Фото: Маја Јаневска-Илиева

Меѓународните договори во согласност со Виенската конвенција може и еднострано да се раскинат, велат експерти по меѓународно право, а адвокатот Тони Менкиноски истакнува дека еден од начините за негово поништување се постигнува со – волјата на народот!

Дали Атина кога тврди дека Преспанскиот договор не може еднострано да се менува безобѕирно лаже

Дека давањето заклетва од страна на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова не користејќи ја географската одредница „Северна“ нема да биде само бура предизвикана во чаша се погрижија нашите соседи од југот. И тоа од највисоко место. Веќе цела недела не престануваат нападите од премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, како и од шефот на хеленската дипломатија Јоргос Герапетритис кон Силјановска-Давкова и кон победничката партија на парламентарните избори, која е во завршна фаза за формирање на новата влада.

Заканите на Атина се нешто што категорично е забрането во меѓународното право

Токму грчкото растегливо толкување на Преспанската спогодба е повод оттаму да бидат предупредени „македонските националисти да не си играат со договореното“, иако, како што истакнуваат од Атина, и нивната „десничарска власт не е најсреќна со текстот на договорот“, но морале да го почитуваат. Тоа е само делумно точно, нагласуваат правните експерти со кои се консултиравме.
– Договорите се постигнуваат за да решат проблеми, тие се засноваат на Повелбата на ОН, на Виенската конвенција за договорното право, која исто така е донесена под чадорот на ОН, и на други меѓународни правни механизми и за нив важи правилото дека „важат за сите“. Но Грција го прескокнува фактот дека таа не го почитува во целост тоа што е договорено и јавно кажува дека одбива да потпише три меморандуми што произлегуваат од таа спогодба. Тоа е своевидна закана, нешто што категорично е забрането во меѓународното право – наведува нашиот извор и додава дека токму Мицотакис јавно кажал дека тие меморандуми ги чува во фиока како закана кон Македонија за нејзиното членство во ЕУ.
Професор по меѓународно право наведува дека состојбата со (не)почитувањето на Преспанскиот договор е следна: Првата страна (Грција) само мониторира, а Втората страна (Македонија) само спроведува.
– Оваа неразумност и потценување од страна на Грција наидуваат на молк од власта во заминување. Таа знаела дека Грција не го спроведува договорот и морала да реагира, односно за тоа да се обрати и до Атина и до генералниот секретар на ОН. Зошто молчат? Можеме да претпоставиме. Но, ние имаме аргументи и повеќе начини како да ја смениме ваквата состојба и да тргнеме кон поништување на Преспанскиот и отворање поглавје за преговарање за нов билатерален договор – истакнува професорот.

Грчката страна го растегнува преспанскиот договор надвор од
правото, надвор од демократијата, моралот, етиката…

Јоргос Герапетритис, шефот на грчката дипломатија, инаку правник по професија, неодамна рече дека Договорот од Преспа мора да се почитува не само за државата да има континуитет туку затоа што е ратификуван и не може да се менува од едната страна, а другата страна да мора да го почитува и спроведува тој договор. Според него, текстот на договорот не предвидува негова еднострана промена или откажување.
– Станува збор за меѓународен договор што го ратификуваа двата парламента, а тоа значи дека не може да се менува еднострано. Дури и да постои волја од С. Македонија или Грција за еднострано менување на договорот, тоа не може да се случи. Договорот од Преспа беше под претседателство на Обединетите нации, имаше претставници на ОН и тоа му дава поголема моќ на договорот – рече Герапетритис.
Тој нагласи дека актуелната грчка влада, како опозиција, „постојано ги посочува проблемите од договорот“, објаснувајќи дека тоа се „политички, геополитички, но и технички проблеми“, но дека ќе го почитува овој договор.
Но не го почитуваат целосно. Дали, сепак, и покрај тоа што грчката страна „хармоникашки“ го толкува текстот на Конечната спогодба постојано растегнувајќи ја неговата основна смисла, грчките политичари ја кажуваат вистината? Или намерно бегаат од својата одговорност и всушност создаваат атмосфера на нејасност, па и напната политичка атмосфера во Македонија, предизвикана првин од нивните закани дека ќе ставаат вето на патот кон Брисел, а потоа и внатре меѓу политичките елити во земјата, кои се препираат дали Грците се во право или не? Затоа и логички е да се постави прашањето дали Преспанскиот беше компромисно решение, кога и натаму произведува тензии и е постојан извор на предизвикување конфликти.

