Откога во текот на изминатата година дојде до ново доближување помеѓу САД и ЕУ, а веднаш потоа и до засилување на тензиите на глобален план, помеѓу Истокот и Западот (што во изминатиов период најочигледно се манифестираше преку ескалацијата на кризата околу Украина и моменталниот статус кво во однос на ширењето на НАТО кон Истокот), некои анализи за сето тоа почнаа да согледуваат мошне поволен контекст за придвижување на евроинтеграциските процеси за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Која е таа диоптрија и дали токму во тоа има елементи за оптимизам?

ДАЛИ СО ЗАСИЛУВАЊЕТО НА ТЕНЗИИТЕ ПОМЕЃУ ИСТОКОТ И ЗАПАДОТ ЌЕ ПОРАСНЕ ЦЕНАТА НА ПОЈАСОТ НА РАЗГРАНИЧУВАЊЕ

Деновиве во некои опсервации што го анализираат конфликтот меѓу Истокот и Западот, односно безбедносното жариште во Украина, вклучувајќи ја и целокупната „линија на разграничување“ – регионов и Македонија, почна да се согледува „мошне поволен контекст“ за придвижување на евроинтеграциските процеси за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Како аргумент плус за ваквите согледувања дојде и неодамнешната изјава на американскиот претседател Џо Бајден, кој по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Вашингтон истакна дека неговата земја и Германија се решителни докрај да го спроведат процесот на интегрирање на Западен Балкан во европските институции и така да остварат слободна, целовита и мирна Европа. И францускиот претседател Емануел Макрон неодамна повика на земјите од Западен Балкан да им се даде јасна перспектива на пристапување кон ЕУ, како поттик за создавање „силна и независна Европа“ и за „нов безбедносен поредок“ на Европа со НАТО во однос на Русија.
– Не смееме веќе да се оддалечуваме од земјите на Западен Балкан. Тие треба од нас да добијат јасна перспектива за пристапување кон Унијата во разумен рок – кажал, меѓу другото, Макрон во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур.
А што може да значи растечката свест за новиот геополитички контекст во кој се најдоа земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, за придвижување на нивните евроинтеграции, сѐ уште е тешко да се прогнозира. Тоа особено во случајот на Македонија, иако нејзината позиција, исто како и на другите земји од Западен Балкан, во спорот помеѓу Истокот и Западот, според многубројни оцени, се засилува.

– Заострувањето на односите помеѓу Истокот и Западот околу Украина, како една од најголемите по Кубанската криза во 1962 година, се смета за еден вид навраќање кон Студената војна и во такви услови разбирливо е дека државите од разни политички и воени организации и асоцијации ги збиваат редовите и настојуваат да покажат единство. Секако дека таквите промени во геополитичкиот релјеф доведуваат до акцентирање на одредени геостратегиски точки, а една од нив е и регионот на Западен Балкан. Но за западните сојузници, во оваа ситуација, особено се важни државите што излегуваат на Црно Море, Бугарија, Турција и Романија. И од тука јасно можат да се разберат обидите на Вашингтон и на Брисел за надминување на меѓудржавните спорови во регионот и за заокружувањето на европската територија. Тоа се гледа и од последните акции на Макрон, кој претходно беше најголемиот кочничар на проширувањето на Унијата, така што сосема јасен е порастот на значењето на Македонија, како и на другите земји кандидатки за членство во ЕУ од аспект на европската безбедносна димензија, што, реално, може само позитивно да влијае врз нивното евроинтегрирање. Сега веќе, за нив, и за Вашингтон и за Брисел, станува императив регионот што побрзо да влезе во ЕУ – објаснува поранешниот македонски дипломат и универзитетски професор Нано Ружин.
И токму тоа, според него, е аргументот што треба да се користи од страна на Македонија.
– Овие настани можат и во одредена мера веќе поволно влијаат врз зголемувањето на солидарноста меѓу европските земји и целиот тој контекст, што на извесен начин може да го придвижи евроинтегративниот процес на Македонија – констатира тој.
За влијанието на целата ситуација врз регионот, како и за интензивните активности на САД во надминување на проблемите што ги имаат овдешните држави, а кои наедно се посочуваат и како клучни за стагнацијата на нивните евроинтеграции, неодамна, за регионалните медиуми, зборуваше и српскиот аналитичар и поранешен колумнист за „Нова Македонија“, Бошко Јакшиќ.

– Би кажал дека, засега, станува збор за засилениот ангажман, а допрва ќе може да зборуваме за тоа дали тоа значи и засилено влијание. Без сомнение, сведоци сме на „американската инвазија“ врз Балканот, како што некои ја нарекуваат. Претседателот Бајден го формираше тимот на дипломатските специјалци со големо искуство со регионот. Сите тие, со засилена енергија, ќе ги спроведуваат приоритетите на американската надворешна политика, какви што се владеењето на правото, правната држава, човековите права, медиумските слободи, борбата против корупцијата и јакнењето на цивилното општество – наведува Јакшиќ, потсетувајќи дека токму тоа се и некои од клучните услови за интегрирање во Унијата.
Дека Македонија и регионот добиваат на значење во однос на можните насоки на развој на ситуацијата околу Украина може да се види не само од интензивните прелети на авионите на НАТО на небото над Македонија и на другите земји од регионот туку и од информациите што произлегуваат од комуникацијата на официјалните претставници на засегнатите страни.

– Османи и Шоле размениле мислења и за актуелната безбедносна состојба во Европа и случувањата во и околу Украина, при што беше нагласено дека зајакнувањето на трансатлантската соработка и заедничкиот пристап е од примарно значење за надминување на актуелните безбедносни предизвици – информираа од Министерството за надворешни работи по телефонскиот разговор што ресорниот министер Бујар Осман го имал со Дерек Шоле, советник на Стејт департментот на САД.
А во информацијата беше нагласено и дека високиот американски претставник ги реафирмирал напорите и поддршката на официјален Вашингтон за што побрзо отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ. Разговорот со Османи следувал веднаш по посетата на Шоле на Бугарија. Д.М.М.