе, бидејќи и сега евтино продаваме ноќни вишоци) ќе мораме да ги плаќаме по таканаречена „тарифа за повратна продажба“ SBT = 38 EUR/MWh, иако „Митилинеос“ нема воопшто ни да ги произведе, а ако ги произведе ќе ги продаде на странскиот пазар, истовремено земајќи пари и од нас.
Вкупниот загарантиран годишен нето-профит на грчката компанија би изнесувал:
TP = 978.000*17.62 + 275.000*16,2 + 172.000*38 = 28.200.000 EUR
Овие 28,2 милиони денешни евра годишно, односно 564 милиони денешни евра за 20 години, претставуваат чист профит, ослободен од оданочување, а ќе бидат и повеќе бидејќи во ноќните часови нам не ни требаат големи количества енергија, кои секако ќе мораме да ги платиме, за да им го носиме зацртаниот профит на Грците. Во идни евра, индексирано со стапката на инфлација, профитот би надминал една милијарда евра.
Останува да го разгледаме периодот за враќање на инвестицијата. Доколку сметаме со една реална цена на капиталните трошоци за изградба на електроцентралата од 0,9…1,1 милиони евра/MW инсталиран капацитет (во Србија кинеската „Шангај електрик груп“, избрана на тендер, по системот „клуч на рака“ изградила когенеративна гасна централи за само 0,90 милиони евра/MW), тогаш за целата грчка електроцентрала по цена од 130…160 милиони евра, намалена за 50 милиони евра македонска помош (наместо пренадуваните 290 милиони евра), „Митилинеос“ би го вратил заемот од 80…110 евра за само 2,8-3,9 години. Каматните трошоци за толку краток период се речиси занемарливи, така што не би го пролонгирале временскиот период за отплата на повеќе од четири-пет години.
Грците во стварност не би инвестирале НИШТО, односно ние практично би им го уплатиле учеството за кредитот, а исто така би им го отплатувале и кредитот со приходите од електроцентралата. Така, благодарение на нашата влада, „Митилинеос“ би генерирал безризични 28,2 милиони денешни евра годишно во наредните најмалку 15-16 години, а веројатно и многу подолго. За да биде нашата катастрофа поголема, електроцентралата што ние ќе им ја платиме ќе им остане во трајна сопственост со 0 отсто наше учество, иако би морале да добиеме најмалку 30 отсто учество во согласност со нашето вложување од 50 милиони евра.
На крајот да пресметаме колку ќе ја преплатуваме енергијата од „Митилинеос“, во однос на берзанската цена, вклучувајќи ја и непреземената, а платена енергија. Населението ќе плаќа отповеќе за дури: 978.000*(108-73,63) + 172.000*38 = 34+6 = 40 милиони евра/год. Ако споредуваме со цената од РЕК „Битола“, ќе преплатуваме уште повеќе. Просто кажано, ќе си ставиме трн во здрава нога поради нечие незнаење или лични интереси.
Ова мораат задолжително да го прочитаат и да го разберат пратениците пред да пристапат кон гласање за усвојување на овој штетен, па и криминален договор. Не смеат да си дозволат поради неразбирање на работите да аминуваат штетен договор, со кој на „Митилинеос“ ќе му се овозможи незаслужена имотна корист, а на иницијаторите на оваа измама да се скријат и да се заштитат со помош на одлуката на парламентот.
Бројките кажуваат сѐ, методологијата е земена од договорот и не трпи никакви оспорувања. Нека покажат барем еднаш малку совест и нека не му го прават ова злосторство на овој сиромав народ, дотолку повеќе што техничката влада нема морално право да носи вакви важни одлуки што ќе ги засегнат денешните и идните генерации. Македонија мора самата да инвестира во електроцентрали, макар ги градела странска компанија по системот „клуч на рака“. Само така профитот ќе ни остане дома и ќе бидеме свои на своето, наместо да станеме странска колонија и терен за нивно богатење.
Проф. д-р Дејан Трајковски