Фото: Игор Бансколиев

Со скратувањето на финансиската помош за печатените медиуми, а имајќи ги предвид растечките цени на хартијата, Владата свесно ги става весниците пред свршен чин, односно ги става во позиција да мораат да стават клуч на редакциите. Сето ова говори за еден несериозен однос на државата кон печатените медиуми и немање чувство за вистинските потреби на општеството да биде навремено и точно информирано, од проверени и релевантни извори какви што се весниците. Според упатените, најжално во целата ситуација е што нешто што е градено макотрпно со години, со труд, со јавни дебати, со експерти од странство, со препорака од ЕУ, ОБСЕ и целата меѓународна заедница, сега прекуноќ некој се обидува бесрамно да го урне

Наместо усогласување со Европа,
девалвирање на досега постигнатото

Државата од година на година ја намалува помошта за печатените медиуми, но се чини дека годинава со ребалансот на буџетот се предвидува оваа помош да се сведе на симболични 10 милиони денари, односно околу 150.000 евра, што претставува потценувачки однос кон медиумите од страна на земја што има намера да почне преговори со Европската Унија. Токму слободата на медиумите, но и богатството на печатени весници, говори за еден широк демократски капацитет на една земја што претендира пред Европа да се претстави како вистински кандидат што целосно ги хармонизирал домашните практики со европските, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на грижата за печатените медиуми.
Истовремено тоа говори и за капацитетот на секоја власт да се соочи со судот на јавноста, но и широката палета на различни ставови, мислења, анализи, кои се основа на професионалното новинарство и врз кои се темелат традиционалните печатени медиуми. Во таа насока зачудува одлуката на Владата драстично да ја скрати помошта за весниците, кога истовремено истури еден куп буџетски пари покривајќи финансиски дупки на дел од локалните самоуправи, за финансиска помош на домаќинствата, за повисоки плати на разни категории, за помош на угостителите, за набавка на мебел и луксузни службени возила итн.
Сето ова говори за еден несериозен однос на државата кон печатените медиуми и немање чувство за вистинските потреби на општеството да биде навремено и точно информирано, од релевантни извори какви што се весниците.
Со скратувањето на финансиската помош за печатените медиуми, а имајќи ги предвид растечките цени на хартијата, Владата свесно ги става весниците пред свршен чин, односно ги става во позиција да мораат да стават клуч на редакциите.
Тоа индиректно значи дека медиумскиот простор во Македонија ќе биде преплавен со информации собрани од социјалните мрежи и од непроверени извори за кои нема ниту импресум, што од друга страна остава простор за дополнително поттикнување на ширењето лажни вести.

