Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последниот случај кога проработе оружјето за расчистување меѓусебни сметки беше вчера, кога во скопско Батинци бил отворен оган од автомобил во движење, при што едно лице било убиено, додека друго било рането. Претходно македонската јавност сведочеше на оружени пресметки среде трговски центри, кафулиња и на други јавни места, што јасно говори дека оружјето станува единствено средство за истерување некаква лична правда

Анализа на статистичкиот портал „Ландгеист“: Стапката на смртни случаи од огнено оружје

Еродираните и нефункционални институции, како и лесниот пристап преку црните пазари, доведоа до тоа сѐ повеќе македонски граѓани да имаат пристап до нелегално оружје, што од друга страна придонесе константно да се зголемува бројот на смртни случаи предизвикани токму од употребата на вакво оружје.
Последниот случај кога проработе оружјето за расчистување меѓусебни сметки беше вчера, кога во скопско Батинци бил отворен оган од автомобил во движење, при што едно лице било убиено, додека друго било рането. Претходно македонската јавност сведочеше на оружени пресметки среде трговски центри, кафулиња и на други јавни места, што јасно говори дека оружјето станува единствено средство за истерување некаква лична правда.
Оружје се вадеше и при недоразбирања во сообраќајот, а практиката веселбите да се прославуваат со истрели во воздух, и покрај сите апели и кампањи, продолжува и натаму со несмален интензитет.

И статистиката ја потврдува лошата транзиција на јавната безбедност

Потврда дека не станува збор за обична перцепција околу употребата на огнено оружје во Македонија се и податоците од неодамнешната анализа на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на меѓународниот Институтот за мерење и процена на здравјето со седиште на Универзитетот во Сиетл, при што било констатирано дека со 12,25 случаи на милион жители, Македонија е трета во Европа според стапката на смртни случаи од огнено оружје.
Повисока стапка на смртност од огнено оружје има во Турција (18,16) и во Албанија (15,2). Од земјите во соседството, оваа стапка во Србија е 10,44, во Бугарија 7,69, а во Грција 4,35. Најниски стапки има во Велика Британија (0,66), Исланд (0,87) и Норвешка (0,92). Овие три земји се и единствените во Европа каде што полицијата не носи оружје.
Генерално, стапката на смртност од оружје во Европа е исклучително ниска. Малку смртни случаи предизвикани од огнено оружје има и во сите земји во Африка, Азија и Океанија (во кои нема оружени конфликти).
За разлика од нив, повисоки стапки се бележат во Северна и Јужна Америка, каде што освен во Канада и Куба, во сите други земји стапката на смртност од оружје е повисока од онаа во Турција. Колку за споредба, стапката на смртност од оружје во САД е 41,69.
Статистичкиот портал „Ландгеист“ појаснува дека стапката на смртност се однесува на периодот пред војната во Украина и во неа не се вклучени самоубиствата со огнено оружје.

Животот со оружје (муниција и распрскувачки средства) станува реалност за граѓаните?!