Договорот е садистички кон Македонците: Не постои договор што не може да се раскине

Адвокатот и експерт по меѓународно право Тони Менкиноски без дилеми вели дека не постои договор што не може да се раскине, а такви примери во историјата може да се најдат многу.
– Секој договор постигнат меѓу две страни може да се раскине. Постојат повеќе начини за такво нешто, но особено, ќе повторам, особено може да се раскине со волјата на народот. Овој договор е садистички кон нас Македонците, кон повелбата на ОН и меѓународното право – истакнува Менкиноски.
Каде лежи тој садизам? Според Виенската конвенција за договорното право, договорите содржат еден многу важен непроменлив принцип наречен јус когенс, смислен за да се избегнат војни, етнички чистења, насилни промени на границите, но и геноциди, односно етноциди или култорициди. Во Македонија веќе е почнат еден процес од врвни академици, интелектуалци, професори и писатели на докажување дека Преспанската спогодба е извор на македонски етноцид, процес што се стреми кон бришење на македонската нација и создавање сосема нов народ, вештачки народ произведен лабораториски со спогодбата, која со некои свои одредби е во судир со Виенската конвенција. Велиме дека е во колизија, затоа што во тој документ алфа и омега на договорното право постојат јасни клаузули што одредуваат како некоја од страните може да излезе од договорите.
– Па, дури и ултимативниот тон на Преспанската спогодба кон Македонија, сепак, овозможува патишта за негово раскинување со утврдени процедури и рокови – вели Менкиноски.


Повторно се јави потписникот (на Втората страна), и тоа во грчки весник

Никола Димитров, поранешниот министер за надворешни работи на Македонија и потписник на спогодбата, за еден грчки весник изјави дека за првпат откако се реши прашањето со името и во Скопје и во Атина на власт се партиите што беа против Договорот од Преспа. Но, споед него, позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ „немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме“.
– Сепак, долгорочно, мостот без грижа и одржување може да се оштети. Клучната состојка овде ќе биде одговорно раководство за да ги донесе поблиску двете реалности – вели Димитров.
Тој ги објаснува трите начини за решавање на споровите во согласност со предвиденото во Договорот од Преспа и посочува дека во овој момент е потребен првиот, односно преговори, средби, отворено разменување мислења, добра волја, комуникација зад затворени врати, а не преку јавни изјави.
Грчкиот премиер Мицотакис повторно, овој пат за весникот „Реал њуз“, даде до знаење дека европскиот пат на Македонија поминува низ Грција и дека Македонија може само да профитира од добрите односи со Грција, во спротивно може да наиде на проблеми за влез во Европската Унија.
Особено е интересен неговиот хегемонистички тон, што секако не е во духот на добрососедски односи, ниту пак во духот на договорот, кој наводно е постигнат низ духот и словото на Повелбата на ОН, Виенската конвенција, копенхашките критериуми, ОБСЕ, Советот на Европа…
– Незаконитостите на Скопје во однос на името на земјата произлегуваат и од фактот што Договорот од Преспа беше лош договор. Предупредив во парламентот дека е проблематичен за интересите на Грција, давајќи им националност и јазик на соседите – повтори Мицотакис.
Со ова тој јасно кажува дека не почитува право на суверенитет и на самоопределување на еден народ, односно на Македонците, и повторно се закани велејќи дека „ратификувањето на меморандумите во овој момент значи да го предадеме целосно преговарачкото оружје“.


Како се решаваат спорови според Преспанската спогодба

Во делот три во членот 19 од Спогодбата е утврдено како се решаваат споровите. Ова е само еден дел од начините на решавање какви било спорови: „Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации. Во случај една од страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку страните не можат да го решат прашањето билатерално, страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето.
Секој спор што ќе се јави меѓу страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во членот 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата“.
Но, точката што е најпроблематична и која нема никаква врска со договорното право, а е типичен ултиматум за Македонија, или како што потенцира Менкиноски дека е садистички, е таа што вели: „Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од членот 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба“. Ова главно се однесува на новото име за државата и сите правни обврски што произлегуваат од тоа, односно за опсегот на употребата кој е ерга омнес – важи за сите и секаде.
Како е ова потпишано, скроено, па и депонирано во ООН е едно од чудата на меѓународната политика!

Христо Ивановски