– Од 50 милиони колку што беше првичната помош, сега нè враќаат на 10 милиони. Да биде трагедијата уште поголема, со претходните проекции на буџетот воопшто не беше планирана никаква помош за печатените медиуми, но со ребалансот решија да ги доделат тие 10 милиони колку да се замолчат критичарите и медиумите да им бидат благодарни и за тоа што им го даваат – вели Лирим Дулови, претседател на Асоцијацијата на печатени медиуми на Македонија.
Според него, актуелната влада нема никакво чувство, но и волја да им помогне на печатените медиуми во услови на криза.
– Ова е несериозно и не е резултат на актуелната криза, колку што е резултат на немањето сенс и волја да им се помогне на печатените медиуми. Инаку, намалувањето е од 50 милиони на 10 милиони, а со овој сооднос не е намалено ништо друго во буџетот. Само од помошта за печатените медиуми се намалени 80 отсто од сумата. Едноставно овие луѓе немаат сенс, за разлика од претходната гарнитура, која знаеше колкава е важноста на печатените медиуми – истакнува Дулови.
Тој додава дека со ова Македонија прави голем чекор наназад и дека се урнисува нешто што со години е градено и што добило поддршка и од меѓународната заедница.
– Кога беше постигнат договорот за помош на печатените медиуми, тоа беше нотирано како позитивен чекор во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Позитивна оцена имаше и од меѓународната заедница за целиот тој процес. Најжално е што нешто што е изградено со многу широк консензус во ова општество, едно од ретките прашања за кое постоеше така широк консензус и за кое некој се трудеше со години сите да ги анимира и да ги запознае со состојбите во печатените медиуми и сите придобивки од овој процес, министерот за финансии и премиерот го рушат прекуноќ. Тоа е најжално во целата ситуација, нешто што е градено макотрпно со години, со труд, со јавни дебати, со експерти од странство, со препорака од ОБСЕ, бесрамно да се урне – потенцира Дулови.
Според него, скратената помош ќе влијае врз печатените медиуми што се доведени на работ на егзистенција, со што се отвора можност за ширење лажни вести.
– Се загрозува вистинското информирање, тоа ќе се сведе на пласирање информации од социјалните мрежи и после ќе се жалиме дека има наплив на лажни вести. Впрочем, со уништување на печатените медиуми, само се поттикнува ширењето лажни вести. Ние буквално сме ставени пред свршен чин и како што стојат работите, медиумите, најверојатно, ќе бидат принудени да затворат – рече Дулови, притоа додавајќи дека овој министер за финансии и премиерот ќе останат запаметени како главни виновници за затворање на печатените медиуми.
Тој уште најави дека во текот на следната недела членките на здружението ќе одржат состанок и ќе одлучат како ќе го изразат своето незадоволство.
Новинарот со долгогодишно искуство токму во печатените медиуми Мирче Адамчевски смета дека со кратењето од помошта за печатените медиуми, Владата не сфаќа дека тоа сериозно ќе се одрази врз нивното работење.

– Со оваа помош што е предвидена со ребалансот на буџетот весниците не можат да опстанат. Печатените медиуми ќе се затворат и како никому да не му е гајле за тоа. Ако почнеме преговори со ЕУ, тогаш Брисел ќе ги стави на маса овие работи, па ќе видат што направиле и каде погрешиле – смета Адамчевски.
Според него, печатените медиуми треба да преземат некаква акција и да го изразат своето незадоволство.
– Ова е срамота, треба да се реагира во јавноста. Тешко ќе биде. Оние што ги прават математиките во министерските кабинети гледаат само да скратат од трошоците, без да знаат како тоа ќе се одрази конкретно во работењето на печатените медиуми. Во ваква ситуација, единствено сопствениците да помогнат финансиски одреден период додека да се стабилизира ситуацијата, друг спас нема. Нема да помине многу време додека и ЕУ да ја опомене Владата за ова што го прави со медиумите – појаснува Адамчевски.


Какви се искуствата во европските земји

Искуствата во другите европски земји говорат дека таму исклучително се цени печатеното новинарство и за таа цел државите одвојуваат сериозни средства за да им помогнат на весниците да опстанат во време на силен пробив на електронските медиуми.
Во европските држави е посебно важно да постојат печатени медиуми, чиј кредибилитет е далеку поголем, за разлика од порталите, кои од ден на ден постојано се множат, а релевантноста на информациите што ги пласираат често се доведува под прашалник.
Земјите од ЕУ се свесни дека поради дигитализацијата, печатените медиуми не можат рамноправно да се носат, па затоа наоѓаат разни начини финансиски да го помагаат нивното работење.
Австрија во 2017 година за директно субвенционирање на печатените медиуми издвоила 8,5 милиони евра, а Франција 262 милиони евра. Вкупните субвенции во Франција за медиумите се далеку повисоки и надминуваат милијарда евра на годишно ниво.
Во Норвешка постојат директни субвенции што им се делат на весниците и во 2018 година за тие субвенции се издвоени вкупно 38 милиони евра.
Во Шведска директните субвенции законски се воведени во 1990 година, а за распределба е задолжен Советот за субвенции за печатени медиуми.
Со Уставот на Португалија е пропишана обврска на државата да ги поддржува печатените медиуми и во таа насока постои индиректна и директна државна помош, преку која се распределуваат 1,5 милион евра.
Во одделни земји има олеснувања во работата и преку таканаречена индиректна помош од државата – или преку пониска стапка на ДДВ или дури и со нулта даночна стапка, каков што е случајот во Обединетото Кралство, Белгија и во Данска.