Дека оружјето во државата го има во огромни количества и дека потегнувањето на чкрапалото стануваа сѐ пофреквентно, а жртвите од огнено оружје сѐ повеќебројни, потврдуваат и некои од граѓаните со кои поразговаравме на оваа тема.
– Живеам во скопската населба Ченто и нема ден а да не се слушнат истрели од Арачиново. Тоа е така во обичен ден, а кога има веселби или некои други празници, татнат рафали од автоматско оружје. Не е можно сите тие луѓе да имаат дозвола за оружје, а и да ја имаат, се знае каде може единствено легално да пукаат. Лично сметам дека станува збор за нелегално оружје, кое никој не го контролира. И да се запленат некои парчиња од полицијата, повторно непречено се врши дотур преку илегалните канали. Тоа нелегално оружје се набавува за 50, 100 или 200 евра, а се употребува во секоја пригода. Колку жртви имаше со такви оружени пресметки и за сообраќајни недоразбирања, но и за нерасчистени сметки. Со оружјето земјава како да се претвора во Тексас – вели Панче Стојановски, жител на скопската населба Ченто.
Сличен став споделува и Илија Јаневски, пензионер од Скопје, според кого вината за ваквата состојба е исклучиво кај надлежните институции.
– Има премногу оружје во државата и можам слободно да се обложам дека огромен дел е нелегално. А и тоа што е легално, сметам дека не е издадено според предвидените критериуми. Има и такво што е издадено во согласност со стандардите, но станува збор за мал дел. Државата едноставно ги испушти конците и сега тешко оди враќањето во нормала. Паметам од времето на поранешна Југославија, кога некој ќе поднесеше барање за набавка и дозвола на ловечка пушка, тоа траеше многу долго. Полицијата подолг период неформално разговараше со соседите за да изгради карактерна слика на човекот, дали лесно избувнува, како го контролира бесот, како превентива утре да не потегне по оружјето ако се скара со некого. И критериумите беа многу строги, многу луѓе, ако не и повеќето, беа одбивани. Денес речиси секој има пиштол, автоматско оружје, небаре сме на Дивиот Запад. И никој не оди да го собере тоа оружје, сите се поврзани со некого по некоја линија, а од друга страна сведоци сме на изгубени човечки животи од употреба на огнено оружје – вели Јаневски.
И обајцата соговорници сметаат дека институциите треба да ја заострат политиката на издавање дозволи за оружје, но и да ги зачестат акциите за собирање нелегално оружје, сето тоа проследено со огромни казни за да се демотивираат набавката и поседувањето вакво оружје.

Драконски казни за сопствениците на нелегално оружје

Експертите сметаат дека институциите треба да почнат да ги фаќаат испуштените конци во оваа исклучително чувствителна област бидејќи не е нормално земја со толку малку население, која е во срцето на Европа, да биде во врвот според жртвите предизвикани од употреба на огнено оружје.
– Претендираме да станеме дел од Европската Унија, а статистиката говори дека сме трети во Европа според стапката на смртност од огнено оружје. Тоа е крајно поразително. Македонија се преплави со огромен број нелегални парчиња на оружје најпрво кога беа ограбени магацините со оружје во соседна Албанија. Тоа оружје остана тука, во регионот, се употреби за вооружување на ОВК на Косово, како и на ОНА во Македонија. Не случајно најпрво се случи конфликтот на Косово што доведе до интервенцијата на НАТО, за потоа конфликтот да се префрли во земјава во 2001 година. Оружјето беше потребно за тие операции. По завршувањето на воените дејства никој не го врати оружјето, а за време на овие симболични акции за собирање на оружјето беа враќани некои дотраени музејски експонати, најчесто неупотребливи, колку да се замачка целата работа, а сето преостанато функционално оружје и натаму остана исчистено и заклучено во креденците за некои идни времиња. Еве го сега го гледаме секој ден во пресметките – велат познавачите на состојбите.
Според нив, единствен начин да се стави крај во хаосот со зачестената употреба на оружје е драстично заострување на казнената политика, но и заострување на критериумите кој сѐ може да добие дозвола за огнено оружје.
– Институциите мора да почнат да постапуваат како систем. Најпрво да се донесат строги закони, односно за секој што поседува нелегално оружје да следуваат затворски казни над десет години, а полицијата постојано неселективно да постапува и да спроведува акции за заплена на оружјето. Не смее да се дозволи толкаво присуство на оружје на улиците. Веќе нема никаква контрола, се пука во човек само затоа што не му дал некому предимство на минување во сообраќај. Тоа е страшно. Во општество каде што се загубени сите морални вредности, прашање на време е кога ситуацијата ќе ескалира и ќе почне да се пука за најмала ситница. Затоа неопходно е институциите да воспостават ред во оваа област за да го намалат овој висок процент на убиства со огнено оружје и да го сведат на нула или на некаков симболичен процент како што е во Норвешка или Велика Британија, каде што дури ни полицијата не носи оружје. Кон такво нешто треба да стремиме ако сакаме граѓаните да ни се чувствуваат безбедно – констатираат безбедносните експерти.